1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Работа во Германија: Расправа околу доселувањето

ЕМФ | агенции
27 април 2023

Контроверзна дебата во германскиот Бундестаг околу доселувањето на квалификувани работници од странство.

https://p.dw.com/p/4QcX6
Прво читање на предлог законот за доселување на квалификувани работници во Бундестагот
Прво читање на предлог законот за доселување на квалификувани работници во БундестаготФотографија: Jens Krick/Flashpic/picture alliance

Планираното поедноставување на процесот на доселување на квалификувани работници од странство доведе до контроверзна дебата во германскиот Бундестагот. Министерката за внатрешни работи, Ненси Фезер, и министерот за труд, Хубертус Хајл (двајцата од СПД) го бранеа предлог законот за доселување на квалификувани работници од критиките во текот на парламентарната расправа. „Недостигот од квалификувани работници ѝ штети на нашата земја“, рече Фезер во Берлин.

Недостигот претставува кочница кога се работи за важни прашања на иднината, како што е заштитата на климата, вели Фезер и наведува дека само за проширување на користењето сончева и ветерна енергија моментално недостигаат повеќе од 200.000 квалификувани работници, пред сѐ електричари, техничари за климатизација и информатичари. Работите не смеат да останат вакви, опомена Фезер, додавајќи дека недостигот од квалификувани работници ја загрозува економијата и просперитетот.

Ненси Фезер
Ненси Фезер: Недостигот од квалификувани работници ѝ штети на нашата земјаФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Партиите од опозициската Унија (ЦДУ и ЦСУ), пак, ги критикуваа плановите на владеачката коалиција (СПД, Зелените и ФДП). Предлог законот има некои „позитивни аспекти“, а потребно е и насочено регрутирање на специјалисти од трети земји, призна пратеникот Александар Тром (ЦДУ), но сепак критикува дека владата сакала да ги намали барањата за квалификации за доселување. Со тоа власта ја менува целта за регрутирање висококвалификувани луѓе во „имиграција на помалку квалификувани луѓе“, оцени Тром.

Херман Грее: Германија веќе има модерен закон за имиграција, но во пракса тој мора да стане побрз и подобар
Херман Грее: Германија веќе има модерен закон за имиграција, но во пракса тој мора да стане побрз и подобарФотографија: Jens Krick/Flashpic/picture alliance

Заменик шефот на парламентарната група на Унијата, Херман Грeе (ЦДУ), додаде дека Германија веќе има модерен закон за имиграција, но во пракса тој мора да стане побрз и подобар, а тоа, според него, новиот предлог закон не го овозможува. Меѓу другото, Унијата предлага формирање на нова Агенција за доселување на квалификувани работници. „Ние сакаме да бидеме попривлечни за квалификуваните. Вие сакате да ги поканите оние кои не се квалификувани“, рече Грeе.

Политичарката на парламентарната група на АфД, Герит Хуј, исто така ја обвини владата дека регрутира помалку квалификувани работници бидејќи Германија веќе не била привлечна за висококвалификувани работници. Тоа, според неа, ќе ги влоши проблемите во државата.

Хубертус Хајл
Хубертус Хајл: Ни требаат раце за помош и паметни умовиФотографија: Jens Krick/Flashpic/picture alliance

Министерот за труд Хајл ги отфрли критиките. Тој ја обвини Унијата дека очигледно сака да дојдат само академици, но не и професионално добро квалификувани луѓе: „Но нам ни требаат раце за помош и паметни умови“, нагласи Хајл. Со оглед на тоа што  генерацијата на т.н. „бејби бумери“ ќе се пензионира во наредните години, политичарите мора да направат сѐ што е можно за да одговорат на недостигот на работна сила. Во спротивно постои ризик од недостиг од седум милиони работници до 2035 година, предупреди министерот за труд.

Со предлог законот за квалификувана имиграција владеачката коалиција сака да го олесни доселувањето на квалификувани работници. Странските државјани од земји кои не се членки на ЕУ во иднина ќе треба да можат да доаѓаат да бараат работа во Германија со „карта на шанси“ заснована на систем на бодови. Работници со диплома за професионална квалификација и искуство ќе треба да можат да дојдат и без претходно Германија да им ги признае квалификациите. Тие ќе можат да го прават тоа (признавање на дипломата) и подоцна. За странците со диплома признаена од Германија, пречките, како што е пропишаната минимална плата, ќе бидат намалени.

Шефицата на парламентарната група на Зелените, Катарина Дреге, ја обвини Унијата дека продолжува да поттикнува незадоволство против странските работници. На Германија ѝ треба култура на добредојде за да може да биде во чекор со другите земји, потенцира Дреге. Насекаде се итно потребни квалификувани работници и секој што ќе одлучи против олеснување на правилата за имиграција, одлучува против германската економија, уверена е таа.

Денешната (27.04) расправа во Бундестагот е прво читање на предлог законот. За него ќе се расправа и во комисиите, а потоа ќе се врати на пленарна седница на парламентот за конечно гласање. Законот би требало да стапи во сила најрано од 1 декември.