Германски печат: Бугарија е тајниот спасител на Украина
6 јуни 2023Зошто поддршката во оружје од Бугарија е клучна за Украина? Како држава од поранешниот источен блок Бугарија располага со муниција од советски тип која е неопходна за основните орудија на украинската армија, без оглед на тоа што земјата добива оружје и од Западот, наведува германската телевизија НТВ.
И Полска ја снабдува Украина со муниција од советски калибар, но нема доволно за да ги обезбеди потребите на украинската армија. Бугарија, пак, располага со над 300.000 гранати кои може да ѝ ги достави на Украина. Тие се особено важни за претстојната контраофанзива, затоа што се користат за расчистување на минските полиња пред напредокот на пешадијата.
Втората причина поради која бугарската муниција е клучна за Украина е фактот што Бугарија сѐ уште активно ја произведува, објаснува за НТВ, Норберт Бекман, раководител на канцеларијата на фондацијата Конрад Аденауер во Софија. Информацијата за тоа што точно се произведува и доставува не се објавува, за Русија да не дознае кои орудија најчесто ги користат Украинците и со каква муниција располагаат. „Затоа информацијата е тајна“, вели Бекман.
Новата влада е добра вест за Украина и Западот
Бугарските фабрики за оружје, кои сѐ уште произведуваат муниција од советски калибар, се важни снабдувачи на украинската армија, пишува во анализа и весникот Франкфуртер алгемајне цајтунг (ФАЦ). Шансата да се состави редовна влада на ГЕРБ и ПП-ДБ е сигнал за стабилност кон западните партнери, но и добра вест за Украина, затоа што новата коалиција е прозападна и води политика на поддршка за Киев, пишува ФАЦ.
Во Бугарија тоа не беше секогаш така. „Со делумно нетранспарентни дејствија, претседателот Радев ги користеше преодните влади именувани од него за да ги торпедира испораките на оружје за Украина што ги одобри бугарскиот парламент. Ако се избере оваа влада, овие потези на Радев ќе бидат спречени“, коментира весникот.
„За Путинова Русија, која се радува на симпатиите на околу една третина од бугарското население, и се обидува да влијае врз политичкиот пат на Софија, тоа е неуспех“, пишува ФАЦ.
Норберт Бекман од фондацијата „Конрад Аденауер“ смета дека формирањето на новата влада во Софија може да биде од решавачко значење за поддршката за Украина во следните недели. Тој вели дека е важно ЕУ и НАТО внимателно да ги следат настаните во Бугарија и да се види дали земјата ќе ја надмине перманентната политичка криза и ќе стане стабилен надворешно политички партнер.