Европскиот самит во сенка на изборната победа на Трамп
8 ноември 2024По потврдата дека Доналд Трамп ќе се врати во Белата куќа, европските лидери не кажаа ниту еден лош збор за него. Огромното мнозинство од 47-те шефови на држави и влади кои се собраа во Будимпешта на самитот на Европската политичка заедница (ЕПЦ), организација на која, покрај земјите од Европската унија, Турција, Украина, Исланд, Норвешка и Велика Британија, како и земјите од Западен Балкан, смета на продолжување на партнерството со САД. Знаејќи дека победникот на изборите во Вашингтон е подложен на лично додворување, многу европски политичари ја пофалија „величествената“ кампања, „историскиот“ успех и „големото враќање“ на претседателот.
Дури и украинскиот претседател Володимир Зеленски, кому Доналд Трамп сака да му ја скрати одбранбената помош против Русија, го пофали неговиот, како што рече, „многу добар“ телефонски разговор со Трамп, кој е критичен кон ЕУ. „Му оддадов признание на неговото семејство и неговиот тим за нивната одлична работа“, рече Володимир Зеленски. Тој се радува на „ера на силни Соединети Држави под енергично водство на претседателот Трамп“.
Ваквиот избор на зборови би требало да му се допадне на Доналд Трамп, кој во предизборната кампања тврдеше дека може да стави крај на руската војна против Украина за 24 часа дури и пред инаугурацијата. Во емотивниот говор во Будимпешта, претседателот Зеленски, исто така, предупреди дека отстапките за Русија би биле „самоубиство за Европа“.
Радосно да се поита кај Трамп?
Новиот генерален секретар на НАТО, Марк Руте, на самитот на ЕПЗ, одржан на фудбалскиот стадион во Будимпешта, изјави дека дури и се радува да работи со администрацијата на Трамп „за постигнување мир преку сила“. Тоа толку добро функционираше во текот на неговите први четири години на функцијата, рече Руте. Навистина? Очигледно се заборавени заканите на Трамп од предизборната кампања дека нема да ги брани земјите од НАТО кои не ги зголемуваат воените буџети во согласност со договорот за НАТО. Францускиот претседател Емануел Макрон на самитот тврдеше дека Европа не треба засекогаш да ја остави својата одбрана во рацете на Американците. „Дали сакаме другите да пишуваат историја, војните на Владимир Путин, изборите во САД или трговската политика на Кина? Или сакаме да ја напишеме сопствената историја? Мислам дека имаме сила самите да го напишеме“, рече Макрон.
Албанскиот премиер Еди Рама ги предупреди своите европски колеги да не реагираат „хистерично“ на изборната победа на Трамп, туку да ја гледаат реалноста и да ја чекаат конкретната политика на Трамп. „Ова може да биде и можност за Европа да ги промени работите и да почне да гледа на нив поинаку“, смета Рама. На крајот на краиштата, повисоките трошоци за одбрана во Европа под притисок на Трамп ќе доведат до јакнење на НАТО. Меѓутоа, трошоците насочени кон достигнување два отсто од бруто националниот производ пораснаа побрзо од очекуваното, особено по рускиот напад на Украина во 2022 година - кога на функција беше претседателот Џо Бајден.
Српскиот претседател Александар Вучиќ, кој е повеќе наклонет кон Русија отколку кон Западот, изборната победа на Трамп ја гледа како можност. „Се надевам дека сега ќе може да се разговара за прекин на огнот и мир во Украина“, рече Вучиќ. Каков било договор, вели тој, е подобар од сегашната воена состојба.
Орбан ужива во промената во Вашингтон
Унгарскиот премиер Виктор Орбан, исто така сојузник на Кремљ, беше целиот насмеан додека ги пречекуваше своите гости во Будимпешта. Не кажа многу, но неговата широка насмевка сепак зборуваше многу. Орбан е единствениот шеф на влада на земја членка на ЕУ кој отворено водеше кампања за Трамп.
