1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иницијатива за смена на Христијан Мицкоски

ДТЗ
21 септември 2022

Новата Фракција за демократизација на ВМРО-ДПМНЕ порача дека Мицкоски е лажен партиот и политички е потрошен, како и дека освен лукративните интереси ништо друго не го интересира, поради што е време да се каже „доста е“.

https://p.dw.com/p/4H9AI
Оливер Андонов фракција ВМРО-ДПМНЕ
Фракција за демократизација на ВМРО-ДПМНЕ бара промени во врвот на партијата, кои треба да започнат со заминување на партискиот лидер, Христијан Мицкоски (фото: Оливер Андонов)Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Новоформирана Фракција за демократизација на ВМРО-ДПМНЕ бара промени во врвот на партијата, кои треба да започнат со заминување на партискиот лидер, Христијан Мицкоски. Тие денеска (21.09) порачаа дека тој е „лажен патриот, политички истрошен, освен лукративни интереси ништо друго не го интересира“, поради што врие во членството, кое што е незадоволно и бара негова смена. 

„Многу луѓе во партијата велат дека е време да се преземе нешто. ВМРО-ДПМНЕ станува ботовска партија, па многу од членовите велат доста беше уривање на партијата“, вели еден од иницијаторите на оваа фракција, Оливер Андонов, партиски член и поранешен министер за внатрешни работи, кој на функцијата беше само еден ден - од 1 до 2 септември 2016 година. 

Од ВМРО -ДПМНЕ иницијативата ја окарактеризираа како „безнадежна и безначајна“, а лидерот на партијата Христијан Мицкоски вели дека повеќе од четири години се обидуваат да го менуваат, но дека партијата станува сѐ појака и пообединета.

Политички истрошен лидер

„Христијан Мицкоски е политички потрошен и треба да си замине од лидерската позиција во ВМРО-ДПМНЕ“. Со овие зборови, членот на партијата Оливер Андонов, на прес-конференција пред партиското седиште (21.09) го најави почетокот на работата на Фракцијата за демократизација и реорганизација, односно ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ. Тој упати повик до Мицкоски да си даде оставка и да го отвори патот за демократски промени во партијата. Со тоа, смета тој, партијата која во почетокот на своето создавање во деведесеттите години беше симбол на македонската демократија, повторно ќе може да се врати на пиедесталот како нормална демократска партија, а не како симбол на политичка декаденција.

Андонов тврди дека фракцијата е поддржана од ветерани, основачи на ВМРО-ДПМНЕ, обични членови, од некогашни функционери на партијата, но и од луѓе во актуелното раководство. Спомена дека поддршка имаат и од членови на Централниот комитет на партијата, но не обелодени имиња на нивните поддржувачи, поради страв од притисок од актуелното раководство. Тврди дека не станува збор за паралелна структура, туку, како што рече, ќе делуваат внатре во партијата. Не даде конкретен одговор дали ваквата фракција ќе се одрази и во работата на парламентот, во пресрет на гласањето за уставните измени, за кои на власта ќе ѝ биде потреба и опозициската поддршка.

Оливер Андонов фракција ВМРО-ДПМНЕ
Што ако Мицкоски не даде оставка? Андонов вели дека лидерот на партијата ќе биде доведен во состојба под притисок на членството да мора да замине од партијатаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Најголемиот грев на Мицкоски, според фракционерите, е што тој во изминативе пет години не направил ништо со што може да се гордее партијата и не одбранил ниту еден национален интерес во Македонија.

„Јас и луѓето кои се тука, а веројатно и мнозина други кои се и внатре во партијата го мислат истото, но од причина што не сакаат Мицкоски да им биде на врат, односно да ги малтретираат, не излегоа денеска со нас, останаа затскриени“, рече Андонов. Тој е дециден дека моментот на покренување на иницијативата, не е поврзан со превирањата и односот со скопската градоначалничка Данела Арсовска, додавајќи и дека бил против тоа таа да биде кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје.

Што ако Мицкоски не даде оставка? Андонов вели дека лидерот на партијата ќе биде доведен во состојба под притисок на членството да мора да замине од партијата. „Оваа борба ќе трае. Ова не е борба која денеска почнува и завршува“, дециден е  тој.

Партијата е обединета

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ не е загрижен од ваквите иницијативи во партијата. Вели дека од неговиот избор за прв човек на опозициската партија се бара негово менување, а партијата станува сѐ појака и пообединета.

Христијан Мицкоски ВМРО-ДПМНЕ
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ не е загрижен од фракциите во партијата, која што смета дека е пообединета Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Не можам да кажам дека во ВМРО-ДПМНЕ има фракции. Инаку, мене такви луѓе четири и пол години ме менуваат, а ВМРО-ДПМНЕ е сѐ појако, пообединето, посплотено. Така ќе биде и на следните предвремени парламентарни избори со рекордна победа, со мнозинство во Парламентот. За него немам што да го губам вашето време да го коментирам“, рече Мицкоски.

Преку партиско соопштение врвот на партијата порача дека иницијативата на Андонов е толку безнадежна и безначајна, што не вреди посебен коментар, и преставува дефокус на власта од енергетската и економската криза.

Ова е е прва иницијатива за смена на Мицкоски. Повеќе членови на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ се здружија во Иницијативен одбор и бараа политичка одговорност за лошиот резултат на ВМРО-ДПМНЕ и пред две години. Мицкоски тогаш ги нарече „Мериот коалиција“. Се жалеа на физичко и вербално малтретирање, па иницијативата како што се појави преку ноќ - таа и брзо падна во заборав. 

Андонов вели дека  најновата фракција нема никаква поврзаност со т.н. „Мериот коалиција“, која сакаше да направи преврат во партијата. „Ова се партиски членови кои кажуваат - доста беше од уривање на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи таа како една од основните политички, големите политички партии во Македонија, треба да ја креира генералната политика во државата. Со едно крило не се лета никаде“, вели Андонов. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи