1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Ќе бидат ли доволни 300 милијарди евра помош?

Сабине Кинкарц
5 октомври 2022

Вкупната сума која Германија планира да ја потроши за помош на граѓаните и стопанството во актуелната криза е 295 милијарди евра. Кому, како и колку ќе му се помогне? Сите си ги поставуваат овие прашања.

https://p.dw.com/p/4Hky7
На заедничка пресконференција во Берлин беа соопштени деталите од состанокот на германскиот канцелар Олаф Шолц со премиерите на германските покраини
На заедничка пресконференција во Берлин беа соопштени деталите од состанокот на германскиот канцелар Олаф Шолц со премиерите на германските покраиниФотографија: Political-Moments/IMAGO

Гласот му е сè уште малку зарипнат, но канцеларот Олаф Шолц веќе се опорави од ковид и го одржа состанок со премиерите на 16-те германски покраини, кој всушност требаше да се случи пред една недела.

Многу работи требаше да се разјаснат и тоа не само поради планираното ограничување на цената на гасот. За „кочница на цената на гасот“ веќе некое време се зборува во Германија. Коалицијата на СПД, Зелените и ФДП зборува за заштита од последиците на руската агресорска војна. Во секој случај, германската влада сака да потроши 200 милијарди евра за да ги намали цените.

Добра идеја, но нема детали

Покраинските премиери сметаат дека ова во суштина е добра идеа. Бидејќи тие секојдневно во градовите и регионите, од прва рака ги гледаат директните последици од цените на енергијата врз граѓаните и компаниите, и се под огромен притисок поради тоа.

Затоа и се лути бидејќи сè уште нема детали за тоа како всушност треба да функционира таа кочница на цената на гасот.

Резервоари за гас во пристаништето во Хамбург
Резервоари за гас во пристаништето во ХамбургФотографија: Calado/Zoonar/picture alliance

Специјално креираната експертска комисија и понатаму е во потрага по решение. Протекоа информации дека идејата е граѓаните да плаќаат 70% или 80% од минатогодишната потрошувачка гас по намалена цена, а остатокот по новите цени, како и дека провајдерите на гас не се согласни со ова.

„Се работи на тоа дури и за викенд,“ рече канцеларот кој очекува „првите резултати да бидат достапни веќе следната недела.“ А владата ќе реагира „веднаш“. „Секому треба да му биде јасно како конкретно ќе изгледа олеснувањето кое се однесува на него.“

Оваа изјава не ги смири сите. Пред овој состанок, премиерот на Северна Рајна Вестфалија, Хенрик Вист од ЦДУ изјави: „Во криза е потребна сигурност, во криза ви треба јасност. Никој не знае што точно содржи пакетот, а сите се радуваат.“

По состанокот Вист разочарано рече: „Ниту сега не сме попаметни.“

На покраините им е многу да платат 45 милијарди евра

Речиси без напредок е и спорот меѓу сојузната влада и покраинските влади околу финансирањето на понатамошните пакети за помош на граѓаните и компаниите за кои се очекува вкупно да чинат 95 милијарди евра.

Сојузната влада ќе преземе половина од оваа сума и заедно со одбранбениот штит тоа би било 240-250 милијарди од вкупно предвидените 295 милијарди наведе Шолц коментирајќи: „Тоа е пристојна сума која ја обезбедува сојузната влада.“

Канцеларот Олаф Шолц не соопшти многу новини на пресконференцијата по средбата за кризните мерки со покраинските премиери
Канцеларот Олаф Шолц не соопшти многу новини на пресконференцијата по средбата за кризните мерки со покраинските премиериФотографија: Bernd von Jutrczenka/dpa/picture alliance

Тоа значи дека покраините треба да ги обезбедат останатите 45 милијарди евра – обврска која не сакаат така лесно да ја прифатат. Некои веќе се заканија со блокада на Бундесратот. Покраините на чие чело се премиери од СПД не сакаа да одат толку остро.

Премиерот на Долна Саксонија, Стефан Вајл рече дека граѓаните не би сакале политичарите да се расправаат во оваа ситуација и дека е уверен оти ќе успеат да ги збијат редовите меѓу сите нивоа на власт. Но и социјалдемократот Валј исто така гледа потреба од конкретни решенија, односно појаснувања.

На сите им се потребни повеќе пари

Од една страна, нејасно е како ќе оди финансирањето на болници кои се финансиски исцрпени поради корона пандемијата и кои се борат со лошата кадровска ситуација. Покрај тоа, сега се соочени и со прашањето како да ги платата сметките за енергија.

Прашање е и како во иднина ќе се финансира јавниот превоз. На граѓаните им се допадна билетот од 9 евра со кој летово можеше да се патува низ цела земја па би сакале тоа да продолжи. Се разгледуваат опции за тоа како може да се спроведе нешто слично. Покраините безуспешно бараа од сојузната влада дополнителни 1,5 милијарди евра за инвестиции во областа на јавниот превоз.

Ќе има ли ново субвенционирањена јавниот превоз во Германија?
Ќе има ли ново субвенционирањена јавниот превоз во Германија?Фотографија: picture alliance/dpa

Високи трошоци произлегуваат и поради постојаното зголемување на бројот на бегалци. „Кога ќе дојде зимата, кога студот и влагата ќе продрат во руинираните куќи во Украина, повеќе луѓе ќе дојдат кај нас“, рече премиерот на Северна Рајна Вестфалија. Во многу градови и населени места сместувачките капацитети се веќе полни, а на многу места повторно се зафатени фискултурните сали и другите привремени сместувања. Канцеларот Олаф Шолц синоќа вети дека до крајот на годината ќе биде разјаснето како владата може финансиски да ги поддржи покраините, кога станува збор за бегалците.

Стефан Вајл кој претседава со конференцијата на премиерите на германските покраини по состанокот рече дека и останатите одлуки, односно пакет закони треба да се очекуваат најрано на почетокот од ноември, односно декември.

Во Брисел лути на Германија

Германската влада мора да ги објасни мерките и да поднесе сметка и во Брисел. Планираната кочница за цената на гасот и таму предизвика негодување.

„Додека Германија може да си дозволи да позајми 200 милијарди евра на финансиските пазари, некои други членки на ЕУ немаат таква можност,“ напиша на Твитер, еврокомесарот за индустрија Тиери Бретон, најавувајќи преиспитување на оваа мерка од страна на Европската комисија.

Во сите 27 земји на ЕУ мора да се гарантираат еднакви услови и затоа треба итно да се размисли за тоа како на сиромашните земји членки да им се понудат можности да ги подржат своите индустрии и компании.

Германскиот канцелар не го одобрува ова барање.

„Еврокомесарот Бретон секако погледнува и наоколу, вклучително и во земјата од која доаѓа (н.з Франција), па така знае дека ние не сме единствената земја која презема вакви мерки, што патем имаме право да го правиме,“ рече Олаф Шолц во Берлин.

 

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