Дипломатите на Европската унија оценуваат дека Орбан сега се гледа себеси како природен посредник меѓу новата администрација во Вашингтон и Европа. Орбан беше жестоко критикуван од Брисел за неговата независна „мировна мисија“ во Москва и Пекинг минатото лето. Десничарскиот политичар е во постојан спор со Европската комисија поради дефицитите во владеење на правото во Унгарија. Претежно изолиран во Брисел, сега е заседнат во Будимпешта.
Берлинската владина криза фрла сенка на состанокот во Будимпешта
Една личност не учествуваше во разговорите за Трамп и Украина: канцеларот Олаф Шолц. Во Берлин прво мораше да се справи со распадот на владејачката коалиција. Во средата вечерта, Шолц го разреши својот либерален министер за финансии и најави нови избори, најверојатно во март, што е сосема невообичаено за Германија. Откако ја откажа посетата во четвртокот, Шолц сепак сака да биде присутен на неформалниот состанок на 27-те држави на ЕУ овој петок, исто така во Будимпешта.
По победата на Трамп во сегашните тешки економски и безбедносни времиња, владината криза во Германија доаѓа во незгодно време за Европејците. Но, сите европски колеги на Олаф Шолц истакнаа дека промената на власта е сосема нормален демократски процес. На крајот на краиштата, Австрија и Белгија исто така во моментов се борат со тешки коалициски преговори. Во Ирска се распишани нови избори, а во Франција премиерот владее со променливо мнозинство.
Но, можеше да се слушне и дека „Европа може да биде силна само со силна Германија“, како што изјави во Будимпешта претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола. Генералниот секретар на НАТО Руте, кој во понеделникот беше во Берлин во прва посета откако е на чело на Алијансата, е оптимист и верува дека Германија и покрај владината криза ќе ги исполни своите одбранбени обврски на меѓународната сцена.
Настаните во Германија не ѝ штетат на Европската унија
Официјалниот став на Европската комисија е следен: промената на власта во Германија нема да ја попречи Унијата. Според претседателката на Комисијата на ЕУ, Урсула фон дер Лајен, членките на Европската унија можат полесно сами да ги надминат предизвиците. „Кога сме заедно, имаме голема моќ. И тоа е нашата најголема сила“, рече претседателката на Европската комисија. Се вели дека демохристијанската политичарка не е во најдобри односи со германскиот социјалдемократски канцелар Шолц.
Сепак, дипломатите на ЕУ во Будимпешта велат дека некои работи би можеле полесно да се решат без германската социјалдемократско-зелено-либерална влада. Раскараната коалиција веќе неколку пати предизвика незадоволство поради ненадејната промена на мислењето за време на гласањето во Брисел. Се појави дури и навредливата фраза „The German Vote". Преговорите за следната буџетска рамка на Европската унија, која треба да биде претставена во јули 2025 година, би можеле да бидат уште полесни зашто германските избори ќе се одржат пред тоа, наместо во септември 2025 година, како што беше планирано. Но, и тоа се шпекулации, бидејќи не е сигурно дали до лето ќе завршат неопходните преговори за формирање нова коалиција.
„Стратешка интимност“
Европската политичка заедница е основана во 2022 година како форум против Русија, на иницијатива на Франција. Овде треба да разменат идеи и да разговараат за политичките стратегии членките на Европската унија, кандидатите за пристапување во Унијата и земјите кои не сакаат да влезат во ЕУ. На самитот на ЕПЗ не се носат формални одлуки.
Тоа е повеќе формат за лидери на држави и влади кои вообичаено не се среќаваат толку често. „ЕПЗ е секако прилично неформален настан, дури и ако лидерите се сретнат овде. Тоа е место за стратешка интимност, така да се каже, со слободно време за разговор и без насоки“, вели Стивен Блокманс, експерт за Европа во тинк-тенкот ЦЕПС во Брисел. Фокусот е на социјалната размена и дискусиите за безбедносните прашања што го засегаат Стариот континент.