Технички проблеми го одложија враќањето на евтината струја
21 јуни 2023Следната недела ќе се знае за колку ќе се зголеми цената на струјата. Поради технички проблеми околу подесувањето на броилата на корисниците, дневната евтина тарифа, која што беше најавена од 1 јули, засега излегува од игра. Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) прави напори со цел да се изнајде решение за подесување на броилата што поскоро и да не се чека една година за да се врати дневната евтина тарифа на електрична енергија за домаќинствата.
„Она што сега го знаеме во делот на МЕПСО е дека цената за загубена електрична енергија во втората половина на годината е некаде околу 130 евра за мегават час, што е далеку пониско од претходните шест месеци, кога беше 220 евра за мегават час, така што тоа позитивно ќе влијае на цената. Во текот на следната недела ќе ги завршиме пресметките“, вели првиот човек на РКЕ, Марко Бислимоски. Прогнозите на надлежните се дека ќе има минимално зголемување на цените на струјата, што ќе зависи најмногу од понудата на ЕВН. Електродистрибуција веќе побара зголемување од 36 проценти.
На цената ќе влијае и зголемувањето на ДДВ од 10 на 18 отсто и тоа за 7,2 проценти. „Ние ги носиме цените без ДДВ и ќе се обидеме и оваа година да бидеме креативни со цел да се избегне ценовен шок врз потрошувачите во државата“, вели Бислимоски.
Евтина струја ќе има, но кога?
Првиот човек на РКЕ е дециден дека евтина струја ќе има, но тоа ќе зависи кога ЕВН ќе успее да ги прилагоди броилата на корисниците на новите цени. „Во овој момент имаме сериозно разијдување за колкав временски период можат да се надминат тие технички проблеми со софтверот“, вели првиот човек на РКЕ.
Целта е што е можно повеќе граѓани во ист момент да ја користат евтината тарифа за да нема жалби и поплаки зошто некој има, а друг нема.
По воведувањето на блок-тарифите броилата имаат четири позиции во кои се регистрира скапата тарифа, а сега треба дополнително да се воведе и евтина тарифа, така што на операторот на дистрибутивниот систем му треба време за да се сетираат сите броила. Потребно е време да се промени и билинг-системот за да може да се фактурира евтината тарифа. Тоа го прави надворешна фирма на ЕВН, за што е потребно повеќе време. Броилата кои немаат далечинско отчитување ќе мора рачно да се прилагодуваат, а за оние со далечинско отчитување тоа ќе се направи од компјутерскиот центар на операторот.
Претстои неизвесен период
И вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи не може да прецизира кога ќе се врати дневната евтината тарифа на струјата за домаќинствата. Одлуката за тоа треба да ја донесе регулаторот, а Владата е тука за да ги исполни сите неопходни предуслови.
Според Битиќи, состојбата во енергетскиот сектор внимателно се следи и се прават анализи, зашто периодот што следи е неизвесен, а претстои и нова зима.
„Имавме среќа што со сите капацитети овозможивме да ја поминеме претходната зима солидно добро, независно од големите буџетски издатоци за поддршка на енергетскиот систем и субвенционирање на струјата за домаќинствата и малите потрошувачи. Бидејќи неизвесноста ни претстои, ние внимателно следиме, а одлуката секако е на Регулаторната комисија, не е ниту моја ниту на некој министер. Ние ќе ги исполниме сите предуслови неопходни за да се врати тоа што сметаме дека граѓаните треба да го имаат“, вели Битиќи, одговорајќи на новинарски прашања по отворањето на новиот погон на американската компанија „Теламон“ во Инџиково.
Тој не очекува поскапување на струјата.