1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германската влада е подобра отколку што ја бие глас

16 септември 2023

Пофалби за канцеларот Олаф Шолц и неговата коалициска влада која дејствува решително: нова студија покажува дека германската влада бележи „исклучително ветувачки резултати“ на половина од својот мандат.

https://p.dw.com/p/4WDxg
Канцеларот Олаф Шолц (СПД), министерот за економија и климатска заштита Роберт Хабек (Зелени) и министерот за финансии Кристијан Линднер (ФДП)
Канцеларот Олаф Шолц (СПД), министерот за економија и климатска заштита Роберт Хабек (Зелени) и министерот за финансии Кристијан Линднер (ФДП) Фотографија: LISI NIESNER/REUTERS

Како да се објасни следново: во актуелното истражување на јавното мислење „Германски тренд“ (Deutschlandtrend), само 19 отсто од Германците се задоволни од владата на социјалдемократите (СПД), Зелените и либералите (ФДП), додека студија на Фондацијата Бертелсман, која штотуку беше објавена, покажува дека оваа владина коалиција, која е на власт во Германија од декември 2021 година, генерално работи добро.

Коалицискиот договор под лупа

Оваа, на прв поглед,  очигледна противречност може брзо да се разреши со повнимателен поглед: студијата спроведена од приватната фондација Бертелсман е научно заснована анализа на коалицискиот договор и изборните ветувања формулирани во него. Згора на тоа поткрепена е со репрезентативна анкета.

„Овој метод овозможи да се спореди вистинскиот и перцепираниот статус на исполнување на коалициските ветувања“, се наведува во воведниот текст на студијата. За да го направите ова, двоецот автори, Роберт Феркамп (Фондацијата Бертелсман) и Тереза ​​Матис (Универзитетот во Трир) ги разгледаа сите 453 главни и помали ветувања на германската коалициска влада и проверија што се случило со нив во меѓувреме.

Роберт Феркамп од фондацијата Бертелсман, еден од авторите на студијата
Роберт Феркамп од фондацијата Бертелсман, еден од авторите на студијатаФотографија: Fabian Sommer/dpa/picture alliance

Повеќе пари за децата и побрзо до германско државјанство

Меѓу ветувањата се и големите политички реформи, како што е борбата против детската сиромаштија и планираното воведување основна финансиска поддршка, за кои коалицијата јавно расправаше со недели, а потоа најде компромис. Тука е и новиот закон за државјанство чија цел е побрзо стекнување на германски пасош. СПД, Зелените и ФДП се договорија за таа централна тема дури по жестоки дискусии и расправии.

Токму овие и други контроверзни теми ја формираат сликата за владата, предводена од канцеларот Олаф Шолц, кај голем дел од населението и предизвикуваат сѐ поголемо незадоволство. Според студијата, речиси две третини од коалициските ветувања се или целосно спроведени или е покренато нивното спроведување.

Јавни расправии и отворени прашања

Роберт Феркамп ги сумира резултатите од студијата на следниов начин: „Севкупно погледнатто, тоа е многу ветувачки биланс на работата на владата во првата половина од мандатот, кој, сепак, е засенет од јавни спорови на коалициските партнери и многу отворени прашања. "

Од гледна точка на тимот кој работеше на студијата, коалицискиот договор, склучен во 2021 година, е многу амбициозен поради големиот број ветувања. Во споредба со претходната коалициска влада на социјалдемократите и демохристијаните (ЦДУ/ЦСУ), бројот на ветувања се зголеми од 296 на 453. Сегашната владејачка коалиција, популарно наречена „семафор коалиција“ (поради партиските бои, црвена на СПД, жолта на ФДП и зелена на Зелените), си постави 50 отсто поконкретни цели.

Олаф Шолц го претстави коалицискиот договор меѓу СПД, Зелените и ФДП во декември 2021 година.
Олаф Шолц го претстави коалицискиот договор меѓу СПД, Зелените и ФДП во декември 2021 година.Фотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Коалициски договор со многу ветувања и големи амбиции

„Големиот број на ветувања ја одразува како сложеноста на коалицијата како сојуз на три програмски различни партии, така  и многу поголемиот степен на амбициозност и сложеност на договорот“, објаснува Тереза ​​Матис од Универзитетот во Трир.

Но, наспроти тоа, перцепцијата на јавноста за „семафор владата“ е таква што само 12 отсто од испитаниците сметаат дека ќе бидат исполнети „сите, речиси сите или голем дел“ од договорените коалициски ветувања, а дури 43 отсто претпоставуваат дека  ќе бидат спроведени само „мал дел од ветувањата или едвај некое од нив“.

Ново придвижување на соработката и самопрезентација?

За да го подобри својот углед меѓу населението, на владата во Берлин ѝ е потребен нов почеток во коалициската соработка, но и во сопственото претставување и презентација во рамките на коалицијата, вели Волфганг Шредер од берлинскиот тинк-тенк „Прогресивен центар“ (Das Progressive Zentrum), кој учествуваше во изработката на студијата. Неговиот заклучок гласи: „Споровите во владејачката коалиција кои јавно се пренесуваат доведуваат до потценување на вистинскиот учинок на владата и дека таа посветено и доследно ги исполнува ветувањата наведени во коалицискиот договор“.

Се чини дека резултатите од студијата ја отсликуваат дилемата со која политичките коалиции во Германија се очигледно суштински соочени: „Главниот предизвик за сите коалициски влади и партии во оваа земја останува ниската толеранција за фрустрација и подготвеноста за компромис од страна на гласачите кога донесуваат судови“, пишуваат Роберт Феркамп и Тереза ​​Матис.

Слабо прифаќање на политички компромиси

Иако 85 отсто од испитаниците сметаат дека е „многу важно или важно“ партиите навистина да ги спроведат целите и плановите од нивните изборни програми, само 40 отсто се согласиле дека може да постојат „прифатливи причини“ за неисполнување на изборните ветувања. Од тоа, само нешто помалку од една третина (31 процент) ја гледаат потребата од компромиси како прифатлива причина за неисполнување на ветувањата.

„Се чини дека парламентарната форма на владеење, која се заснова на компромиси, многумина ја гледаат како предавство на партиските принципи и идеали“, заклучува авторското дуо Феркамп-Матис, кое ја изготви студијата на фондацијата Бертелсман.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи