Германија: Mостовите се во алармантна состојба
13 септември 2024Во Дрезден е во тек акција на симнување, кршење и транспорт на делот од мостот Карола кој се урна во реката Елба во ноќта кон средата. Специјалните екипи со потребна механизација притоа се под временски притисок: за в недела се предвидува големо покачување на водостојот на Елба поради невремиња, што многукратно ја зголемува опасноста.
По уривањето на мостот Карола во Дрезден, експертите укажуваат на лошата состојба на многу слични градби во Германија. Експертот за мостови Мартин Мертенс ја критикува лошата состојба на многу од големите мостови во земјата.
Во принцип, сите мостови изградени пред 1980 година се „проблематични пациенти“, изјави за медиумската мрежа РНД професорот од Универзитетот во Бохум. За жал, поради вистинскиот градежен бум по Втората светска војна, повеќето од нив се во лоша состојба, вели тој и додава дека политиката мора да реагира: „Дрезден многу јасно покажува дека е веќе пет по 12."
„Тажен симбол на германската инфраструктура“
Германската асоцијација на градови и општини повикува на „офанзивни инвестиции во инфраструктурата“ поради лошата состојба на мостовите. На општините им недостасуваат пари за итно потребните реновирања, изјави извршниот директор на Асоцијацијата Андре Бергегер за медиумската групација „Функе“. „уривањето на мостот во Дрезден шокантно јасно покажува дека Германија живее од 'залихи’".
И Волфганг Шуберт-Рааб, претседател на Централната асоцијација на германската градежна индустрија, смета дека инвестициите се итно потребни. Во соопштението за печатот, тој го опиша она што се случи во Дрезден како „тажен симбол на германската инфраструктура“ што ја покажува итната потреба за акција.
Повеќе од девет милијарди за патишта и мостови
Сојузниот министер за транспорт, Фолкер Висинг (ФДП) во средата на расправата за буџетот во Бундестагот истакна дека следната година за инвестиции во сојузните автопати и мостови ќе бидат на располагање повеќе од девет милијарди евра.
Што се однесува до мостот Карола, тој смета дека тоа е општинска одговорност и затоа нема никаква врска со сојузниот буџет.
Но, овој мост покажува колку е опасно ако не се инвестира внимателно во инфраструктурата.
Корозија како можна причина или не?
Ноќта од вторник кон среда, дел од мостот Карола во должина од 100 метри падна во реката Елба. По овој мост поминуваат трамвајски шини и пешачка и велосипедска патека. Никој не беше повреден. Се претпоставува дека и остатокот од мостот е во опасност од уривање. Причината е нејасна, но полицијата не претпоставува дека имало надворешно влијание.
Првичната претпоставка е дека корозијата е значаен фактор, оцени Штефен Маркс, професор на Институтот за бетонска конструкција на Техничкиот универзитет во Дрезден.
Покрај корозијата, има уште еден проблем, изјави Хајнрих Бекамп, претседател на Комората на градежни инженери на Северна Рајна-Вестфалија, за германскиот јавен радиодифузер ВДР. При изградбата на постарите мостови, сегашниот обем на патувања со камиони не можело да се земе предвид. Во минатото, парните ваљаци биле мерка за оптоварување.
„Ако ги погледнете мостовите денес, еден по друг камион поминува преку нив и секој камион предизвикува мостот малку да се ниша. А тоа ги оштетува мостовите, ова постојано секојдневно динамично оптоварување од камионите, и тоа неколку илјади пати“.
Проверка на состојбата
Како и кај сите мостови во Германија, безбедносните прописи важеа и за мостот Карола во Дрезден. Секој мост мора да подлежи на општа инспекција на секои шест години. Ова обично се прави додека се одвива сообраќајот и вклучува проверка на сите компоненти. Три години подоцна, се спроведува малку помалку сложен тест.
Директорот за технологија и општество во Здружението на германски инженери, Дитер Вестеркамп, смета дека овој циклус е доволен. „Со оглед на малиот број инциденти на приближно 130.000 мостови во Германија, се чини дека овој ритам функционира."
Оценки за состојбата на мостовите во државна одговорност
Секој од скоро 40.000 мостови под сојузна одговорност редовно се оценува врз основа на овие тестови. Во најновиот извештај на Сојузниот институт за истражување на автопатиштата, речиси 2.300 мостови се оценети дека се во многу добра состојба. Состојбата на околу 200 е оценета како незадоволителна. Повеќето мостови под државна одговорност се во добра или задоволителна состојба.
„Доколку при увидот на конструкцијата се открие нарушување на стабилноста или безбедноста во сообраќајот, секако веднаш ќе се преземат соодветни мерки за да се продолжи со обезбедување на потребната безбедност“, се наведува во извештајот.
Од околу 28.000 автопатски мостови, 8.000 треба да се модернизираат на долг рок. Потребно е и реновирање на околу 67.000 мостови под општинска одговорност. Покрај тоа, има околу 3.000 мостови на кои им е потребна модернизација, а кои се под јурисдикција на сојузните покраини. Сепак, не постои централна евиденција за состојбата на мостовите на национално или локално ниво.
Железнички мостови постари од 100 години
И во Дојче Бан (ДБ) е во тек е програма за реновирање. Речиси половина од околу 25.700 железнички мостови се стари повеќе од 100 години. До 2029 година Дојче Бан сака целосно или делумно да обнови вкупно 2.000 мостови. „Мостовите на Дојче Бан се безбедни и редовно и систематски се проверуваат и тестираат“, соопштија од компанијата.