Генералштаб: „Србија не е шведска маса, а Вучиќ не е келнер“
30 март 2024Ништо не е договорено, а доколку е така - граѓаните ќе бидат информирани. Во тој случај, на просторот на комплексот на Генералштабот ќе има и меморијален центар, за што ќе биде прашана Владата на Србија. Но, како и да е, Белград не може да си дозволи во центарот на градот уште четврт век да стојат „урнатини“.
Ова е суштината на медиумските настапи на министерот за градежништво со технички мандат Горан Весиќ, откако со помош на инсајдери се дозна дека Весиќ е овластен да потпише меморандум за „ревитализација“ на Генералштабот со фирми на Џаред Кушнер.
Дека „ревитализацијата“ всушност значи уривање на монументалниот комплекс на архитектот Никола Добровиќ се дозна од компјутерските макети кои самиот Кушнер ги објави на социјалните мрежи. Според нив, таму ќе никнат џиновски згради, за кои се вели дека се хотели и апартмани.
Така, српската јавност ја помина 25-годишнината од бомбардирањето од страна на НАТО, расправајќи за еден од симболите на уништувањето на земјата во 1999 година. Таму би можел да гради зетот на поранешниот, а можеби и иден претседател на САД, Доналд Трамп.
Движењето „Тргни - промени“ собира потписи за петиција за обнова на објектите, наместо да се рушат, со цел парцелите да не паднат во раце на странските инвеститори. Многумина се прашуваат каков е јавниот интерес за хотелите, додека опозициските политичари и експерти зборуваат за скандал од прв ред кој мора да се спречи по секоја цена.
Ќута ги најавува протестите
„Србија не е шведска маса, а Вучиќ не е келнер. Ова не е негова приватна сопственост“, вели Александар Јовановиќ Ќута, првиот член на Еколошкото востание кој пред јавноста ја претстави контроверзната одлука на Владата со која Весиќ е овластен да се договори со Кушнер.
„Истото се случува и со нашите природни ресурси, со реките, шумите, рудите. „Александар Вучиќ подарува сѐ што вреди, а не го информира народот какви се договорите и кои се придобивките за граѓаните на Србија“, вели Јовановиќ за ДВ.
Тој вели дека ќе го направи тоа што најдобро го знае - да повика на протести и дека на крајот граѓаните ќе го бранат Генералштабот како што засега го спречија Рио Тинто, или како што се бореа против малите хидроцентрали на Стара Планина.
„Ако некој се обидел да изврши вакво нешто во Германија, прво ќе мора да оди во лудница, а потоа во затвор. Овде имаме работа со криминална група која гази преку луѓето затоа што ја интересира профит и ништо друго“, додава Јовановиќ.
Според „Њујорк Тајмс“, во игра е давање на парцелите во „бесплатен“ закуп на 99 години. За потфатот на Кушнер во Белград - токму на парцелите за кои бил заинтересиран Доналд Трамп пред неговото прво влегување во Белата куќа - наводно би биле потребни половина милијарда долари инвестиции, а 22 отсто од профитот ќе оди во српската држава.
Бобиќ: Државата мора да се врати во претходната состојба
Познатиот архитект Ѓорѓе Бобиќ, кој пред две децении беше и главен градски архитект на Белград, на прашањето зошто се противи на ваквата „ревитализација“ на просторот на Генералштабот - не знае од каде да почне.
Тој вели дека е и емотивно врзан, бидејќи творецот на комплексот, Добровиќ, му бил учител, а зградата е ремек-дело на југословенската и српската архитектура, препознаена во светот како врв на модернизмот.
„Затоа е донесена одлука да се признае статус на споменик на културата од највисок ранг. Тоа е доволно државата да преземе обврска да вложи пари и да го врати објектот во состојбата во која беше пред нападот на НАТО“, изјави Бобиќ за ДВ.
Арогантно е, вели тој, што едноставно се урива, и се градат некакви хотели, а на „странската сила“ што го бомбардира Белград во 1999 година ѝ се „подарува најскапоценото место“ во градот, со што се „тргува за политички или личен интерес“.
„Самата идеја за тоа е бескрајно навредлива. Народот во овој град и држава ќе мора да направи некој вид на востание за да го спречи тоа. Граѓаните мора најстрого да ги казнат луѓето од државниот врв кои го прават тој поразителен гест“, додава архитектот.
Гренел е возбуден
Одговорот на владата е дека Белград и Србија мора да се развиваат. Аргументацијата е слична на изградбата на Белград на вода - сакате ли таму да остане руина? И, кога знаете подобро, зошто ништо не е направено 25 години?
Архитектката и урбанист Ива Чукиќ потсетува дека од 1999 година има „сензационалистичко жонглирање“ со иднината на Генералштабот, од фактот дека тој треба да остане заштитен, до играње со идеи за профитабилни инвестиции. „Сѐ до последниот пример на богохулење и навреда на овој народ“, изјави Чукиќ за ДВ.
Таа ја оценува работата како „вознемирувачка“ и тоа не само поради важноста на комплексот како споменик на културата со исклучителна архитектонска вредност, „туку пред сѐ поради колективната меморија на ова општество“.
Додека официјален Белград вели дека уште ништо не е потпишано, Ричард Гренел, еден од најблиските соработници на Трамп, кој исто така е вклучен во проектот, се огласи во интервју за државна „Политика“. Тој ја претставува работата како „Мост на пријателство“.
„Чест ни е да се здружиме со Србите за да ја претвориме оваа локација во повеќенаменски проект од светска класа, со центар на Меморијалот, како место за паметење на неговата историја“, рече Гренел.
„Возбуден сум поради исчекување да ги видам идеите што ќе ги претстават српските експерти, така што на оваа локација ќе им се оддаде почит на оригиналниот архитект, зградите, емоциите и патриотизмот“, додаде тој.
Политичка пресметка?
Во текстови на домашниот и во угледниот странски печат - на пример, „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ и „Њујорк тајмс“ - пишуваше дека Вучиќ со оваа работа има намера да се „обложи“ на нова победа на Доналд Трамп. Се верува дека профитабилен бизнис за неговото семејство би му ја отворил на Вучиќ вратата на Белата куќа.
На ваквите анализи српскиот претседател, како што вели самиот, „умира од смеење“. Но, на опозицијата не ѝ е до смеење.
„Чија е оваа земја? На Русите им дадовме гас и нафта, Вучиќ на Кинезите им даде бакар и злато, Рио Тинто планира да ископува литиум каде што луѓето се занимаваат со земјоделство и нѐ хранат. Вучиќ е првиот претседател на Србија на кој му паднало на памет да го протерува српски селанец од земјата“, вели Александар Јовановиќ Ќута.
„Србија е жртвувана земја заради опстанокот на Вучиќ и неговиот тим. Последица од тоа е исчезнување. Сите резултати, БДП со кој се фали Вучиќ, се неважни. Единствениот параметар е колку луѓе ја напуштиле Србија во последните 12 години, а ние сме седумстотини илјади помалку“, додава тој.
Темата за Генералштабот се појави во незгоден момент за власта. Не само пред годишнината од бомбардирањето, туку и неколку месеци пред повторените избори во Белград, додека трае борбата за подобри изборни услови, а власта се обвинува за крадење гласови.