1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германски неуспех во Авганистан

10 февруари 2024

Германската влада во 2021 година предоцна препозна дека талибанските исламисти ја преземаат власта. И премалку им обрна внимание на тамошните соработници кои се загрозени, покажува истражувањето на магазинот „Цајт“

https://p.dw.com/p/4azKM
конфликт во Авганистан
Успеале: локални соработници од Авганистан по пристигнувањето во ГерманијаФотографија: Patrick Pleul/dpa-Zentralbild/dpa/picture alliance

Ова е приказна за свртувањето на главата на друга страна, за игнорирање, за катастрофално погрешна политичка проценка. Ова е приказната за Авганистан и Германија во летото 2021 година. А, се работи за тоа зошто германската влада не забележала дека исламистичките талибанци насилно ја преземаат власта во таа земја и зошто не се грижела доволно за илјадниците локални соработници на германскиот Бундесвер во Хиндукуш.

Истражување на „Цајт“

Приказната ја објави „Цајт“. Новинарите на тој германски неделник добија пристап до илјадници страници со досиеја, белешки, дневни извештаи, мејлови од германски министри и записници од состаноци на државните секретари, како и до оние од кабинетот на канцеларката. Всушност, станува збор за строго доверливи документи кои, сепак, протекоа во весниците.

Во тоа време, во 2021 година, Германија сè уште беше управувана од коалиција на демохристијаните (ЦДУ/ЦСУ) и социјалдемократите (СПД). Канцеларка беше Ангела Меркел, а изборите за Буднестаг требаше да се одржат за само неколку недели. Заборавената војна во Авганистан беше уште подалеку од вообичаеното и претстојните промени во таа земја воопшто не беа во фокусот на Германците.

Предупредувања од амбасадорот од САД

„Цајт“ пишува дека германската амбасадорка во САД, Емили Хабер на 6 август известила дека САД наскоро ќе го напуштат Авганистан и дека Американците веруваат дека тоа веројатно значи крај на владата во Кабул, која ја поддржува Западот. На почетокот, сепак, Берлин воопшто не реагираше. Кризниот тим требаше да се формира дури на 16 август, иако во меѓувреме почнаа да пристигнуваат се повеќе информации за враќањето на талибанците на власт.

Непосредно пред германската влада конечно да се соочи со реалноста, кога талибанците го зазедоа главниот град Кабул на 15 август, таа кризна средба беше набрзина одржана на 13 август.

Емили Хабер
Пред многу други, таа предупреди за талибанците: германската амбасадорка во САД, Емили ХаберФотографија: Bernd von Jutrczenka/dpa/picture alliance

Шолц зборува за ДВ, неколку дена пред падот на Кабул

Два дена претходно, на 11 август, тогашниот германски министер за финансии Олаф Шолц даде интервју за Дојче веле. Социјалдемократот тогаш беше кандидат на неговата партија за канцелар на есенските избори, на кои на крајот ќе победи. Но, во тој момент, на 11 август, новинарите на ДВ го прашаа зошто Германија сè уште ги депортира во Авганистан оние на кои им беше одбиен азил и дали ситуацијата таму станала премногу опасна. Шолц одговори вака: „Германија е земја која прими многу бегалци, но подготвеноста да ги прифати исто така имплицира дека некој што извршил тешки криминални дела во Германија не може да очекува дека ќе може да остане тука“.

Шолц не кажа ништо за ситуацијата во самиот Авганистан. На прашањето зошто амбасадорите на многу земји од ЕУ веќе не мислат дека таквите депортации се оправдани, тој рече: „За тоа постои соодветна процедура, која не се заснова на мислења , туку на проценка на ситуацијата, која се заснова на голема количина на информации за состојбата на лице место“. И токму тоа е процедурата што се одвива редовно, вклучително и во Авганистан“, рече Шолц.

Но, весникот „Цајт“ во својот извештај дава пример кој јасно покажува дека германската влада тогаш не била информирана за реалната состојба во Авганистан. На 3 август, Федералната разузнавачка служба (БНД), на прашањето од германската влада кога талибанците би можеле да формираат сопствен емират, одговори: „Според сегашната проценка, ова е сценарио кое најверојатно ќе се одигра за две години на најрано“.Две недели подоцна, Авганистан беше во рацете на исламистите.

