Евтината дневна тарифа на струјата се враќа од 1 декември
27 јуни 2023Евтината дневна тарифа на струјата сепак се враќа од 1 декември, информира Регулаторната комисија за енергетика. Иако првично беше најавено дека ќе биде потребна една година за рачно да се подесат броилата, поради воведувањето на блок тарифите, сепак е постигнат договор процесот да се забрза и граѓаните во екот на зимата веќе да го почувствуваат бенефитот од користењето на поевтина струја. Регулаторот најавува дека евтината дневна тарифа ќе се користи во периодот од 13 до 15 часот.
„Тоа е максимумот што можевме да го направиме и очекуваме во наредниот период да почне промената на броилата. Евтината тарифа не ја воведуваме од какви било политички причини, туку заради сигналот на цената на електрична енергија на сите берзи во Европа, вклучувајќи ја и нашата. Цената на електричната енергија осум месеци наназад е пониска дури и од цената после 24 часот“, изјави на прес-конференција првиот човек на РКЕ, Марко Бислимоски.
Првично дневната евтина тарифа требаше да се врати од 1 јули, но надлежните најавија дека ќе се одложи ваквата мерка.
Евтината дневна тарифа беше укината на 1 јануари 2022 година, кога имаше и поголемо зголемување на цената на електричната енергија за 9,48 отсто. Доколку останеше евтината дневна тарифа, ќе требаше да се зголеми цената на струјата за дополнителни 5 отсто, односно зголемувањето ќе изнесуваше 14,23 отсто. Изминатата година граѓаните можеа да користат поевтина струја само во текот на ноќта - од 22 до 7 часот секој ден и во недела цел ден.