1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
СпортФранција

Олимпијада во Париз: Повеќе од само церемонија на отворање

Штефан Нестлер
27 јули 2024

Со спектакуларно, воодушевувачко шоу на и покрај реката Сена, во Париз започнаа 33-те Олимписки игри од модерната ера. Четиричасовната церемонија на отворањето на Игрите беше вистински огномет на креативност.

https://p.dw.com/p/4ioZG
Ајфеловата кула беше една од знаменитостите на Париз, кои имаа проминентно место во уникатната церемонија на отворање на Олимписките игри
Ајфеловата кула беше една од знаменитостите на Париз, кои имаа проминентно место во уникатната церемонија на отворање на Олимписките игриФотографија: Pascal Le Segretain/Getty Image

Клучната реченица беше најмалку спектакуларниот момент во невидениот спектакл. „Ги прогласувам Игрите во Париз за отворени, во чест на 33-та Олимпијада на модерната ера“, рече францускиот претседател Емануел Макрон во 22:53 часот во петокот вечерта (27 јули) на Трокадеро спроти Ајфеловата кула. Вкупно 320.000 гледачи на 124 трибини ја овозможија убедливо најголемата забава во историјата на Олимписките игри - и покрај континуираниот дожд.

Сè што треба да знаете за Олимпијадата во Париз

Контрастот со претходната церемонија на отворање не можеше да биде поголем: на „Ковид Игрите“ во 2021 година во Токио, беа дозволени само 1.000 поканети гости, вклучително и само 15 шефови на држави или на влади. Овојпат, околу 120 шефови на држави или на влади, меѓу кои и Олаф Шолц присуствуваа на свеченото отворање. Не само германскиот канцелар беше воодушевен - како што напиша на платформата Х - од „уникатната церемонија на отворање“.

Огномет на креативност

Програмата, замислена од тимот на францускиот актер и театарски режисер Томас Жоли, беше огномет на креативност - почнувајќи со огномет во француските национални бои сино-бело-црвено на мостот Остерлиц. Таму започна парадата на бродови на реката Сена. На 85 бродови и чамци, тимови од вкупно 206 национални олимписки комитети, како и тим бегалци од Меѓународниот олимписки комитет (ИОК), пловеа по Сена.

Бродот на меѓународниот бегалски тим беше на второто место во дефилето на спортистите на Сена
Бродот на меѓународниот бегалски тим беше на второто место во дефилето на спортистите на СенаФотографија: MIGUEL MEDINA/AFP/Getty Images

Тоа беше првпат во историјата на Олимпијадата учесниците да не влезат на стадион. Германскиот тим беше на третиот брод зад грчкиот олимписки тим и тимот за бегалци. Светската шампионка во џудо Ана-Марија Вагнер и светскиот кошаркарски шампион Денис Шредер го носеа германското знаме.

Парадата на бродови беше придружена со бројни танцови и музички изведби. За првото големо шоу се погрижи Лејди Гага: Во стил на француска ревија, суперѕвездата од САД ја испеа класичната шансона „Mon truc en plumes“ во сенката на катедралата Нотр Дам.

Потоа следувеше презентација на француската култура и начин на живот. Од Канкан, операта Кармен и мјузиклот Клетници до хеви метал. Од модна ревија на мост, преку прикажувањето на познатите уметнички дела што стоеја во Сена во близина на брегот, до брејкденс изведба, единствената нова спортска дисциплина на Игрите во Париз.

На церемонијата на отворање на ЛОИ во Париз имаше бројни танцови изведби
На церемонијата на отворање на ЛОИ во Париз имаше бројни танцови изведбиФотографија: JOHN MACDOUGALL/POOL/AFP/Getty Images

По завршувањето на парадата со бродовите, олимпиското знаме беше пренесено преку Сена до Трокадеро, на метален коњ кое го носеше јавачка. Единствената мала грешка на целата церемонија на отворањето беше тоа што знамето со олимписките прстени прво беше подигнато наопаку со звуците на олимписката химна.

Во единство на светот разделен со војни и конфликти

Претседателот на МОК Томас Бах го нагласи олимпиското единство. „Во светот поделен со војни и конфликти, благодарение на оваа солидарност, вечерва сме тука сите заедно и можеме да ги обединиме спортистите од сите 206 национални олимписки комитети и членовите на бегалскиот тим на МОК“, рече Бах, кој потоа му даде збор на Емануел Макрон. Францускиот претседател ги прогласи за отворени игрите во Париз. Само една тајна остана неоткриена: Кој ќе го запали олимпискиот оган? 

Олимпиското знаме на плоштадот Трокадеро го донесе јавачка а зад неа продефилираа доброволци со знамињата на земјите учеснички на Игрите
Олимпиското знаме на плоштадот Трокадеро го донесе јавачка а зад неа продефилираа доброволци со знамињата на земјите учеснички на ИгритеФотографија: Jamie Squire/Getty Images

Францускиот поранешен фудбалски ас Зинедин Зидан го започна последниот дел од носењето на факелот, кој од Трокадеро преку Сена се движеше до Лувр. Меѓународни и француски спортски ѕвезди си го предаваа факелот. Меѓу нив беа шпанскиот тениски ас Рафаел Надал, кој се збогува од своите последни Олимписки игри во Париз, поранешната тениска ѕвезда Серена Вилијамс и спринт легендата Карл Луис од САД, како и поранешната романска светска шампионка во гимнастика Наѓа Команечи и поранешната француска НБА ѕвезда Тони Паркер.
На крајот, двајца трикратни олимписки победници од Франција го запалија олимпискиот оган во Лувр: поранешната тркачка Мари-Жозе Перек и поранешниот џудист Теди Рајнер. Олимпискиот оган беше подигнат со балон на париското ноќно небо.
За емотивниот крај се погрижи канадската пејачка Селин Дион. Таа боледува од синдромот Стиф-Персон, ретка автоимуна болест. Дион не настапува во живо од 2020 година. Синоќа под Ајфеловата кула ја испеа шансоната „Hymne à l'amour“ на легендарната Едит Пјаф. Достоен крај на воодушевучката церемонија на отворање на Олимписките игри во 2024 година.

Поранешната тркачка Мари-Жозе Перек и поранешниот џудист Теди Рајнер заеднички го запалија Олимпискиот оган
Поранешната тркачка Мари-Жозе Перек и поранешниот џудист Теди Рајнер заеднички го запалија Олимпискиот оганФотографија: Marko Djurica/REUTERS

Инаку македонскиот тим на Игрите, кој брои шест спортисти, заедно со нивните тренери, продефилира на брод на Сена заедно со тимовите на Луксембург и Мадагаскар. Знамето го развиорија Дарио Ивановски и Мила Рељиќ.