Родерих Кизеветер
Родерих Кизеветер (ЦДУ): Сè уште имаме одговорност за локалниот персоналФотографија: Bernd Elmenthaler/IMAGO

Неподготвеност да се спасат локалните соработници

Има уште: во средината на август, другите земји - САД, Велика Британија, Холандија и Данска - почнаа да ги евакуираат своите граѓани и локалниот авганистански персонал. Но, не и Берлин. Операцијата за спас на Германците започна дури на 16 август. Војниците на Бундесверот водеа жестоки битки со талибанците повеќе од десет дена на аеродромот во Кабул со цел да дозволат што е можно повеќе луѓе да полетаат кон дома. 

Авганистан
Жените во Кабул протестираат против талибанците кои ги затвораат салоните за убавинаФотографија: AFP/Getty Images

Денес, речиси две и пол години подоцна, за Родерих Кизеветер, експерт на ЦДУ за надворешна политика и безбедност во Бундестагот, Авганистан е симбол на надворешна политика без решителност и сила. Тој изјави за ДВ: „Написот на Цајт во суштина го покажува стратешкото слепило на германската безбедносна политика, политика која ги игнорира предупредувањата, се обидува да избегне преземање одговорност преку расправија за јурисдикцијата и самата придонесува за хуманитарна катастрофа со непреземање навремени, проактивни мерки“.

Локален персонал и изборна кампања

Денес, Анкетната комисија на Бундестагот првенствено се занимава со тоа зошто локалниот авганистански персонал беше толку колебливо прифатен во Германија. Како што пренесува Цајт, особено е проблематично она што може да се прочита во белешката од кабинетот на канцеларот, во која е цитиран тогашниот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер (ЦСУ), кој рекол: „Во следните неколку недели не треба да започне никаква поголема дискусија за бегалците“. Затоа што прифаќањето бегалци е лоша тема за време на изборната кампања.

Само тогашната министерка за одбрана, Анегрет Крамп-Каренбауер (ЦДУ) се залагаше за великодушно прифаќање на локалниот персонал, доколку падне владата во Кабул. Крамп-Каренбауер се залагаше за тоа за прв пат во декември 2020 година, а потоа го повтори неколку пати.

Официјално - според „Цајт“ - со авион биле однесени околу 5.340 луѓе, меѓу кои 216 локални жители, односно луѓе кои по природата на работата и поради тоа што со години работеле за Германците, ја навлекувале омразата на Талибанците. Сепак, според германскиот весник, околу 12.000 од нив се уште чекаат да отпатуваат во Германија.

Олаф Шолц
Неколку дена пред талибанците да влезат во Кабул, Олаф Шолц даде интервју за ДВФотографија: DW/R. Oberhammer

Денес, Германија практично нема влијание врз Авганистан

Денес, сепак, способноста на германската влада да направи се за народот на Авганистан е крајно ограничена. Родерих Кизеветер за ДВ вели: „Сепак, сè уште имаме политичка одговорност за локалните соработници и нивните семејства кои чекаат да ја напуштат земјата. И ние исто така имаме морална одговорност за авганистанското цивилно население, особено за жените кои се соочуваат со социо-економска и чисто економска катастрофа“.

Повеќе од 17 милиони авганистански граѓани се изложени на ризик од акутен глад, а над шест милиони се погодени од вонредна состојба во врска со снабдување со храна.

На 16 ноември 2001 година, Бундестагот, сè уште под влијание на нападот врз САД на 11 септември истата година, одлучи да се вклучи во борбата против тероризмот во Авганистан. На почетокот на 2015 година Бундесверот доби нов мандат, оттогаш е задолжен за обука на авганистанската армија. За време на целата мисија во Авганистан животот го загубија 53 германски војници.

Денес, Родерих Кизеветер извлекува отрезнувачки заклучок: „Германија практично повеќе нема никаква улога во Авганистан, бидејќи талибанската влада не е призната, што значи дека испораката на хуманитарна помош или економската соработка во принцип не е возможна“.

Во 2001 година, Германија сакаше да им донесе слобода и демократија на Авганистанците, но повеќе од две децении подоцна, од тоа не остана речиси ништо.