Животот на Авганистанците по доаѓањето на талибанците
15 август 2022Светот беше изненаден кога талибанците го презедоа Кабул на 15 август минатата година, речиси без никаков отпор од силите на поранешниот претседател Ашраф Гани. Исламската фундаменталистичка група успеа да си ја врати власта откако САД го собори талибанскиот режим во 2001 година со воена инвазија.
Експертите велат дека падот на владата на Гани беше извесен во моментот кога НАТО силите во мај 2021 година почнаа да се повлекуваат од земјата опустошена од војната. Ова беше резултат на договорот на Вашингтон со талибанците од февруари 2020 година. Но, речиси никој не очекуваше земјата толку бргу да падне во рацете на милитантите. Освен геополитичкото влијание од враќањето на власт на талибанците, од минатата година драстично се промени и животот на обичните Авганистанци - во најголем дел на полошо.
Уназаден прогрес
И покрај критиките против владите поддржани од САД во Авганистан по соборувањето на талибанците во 2001 година, земјата во последниве две децении постигна напредок на неколку фронтови. Независните медиуми процветаа за време на поранешните претседатели Хамид Карзаи и Ашраф Гани, имаше значително подобрување во однос на човековите права, голем број девојчиња почнаа да одат на училиште и на универзитет, а средната класа во Авганистан доживеа релативен просперитет во истиот период. Во текот на изминатите дванаесет месеци, овие достигнувања во голема мера беа уназадени.
Талибанците не исполнија голем дел од ветувањата од договорот од Доха во 2020-тата. Одбиваат да формираат инклузивна влада во земјата, на девојчињата над 6 одделение веќе не им е дозволено да одат на училиште, на жените не им е дозволено да работат во повеќето сектори, ниту пак да се шетаат во јавните паркови без машка придружба. Авганистанската економија сега е во слободен пад, а ОН предупредуваат на хуманитарната катастрофа што се случува во земјата. Откако ја презедоа власта, талибанците вршат притисок врз меѓународната заедница да ги признае како легитимни владетели во Авганистан.
Меѓународното признавање е од клучно значење за талибанците да избегнат потенцијален економски колапс. Милиони Авганистанци се без работа, а нивните банкарски сметки се замрзнати. Многу луѓе ги продаваат своите имоти за да купат храна, при што во урбаните средини за првпат имаат недостаток на храна како во руралните области. Во јануари, Обединетите нации го упатија „најголемиот апел досега“ за хуманитарна помош за една земја, велејќи дека се потребни 4,4 милијарди долари (3,9 милијарди евра) за во Авганистан да се спречи дополнително влошување на „најбрзо растечката хуманитарна криза во светот“. Но, меѓународната заедница не сакаше да им ја даде оваа помош директно на талибанците, плашејќи се дека тие ќе ги искористат парите за купување оружје. Од истата причина, Вашингтон одби да ги одмрзне банкарските средства на Авганистан.
Влошени правата на жените
Според ОН, Авганистан е единствената земја во светот каде на девојчињата не им е дозволено да посетуваат средно училиште. Голем број жени кои работеа на различни позиции во претходните администрации - од министерско ниво до канцелариски службеници - беа испратени дома уште во првите месеци откако талибанците ја презедоа власта. Многу Авганистанки излегоа на улиците за да протестираат против угнетувачките одлуки на талибанците. Беше употребена и сила за да се задушат протестите, а многу од активистките беа уапсени.
„Помалку од една година по преземањето на Авганистан од страна на талибанците, нивната драконска политика лишува милиони жени и девојки од нивното право да водат безбеден, слободен и исполнет живот“, изјави уште во јули Агнес Каламар, генерален секретар на Амнести интернешенл.
И покрај пресијата од исламистичките власти, многу авганистански жени сѐ уште се борат да го кажат своето мислење.
Неколку жени активистки ја напуштија земјата, но најмалку пет групи за женски права се и натаму активни. Некои од нив на социјалните медиуми го креваат својот глас против апсењата, присилните исчезнувања, физичкото и психолошко злоставување.
Жолија Парси, адвокат за човекови права, за ДВ вели дека избира да продолжи со својот протест заради обезбедување на иднина на нејзините деца.
„Една од моите ќерки требаше да студира, додека другата требаше да биде втора година гимназија. Нивната психолошка состојба не ми дава друг избор освен да протестирам. Додека не ни ги вратат правата, нема да ме замолчат,“ вели таа.
Слободните медиуми под закана
Талибанците ги сметаат независните медиуми за непријателски. Медиумската сфера во периодот меѓу 2001 и 2020 година напредуваше со подеми и падови, но сега илјадници авганистански новинари се во егзил или без работа.
Според Репортери без граници, 43% од авганистанските медиуми се затворени во последните три месеци. „Од 10.780 лица вработени во авганистанските редакции (8.290 мажи и 2.490 жени) на почетокот на август 2021 година, во декември работеа само уште 4.360 (3.950 мажи и 410 жени), односно четворица од десет новинари“, констатира организацијата.
Мохамад Зија Бумија, шеф на Здружението на јужноазиски слободни медиуми задолжен за Авганистан, за ДВ вели дека по падот на владата на Ашраф Гани многу авганистански медиуми ја прекинале својата работа поради што стотици новинари останале без работа.
Талибанците и влошената економска состојба се причина и за распадот на медиумската сфера, вели тој.
„Талибанците воведоа строга цензура во медиумите - на вестите, но и на забавниот дел“, додава тој.
Репортери без граници велат дека жени новинарки повеќе страдаат откако талибанците ја презедоа власта во земјата.
„Талибанците се обидоа да ме уапсат во повеќе наврати. Повеќепати ме посетија во мојот дом. Кога го предупредија моето семејство, немав друг избор освен да ја напуштам земјата“, раскажува за ДВ Салеха Ајни, која пребегала во Иран.
Хајатула Муџадиди, шеф на Авганистанската независна новинарска асоцијација, побара од меѓународната заедница поддршка за авганистанските новинари.
Претстои опасност
И покрај сериозноста на ситуацијата, кризата во Авганистан не добива многу внимание од меѓународната заедница, бидејќи Украина и тензиите околу Тајван ја окупираат глобалната агенда.
Некои аналитичари велат дека актуелната ситуација во Авганистан страшно потсетува на геополитичкото сценарио во 1990-тите. Талибанците дојдоа на власт во 1996, но глобалната заедница не ги согледа веднаш можните последици од таквиот развој.
- повеќе: Фотографија на денот: Очај во Авганистан
Настрана од глобалниот фокус - и поради недоволен интерес за авганистанските проблеми - земјата стана центар за локални и меѓународни милитантни групи. Неодамнешното убиство на шефот на Ал Каеда, Ајман Ал Завахири, во Кабул е само еден пример за сеприсутната опасност.
„Талибанците имаат врски со меѓународни терористи. Нивното враќање на власт ги врати и џихадистичките организации во регионот. Како што се консолидираат, нивните тактички и стратешки врски со финансиерите на тероризам ќе зајакнуваат и можно е да го поткопаат мирот и безбедноста во регионот и пошироко”, оценува за ДВ Фарид Амири, поранешен претставник на авганистанските власти.