1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Антисемитизам меѓу муслиманите во Германија

21 април 2023

Дали предрасудите или омразата кон Евреите се пораспространети меѓу муслиманите или луѓето со мигрантско потекло? Истражувањата се понекогаш контрадикторни.

https://p.dw.com/p/4QOLc
Синагога Хаген
Во Германија, еврејските институции, како што е синагогата во Хаген, се штитат со полицијаФотографија: Henning Kaiser/dpa/picture alliance

Велика Сабота, среде Берлин, палестински митинг со неколку стотици луѓе. Членови на здружението Демок, кое ги зема под лупа антидемократските движења, ги набљудуваа демонстрациите и подоцна објавија видео. Според Демок, учесниците неколкупати извикувале „смрт, смрт, смрт Израел“. Освен тоа, човек од комбе со звучници извикувал „Смрт за Евреите!“.

Службата за државна безбедност отвори истрага, две планирани пропалестински демонстрации набргу потоа беа забранети, а израелскиот амбасадор во Германија, Рон Просор, оцени дека демонстрантите ја преминале „секоја можна црвена линија“. Тој на Твитер напиша дека учесниците ги злоупотребиле слободите во Германија за да повикаат на „уништување на Израел и Евреите“. За сојузниот министер за правда Марко Бушман постои првично сомневање за поттикнување омраза меѓу народите.

Истражувачката ситуација е релативно „тенка“

Ваквите демонстрации им се вода на мелницата на оние кои веруваат дека антисемитизмот е многу поизразен меѓу муслиманите и луѓето со мигрантско потекло отколку кај луѓето без мигрантско потекло и немуслиманите.

Но, Зина Арнолд од Центарот за истражување на антисемитизмот на Техничкиот универзитет (ТУ) Берлин вели: „Во зависност од тоа каков тип на антисемитизам гледате, луѓето со мигрантско потекло и муслиманите покажуваат поголем или помал антисемитски став од луѓето без мигрантско потекло или немуслиманите“.

Зина Арнолд за ТУ Берлин, а по налог на платформата Медиумски сервис Интеграција, ги анализираше и сумираше најважните истражувања на оваа тема и вели дека не може да се даваат паушални изјави за антисемитизмот во испитуваните групи на население.

Арнолд е и раководителка на проекти на Истражувачкиот институт за социјална кохезија и со години ги проучува ставовите кон јудаизмот, холокаустот и конфликтот на Блискиот Исток. Притоа, таа ги истражува причините за антисемитските ставови кај бегалците и другите доселеници. Речиси ново поле, бидејќи истражувачката ситуација за оваа мошне експлозивна тема сè уште е релативно „тенка“. Од друга страна, постојат бројни научни студии кои покажуваат дека антисемитизмот е широко распространет феномен во германското општество.

Зина Арнолд ТУ Берлин
Зина Арнолд: Антисемитизмот не се изразува само како став, туку и како акцијаФотографија: Ruthe Zuntz

Антисемитизмот поврзан со Израел зависи од должината на престојот

Антисемитските инциденти, како оние во Берлин непосредно пред Велигден, спаѓаат во категоријата на антисемитизам поврзан со Израел. На пример, кога политиките на Израел се поистоветуваат со националсоцијализмот, кога Евреите ширум светот се обвинуваат за политиката на Израел или кога се негира правото на Израел на постоење. Според Арнолд, тоа е почесто кај луѓето со мигрантско потекло отколку кај луѓето без мигрантско потекло.

„Студиите кај луѓето со мигрантско потекло гледаат поврзаност со должината на престојот. Колку подолго мигрантите живеат во Германија, толку помало е одобрувањето на антисемитски изјави“, го објаснува Арнолд таканаречениот ефект на акултурација, „т.е. усогласување со официјалното табу на антисемитизмот во германското општество“.

Секундарниот антисемитизам е помалку изразен кај муслиманите

Во некои земји на потекло антисемитизмот е пораспространет отколку во Германија и често е дел од државната пропаганда. Антисемитизмот поврзан со Израел е поизразен и кај муслиманите. „Објаснувачки обрасци се верската ориентација, авторитарниот конзервативен став и регионалното и националното потекло. Значи, еден институционален антиционизам што се јавува во некои од овие региони“, вели експертката за антисемитизам.

Антисемитизам - зошто толку упорно опстојува

Меѓутоа, сосема поинаква слика има кога станува збор за секундарниот антисемитизам. Значи, кога Холокаустот се релативизира или негира, кога се бара да се повлече линија под минатото или кога реторички се заменува позицијата на жртвите и сторителите. „Ова е поретко меѓу луѓето со мигрантско потекло, вклучително и муслиманите, бидејќи оваа форма на антисемитизам вклучува соочување со сопствената германска семејна историја, што е веројатно помалку релевантно за луѓето со мигрантско потекло“, вели Арнолд.

Студиите за класичен антисемитизам се контрадикторни

Третата категорија е класичен антисемитизам. Предрасуда или светоглед во кој на Евреите им се припишуваат одредени биолошки, „расни“ или културни карактеристики. Овие стереотипи често се комбинираат за да се создадат теории на заговор. „Во овој дел истражувањата се всушност контрадикторни. Има студии кои наоѓаат повисоки, други слични, трети пак пониски вредности кај луѓето со мигрантско потекло во споредба со луѓето без мигрантско потекло“, вели Арнолд. „Но, антисемитизмот е највисок кај луѓето со мигрантско потекло кои немаат германско државјанство“.

Антисемитизмот тука станува и прашање на генерации и на потекло. На пример, доселениците почесто се согласуваат со антисемитските изјави отколку нивните деца кои добиле германско државјанство. Големи разлики има и во однос на матичните земји. „Одобрувањето на антисемитски изјави е помало кај луѓето со мигрантско потекло од земјите-членки на ЕУ во споредба со луѓето со турско или арапско мигрантско потекло“.

Паралели со ставовите на гласачите на АфД

Според истражувањето на Арнолд, кај повеќе од пет милиони муслимани во Германија одобрувањето на класичен антисемитизам е генерално поголемо отколку кај немуслиманите. Можно објаснување за тоа покрај догматско-фундаменталистичкото или традиционално-конзервативното толкување на религијата и арапскиот национализам, е и личната погоденост од блискоисточниот конфликт.

Патем, „Берлин монитор“ во 2019 година дојде до интересен заклучок дека муслиманите со антисемитско расположение „не се разликуваат во однос на нивниот канон на вредности и потенцијал на ставови од конзервативните и авторитарни кругови на (немуслиманското) германското население“, значи од некои гласачи на АфД, бидејќи антисемитизмот не е толку ефект на религијата колку на конзервативно-авторитарните ставови.