Генерално собрание на ОН: Заседание во состојба на тревога
24 септември 2024Заштитата на гостите и њујоршката населба преставува голем предизвик и за безбедносните сили. Тие се потпираат на дронови, имаат повеќе персонал и 1.200 камери на улиците. Професионална напрегнатост кај специјалниот агент Патрик Фрејн од американската Тајна служба: „Повеќе од 142 шефови на држави или на влади од целиот свет доаѓаат одеднаш во Њујорк. Едноставно кажано, ова е најголемиот годишен собир на шефови на држави или на влади на планетата“.
Генералната дебата на годишното заседание на Генералното Собрание на Обединетите нации- на која зборуваат претставници на сите 193 членки - традиционално го отвора генералниот секретар на ОН. Со оглед на војните и кршењето на меѓународното право, актуелниот претседател Антонио Гутереш деновиве нагласува: Светот сè уште има во свои раце да спречи трета светска војна. Главниот дипломат на ОН е во постојана тревога. Списокот на кризи, хуманитарни катастрофи и војни е долг: вклучувајќи ги Судан, Украина и Газа. Многумина се загрижени од „голем пожар“ на Блискиот Исток поради ескалацијата на насилството меѓу Израел и проиранската милиција Хезболах во Либан.
Топ тема: „Планот за победа“ на Зеленски
Еден од највисоките германски дипломати во Њујорк е Ахим Штајнер. Тој ја предводи програмата за развојна помош на ОН. И покрај сите критики кон Обединетите нации со нивните понекогаш ригидни структури и блокираниот Совет за безбедност, тој вели: „Она што не треба да се потцени е дека деновиве овде во Њујорк се одржуваат стотици состаноци“. Билатералниот аспект е особено важен. Генералното собрание е симболот дека „сè уште, имено, постои ова место во кое секоја земја има право да зборува“.
Во раните попладневни часови по средноевропско време обраќање пред Генералното собрание на ОН ќе има американскиот претседател Џо Бајден. За последен пат во оваа улога, на оваа светска сцена. Неговиот фокус најверојатно ќе биде на меѓународната соработка. Пред да се повлече на разговори со различни шефови на држави или на влади. Една од нивните топ теми: најавениот украински „план за победа“ за ставање крај на војната со Русија. Германскиот канцелар Олаф Шолц разговараше за ова со украинскиот претседател Володимир Зеленски уште пред да замине за Њујорк.
Шолц: „Нема укинување на далекусежни ограничувања“
Германија се залага за дополнителна финансиска помош за Киев, потврди Шолц пред новинарите, но повторно го отфрли оружјето со поголем дострел и објасни дека „во нашата поддршка секогаш сме многу фокусирани на она што навистина помага и што е неопходно“. Беа донесени „неколку одлуки“ кои ,како што рече, за него биле многу јасни. „Ова значи и дека Германија нема да укине никакви далекусежни ограничувања“. Тоа, рече канцеларот, не е во согласност со неговиот личен став.
Зеленски ќе го претстави својот план во Советот за безбедност и во Генералното собрание. Покрај Украина, тема на многу дискусии е и војната во Газа. Поради бројните цивилни жртви во Газа, поради заложниците во рацете на Хамас. Своето присуство го најавија палестинскиот претседател Махмуд Абас и иранскиот претседател Масуд Песешкијан; не е јасно, пак, дали израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху навистина ќе дојде во Њујорк.
Полицијата очекува протести
Поради војната во Газа, предизвикана од нападот на Хамас врз Израел минатиот октомври, безбедносните служби во Њујорк очекуваат и засилени протести, истакна Џон Чел од Полициската служба на Њујорк: „Она што се промени оваа година во споредба со минатата година е се разбира, 7 октомври. Оттогаш моравме да се справиме со повеќе од 4.000 протести овде“. Тоа, според Чеп, ја променило и динамиката на Генералното собрание на ОН.
Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок отпатува за Њујорк и таму има густа агенда. Во понеделникот вечерта таа се сретна со министрите за надворешни работи на Г7; потоа и претстои средба со нејзиниот колега Ванг Ји од Кина - пред 9 часот по њујоршко време да започне заседаниото на Генералното собрание на ОН.
Авторка: Шарлот Вос, АРД Њујорк