Бундестаг: Странците полесно до работа во Германија
23 јуни 2023Бундестагот во петокот конечно ја усвои реформата на законот за имиграција, насочен кон охрабрување на поголем прилив на работна сила од земјите надвор од ЕУ во Германија.
„Овој предлог-закон овозможува напредок во Германија“, рече министерката за внатрешни работи Нензи Фејзер при презентацијата на владиниот план во парламентот. Таа дополни дека измените ќе функционираат само доколку се намалат бирократските пречки при имплементацијата.
„Недозволиво е да треба да пополните 17 различни апликации за да доведете нов негувател во земјава“, рече Фејзер.
Најголемата опозициска партија, конзервативната ЦДУ/ЦСУ поздрави дел од владините предлози, но пратениците ги критикуваа плановите за намалување на квалификациските барања за работниците од странство. Според Андреа Линдхолц од ЦСУ, планот да се намали дозволеното ниво на познавање на германски јазик ќе охрабри само прилив на ниско обучена работна сила.
Норберт Клајнвехтер од десно-радикалната популистичка Алтернатива за Германија, остро го отфрли предлог-законот, оценувајќи дека владиниот план ќе ја претвори Германија во „земја на отпад“.
„Ова што сте го предложиле на 100 страници може да биде сумирано во една реченица. Секој може да влезе, но никој нема да биде исфрлен“.
Новата „Карта на можности“
Најголемата иновација во законот е новата „карта на можности“ и системот на поени кој се воведува со неа, што им овозможува на странците кои се уште немаат работа да дојдат во Германија и во рок од една година да бараат на лице место. Предуслов за добивање на картата е квалификација или универзитетска диплома. Картата ќе ја добиваат оние кои исполнуваат сет услови, за што ќе бидат бодувани: познавање на германски или англиски јазик, постоечки врски со Германија, и потенцијал за придружување на животен партнер или сопружник на германскиот пазар на трудот.
Картата на можности ќе овозможува и привремена работа на 20 часа неделно додека се бара постојана работа, како и пробно вработување.