1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германски генерал: КФОР може да се справи со ситуацијата

Бахри Цани
31 декември 2022

„Двете страни мора вербално да се разоружаат. Заканите од едната страна се исто толку опасни како и заканите од другата страна“, вели поранешниот командант на КФОР, германскиот генерал Ерхард Билер во интервју за ДВ.

https://p.dw.com/p/4LZbP
Косово Митровица
Патрола на КФОР во МитровицаФотографија: Vudi Xhymshiti/AA/picture alliance

ДВ : Господине Билер, како ја оценувате моменталната состојба на северот на Косово? Колку е сериозна?

Ерхард Билер: Сметам дека мерките што сега ги објави Србија, дека ќе се залага за отстранување на барикадите, се целисходни. И ситуацијата беше опасна, бидејќи секогаш постои ризик од ескалација. Неподносливо е во Европа српското раководство да нареди доаѓање на војската на граница и да се создаде потенцијална закана. Сметам дека е неподносливо што раководството во Белград, не само денес, туку и во претходните месеци, одново и одново користи воена реторика. Од друга страна, мислам дека не е паметно косовската влада да инсистира на тие детали. Регистарски таблички? Знаете како се гледа во Европа? Ова е многу неважна работа, ако се земе предвид колку европското внимание во моментов е насочено кон Западен Балкан.

Многу долго се занимавате со Балканот, бевте командант на КФОР. Дали КФОР може да се справи со сите овие предизвици или навистина е можно да дојде до конфликт?

Мислам дека може. Знаете, Косово е всушност во добра позиција, бидејќи силите на НАТО се стационирани таму. Мислам дека никој не треба да се плаши дека овој конфликт навистина ќе ескалира во големи размери. КФОР е способен да ги исполни своите задачи и ќе го стори тоа, иако денес е помал по обем отколку во мое време. Постојат неопходни планови кои му дозволуваат на КФОР да ги извршува своите задачи во секое време, не сум загрижен за тоа. Овде, знаете, повеќе се работи за имиџот на Западен Балкан. За тоа дали вреди да се спроведува владеењето на правото кога се во прашање регистарските таблички и да се прифати ризикот од ескалација.

Ерхард Билер
Ерхард Билер: Косово е всушност во добра позиција, бидејќи таму се стационирани силите на НАТОФотографија: Privat

Како ја оценувате најавата на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, дека Србите на Косово треба да бидат заштитени и со воени и со полициски мерки? Видовте дека српските сили повеќе или помалку беа мобилизирани на границата со Косово.

Да, го видов тоа. И како што веќе реков, го осудувам фактот што на мерките насочени кон владеење на правото се одговара со воени закани. Ова не е Европа каква што ја замислувам. Вака не се однесува влада која има за цел да ѝ припаѓа на Европа. Од друга страна, морам да кажам дека косовската страна не треба по секоја цена да го спроведува владеењето на правото кога се во прашање регистарските таблички. Мора да се разгледа каков ефект има ова врз Европа како целина. И мора да се има предвид дека ситуација каква што е сега, во секој момент може ненамерно да ескалира.

Имаше закани не само од српска, туку и од косовската влада, која во суштина рече дека доколку КФОР не може да го стори тоа, самата ќе ги отстрани барикадите. Како ги оценувате заканите од двете страни? Колку е опасно за безбедноста и мирот на тој простор?

Двете страни мора вербално да се разоружаат една со друга. Заканите од едната страна се исто толку опасни како и заканите од другата страна. Јас таму би се потпирал на заштитните сили на КФОР. Имаат средства да го направат тоа и се однесуваат доволно паметно за да не ескалира целата работа, за да нема несакана употреба на огнено оружје. Но, уште еднаш, двете страни мора да преземат одговорност.

Предолго дозволувавме таква воена реторика да доаѓа од Србија. Но, исто така, ние од западната страна, ги поддржавме напорите за спроведување на одредени работи во однос на регистарските таблички и документите, без оглед на несаканите ефекти. Ќе ве потсетам на дискусијата од август. И двете влади имаа многу други работи отколку да се справуваат со овие релативно мали проблеми. И двете страни имаат предизвици, особено на домашен терен. Што се однесува до Косово, можам да спомнам само образование или здравство. И можам да набројам многу други работи. Тоа треба да биде фокусот, а не инсистирањето и спроведувањето по секоја цена.

Ерхард Билер
Блокади 2011: српскиот преговарач Борко Стефановиќ (лево) и командантот на КФОР, генерал Ерхард Билер во РударФотографија: picture-alliance/dpa

Но, без решавање на политичките односи меѓу Косово и Србија, сигурно нема да има мирно и трајно решение. Што би препорачале во овој поглед? Какви политички решенија мора да има? Меѓународната заедница е премногу нејасна кога се во прашање политичките решенија и безбедносната ситуација во областа.

Да, второто воопшто нема да го оценувам. А што се однесува до првото, мислам дека предолго се занимаваме со споредни детали, детали од техничка соработка. Тие се исто така важни, но уште поважно е помирувањето на Србија и Косово. За тоа се потребни двете страни, а пред сѐ едната страна - српската, бидејќи таму се одговорни и политичари кои беа активни во времето на Милошевиќ. Тоа важи и за политичарите во Косово, кои сега не треба да работат на ескалација, туку на деескалација и помирување. Доколку таа цел биде прифатена од двете страни, а кон тоа се стреми европската заедница, тогаш природно ќе следат техничките детали.

Но, секако, помирување и технички детали не се можни без заедничко решение за односите меѓу Косово и Србија...

Секако. Сепак, односите меѓу Косово и Србија можат да се решат во духот на документот предложен од Франција и Германија, кој се надоврзува на ситуацијата во која беше Германија во седумдесеттите и осумдесеттите години. И тогаш сте на вистинскиот пат. Тоа е всушност дел од целиот контекст, да се посвети многу повеќе внимание на Западен Балкан отколку што беше случај порано.

Ерхард Билер (66) е пензиониран генерал на германската армија. Во Косово првпат беше ангажиран од 2004 до 2006 година на чело на германскиот воен контингент, а од септември 2010 до септември 2011 година беше командант на КФОР. Во тој период, во јули и август 2011 година, имаше и немири и блокади на патиштата, но генералот Билер се воздржа од употреба на сила и решението беше постигнато преку преговори.