Германците се плашат од растечките цени
15 октомври 2022Со оглед на инфлацијата, војната во Украина и жешкото лето, Германците првенствено се загрижени поради негативните финансиски последици за нивниот живот. Генерално, грижите за пари ги заземаат првите пет места во репрезентативното истражување на осигурувањето R+V. Две третини од луѓето (67 проценти) се плашат од зголемување на трошоците за живот, вели Гриша Брауер-Рабинович, раководител на тимот којшто ја направи овогодишната анализа „Стравовите на Германците“. Само во 2005 година оваа загриженост беше уште поголема поради високите цени на горивото и во 2008 година, во екот на финансиската криза, додава Брауер-Рабинович.
Стравот од зголемување на животните трошоци „навистина вртоглаво порасна“, додава и Манфред Шмит од Институтот за политички науки на Универзитетот во Хајделберг, еден од авторите на студијата. Во однос на претходната година, тој страв е поголем за 17 процентни поени.
Второ место: Страв од прескапо домување
Според R+V, на второ место е стравот од прескапо домување. Загрижени поради прескапите куќи и станови и превисоките станарини се 58 отсто од анкетираните. Натаму следуваат стравувањата од влошување на економската состојба (57 проценти), зголемување на даноците или намалување на придобивките поради пандемијата на корона (52 проценти) и трошоците за даночните обврзници поради должничката криза во ЕУ (51 процент).
- повеќе: Германија и кризата: Ќе се намалат ли цените со помош од 300 милијарди евра?
Стравот од сè помоќните владетели ширум светот, кој беше истражен за првпат поради војната во Украина, се искачи директно на седмото место во рангирањето. Убедливо најголем пораст од 26 процентни поени бележи загриженоста од евентуална војна со германско учество (дванаесетто место). Авторите објавија дека последен пат слично големо зголемување имало во 1999 година како резултат на војната во Косово.
„Зелените прашања се втора виолина“
Загриженоста за природните катастрофи и екстремните временски настани се зголеми за осум процентни поени (49 отсто, шесто место), додека стравот од климатските промени се искачи за три места и сега е на осмото место со плус од шест процентни поени (46 отсто). „Сè на сè, сепак, зелените прашања се втора виолина, односно доаѓаат зад грижата за материјалната состојба - и покрај сувите лета, пожарите и сите грижи што климатските промени ги носат со себе“, објаснува политикологот Шмит.
Репрезентативната студија „Стравовите на Германците“ се спроведува еднаш годишно веќе 31 година и се смета за показател на чувствителноста на Германците во врска со политиката, економијата, животната средина, семејството и здравјето. Многу прашања се повторуваат, други се нови во зависност од развојот на ситуацијата во земјата и светот.