Германија повторно дебатира за постојани гранични контроли
3 август 2024Нема крај на дебатата за обезбедување на надворешните граници на Германија: За време на Европското фудбалско првенство за мажи, посебно беа обезбедени границите кон Полска, Чешка, Австрија, Швајцарија и Франција.
Надлежните министри за внатрешни работи во неколку сојузни покраини сега бараат овие селективни контроли да се прошират на сите германски граници. Тоа е образложено со целта да се намали нерегуларната миграција во Германија.
Според Шенгенскиот договор, во основа повеќе не треба да се контролира секој и сѐ на границите во ЕУ меѓу земјите-членки - но големите настани или одредени опасни ситуации може да се сметаат за исклучоци. Тогаш државите смеат поинтензивно да ги контролираат националните граници.
„Ги острануваме шверцерите од промет“
Аргументите за ова се различни. Министерот за внатрешни работи на населената покраина Северна Рајна-Вестфалија, Херберт Ројл објасни: „Знаеме кој доаѓа во земјата и ги отстрануваме шверцерите од промет. Јас сум за продолжување на контролите,селективно и засновано на повод“.
Слични изјави дадоа и министерот за внатрешни работи на покраината Баден-Виртемберг, Томас Штробл и Михаел Штибген, министер за внатрешни работи од Бранденбург, кои како и Ројл доаѓаат од редовите на Христијанско-демократската унија (ЦДУ).
Контроли за време на ЕУРО 2024 и на Олимпијадата
Повод за заострените контроли се двата големи спортски настани во летниот период во централна Европа: Прво, Европското фудбалско првенство за мажи во Германија од средината на јуни до средината на јули. И, во моментов, тековните Олимписки игри во Париз, кои завршуваат на 11 август. За овие два повода, сојузната влада ги засили контролите на границите со Полска, Чешка, Австрија, Швајцарија и со Франција.
Контролите на границите кон Чешка, Полска и Швајцарија ќе бидат продолжени до средината на декември, а на границата со Австрија до средината на ноември.
Засиленото обезбедување на границата поради Олимписките игри во Париз и други места во Франција важи до 30 септември. Со тоа е опфатен и периодот во кој се одржува и Параолимпијадата во Париз.
Без да даде конкретни податоци, канцеларот Олаф Шолц минатиот петок, непосредно пред неговиот летен одмор, во интервју за весникот „Зарбрикер цајтунг“ објави дека сака да го продолжи строгото контролирање на границите.
22.000 сојузни полицајци на должност за време на ЕУРО 2024
Германската сојузна министерка за внатрешни работи Ненси Фезер од Социјалдемократската партија на канцеларот Олаф Шолц распореди околу 22.000 сојузни полицајци дневно за време на Европското фудбалско првенство за мажи за да вршат контроли како во градовите каде што се играа натпревари, така и на границите.
Во Германија, сојузните покраини се генерално надлежни за полицијата - но постои и сојузна полиција, која е под надлежност на сојузната влада во Берлин. Мерките за време на ЕУРО 2024 почнаа една недела пред почетокот на турнирот на 14 јуни, 2024.
По завршувањето на Европското првенство, Фезер направи увид и објави дека се распишани околу 600 налози за апсење и фатени околу 150 трговци со луѓе како резултат на построгите контроли. Во 3.200 случаи, на луѓе им бил одбиен влез во Германија.
Полицискиот синдикат за „поинтелигентни контроли“
Околу 54.000 сојузни полицајци во Германија се одговорни за граничните контроли. Речиси половина од нив имаа дополнителна работа за време на Европското првенство.
Ова сега го истакна портпаролот на полицискиот синдикат, Андреас Роскопф. Тој за дневниот весник „Рајнише пост“ изјави дека долгорочно постојани контроли се тешко изводливи. „Има недостиг на персонал и на опрема.“
Роскопф, исто така, генерално се залага за различен тип на контроли. „Контролите не се ни приближно ефективни како модерните, флексибилни, интелигентни контроли.“ Роскопф конкретно ги спомена случајните контроли на улиците и во возовите и употребата на дронови за надзор.
Границите повнимателно се контролираат од 2015 година
Токму такви контроли има на германските граници со Швајцарија, Австрија, Полска и со Чешка од 2015 година, кога стотици илјади бегалци дојдоа во Европа.
Роскопф истакнува дека барателите на азил, на пример, не можат едноставно да бидат вратени назад на границата, бидејќи властите за имиграција се одговорни за обработка на нивните случаи, а не полицијата.
Дали барателите на азил се одбиваат повеќепати?
Експертот за внатрешни работи од партијата на Зелените, Марсел Емерих, не се согласува многу со оваа аргументација. Неговата партија е еден од трите владини партнери.
Тој за ДВ вели дека за големиот број на одбивања за време на Европското првенство има едноставна причина. „Штом луѓето ќе бидат таму, можат да аплицираат за азил и тоа е она што тие се обидуваат да го направат. Дури и да бидат одбиени, тие се враќаат наредниот ден."
Зад повеќе од 3.000 одбивања за време на Европското првенство не секогаш причина била криминалната заднина.
„Дали овие луѓе едноставно немале билет за воз со себе или се луѓе со навистина сериозни криминални намери? Тоа се отворени прашања“, вели Емерих.
Кадровски проблеми во сојузната полиција
Премиерот на покраината Шлезвиг-Холштајн, Даниел Гинтер (ЦДУ), предвид го зема и недостигот на персонал во сојузната полиција. „Сметам дека граничните контроли на европските внатрешни граници се важно и ефективно средство, особено онаму каде што често се случува илегален влез. Но, сојузната полиција, се разбира, тешко може долгорочно да го гарантира интензитетот на контролите како за време на Европското фудбалско првенство“, изјави тој за медиумите.