Европскиот „антируски сојуз“ на собир во Молдавија
1 јуни 2023Молдавија ги обединува сите политички проблеми со кои мораат да се справуваат лидерите на Европската политичка заедница (ЕПЗ),помалку или повеќе неформална политичка групација основана во 2022 година. Владата во главниот град Кишињев стравува дека Молдавија, мала држава стисната меѓу Романија и Украина, би можела да биде следна мета на руската агресија доколку Украина ја загуби сегашната војна.
Придњестровје, дел од земјата кој ѝ е лојален на Русија, пред 30 години прогласи независност од Молдавија и оттогаш е под контрола на т.н. „руски мировни трупи“. Без оглед на овој „замрзнат судир“, Европската унија се согласи на Молдавија, заедно со Украина, да им даде статус на кандидати за членство, кое ќе следи – некогаш.
Заеднички против Русија
На средбата на 47 шефови на држави или влади на ЕПЗ на виногорјето Кастел Мими овој четврток (1 јуни), ќе стане збор токму за тие теми: војната на Русија против Украина, проширување на ЕУ и интензивирање на меѓусебната соработка на европските држави, освен Русија и со неа поврзаната Белорусија.
По основачкиот самит во Прага во октомври минатата година,учесниците оценија дека тој нов форум за комуникација е корисен. Германскиот канцелар Олаф Шолц во мај, на самитот на Советот на Европа одржан во Исланд, ја пофали ЕПЗ како „успешен форум“, зашто тука шефовите на држави или влади можат да разговараат едни со други без притисок формалните одлуки да мора да се стават на хартија.
Францускиот претседател Емануел Макрон, кој и го иницираше тој формат, секако е полн со оптимизам, но и патетика. Така, во Прага изјави дека ЕПЗ е инструмент за спречување на „граѓански војни и растечки проблеми на обединета Европа.“
Тоа не е замена за членство во ЕУ
Со повеќе реализам кон новиот формат пристапуваат лидерите на земји кои аспирираат за членство во ЕУ. Така на пример, албанскиот премиер Еди Рама предупреди дека ЕПЗ не смее да стане само уште една чекалница за кандидатите за влез во ЕУ. Пристапните преговори, нагласи, мора да продолжат, без оглед на новиот форум. Неговата земја, исто како и Северна Македонија, Србија и Црна Гора, преговара за приклучување кон ЕУ. БиХ е засега само кандидат за преговори, а Косово и Грузија се и чекор подалеку – тие се потенцијални кандидати за пристапување.
Канцеларот Шолц сака да го забрза бавниот пристапен процес, како што рече во Европскиот парламент на почетокот на мај. За тоа, меѓутоа, е потребна реформа на самата ЕУ.
Во Молдавија се поканети и Турција, Ерменија и Азербејџан, земји кои со себе носат широка лепеза на политички проблеми. Раскараните соседи Ерменија и Азербејџан се состануваат во Молдавија по новите преговори одржани во Москва. Во судирот околу спорниот регион Нагорно Карабах, рускиот претседател Владимир Путин веќе одамна е важен играч.
А турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, оснажен со повторниот изборен триумф, веројатно ќе заземе критички став ко ЕУ и и натаму ќе инсистира на статус на Турција како кандидат за членство.
Истовремено, Косово и Србија (која во Молдавија треба да ја претставува претседателот Александар Вучиќ) и натаму спорат околу статусот на српското малцинство во северно Косово, додека Велика Британија, единствена бивша членка на ЕУ, уште ја бара својата улога на политичката сцена на Европа.
Зошто е потребна ЕПЗ?
Во текот на неколку часа во молдавскиот дворец Мими нема да има време за пронаоѓање решенија за сите тие бројни судири, но можеби ќе има за формулирање на некои коструктивни импулси. Зошто инаку би бил корисен новиот „дебатен клуб“, како што го нарекуваат критичарите? Тоа прашање има смисол, со оглед што сите тие земји, со исклучок на Косово, воедно се и членки на Советот на Европа, кој пред две недели се состана во Исланд и исто така се занимаваше со руската војна против Украина. Значи, што може ЕПЗ да направи подобро?
„Тоа е прашање од милион долари. Ако ги прашате земјите-учеснички, обично наидувате на беспомошност“, вели Аманда Паул од бриселскиот труст на мозоци Европски центар за политика. За лидерите од држави кои не се членки на ЕУ, вели таа, веројатно станува збор за можноста лично да разменат идеи и да разговараат за проблемите.
Следната средба во Шпанија
Европската политичка заедница како „европски форум во XXL-формат веќе на првата средба во Прага донесе одлука – третата средба ќе се одржи во октомври во Шпанија, а четвртата следната година во Велика Британија. Сепак, ЕПЗ нема свои сопствени структури – за неопходните работи се користи просторот на секретаријатот на Европскиот совет во Брисел, од мај постојат посебен канал на Твитер и Фејсбук, но интернет страница уште нема.
Идејата на Емануел Макрон за Европска политичка заедница не беше баш сосем нова. Уште во 1989 година тогашниот француски претседател Франсоа Митеран предложи таква заедница како реакција на политичките промени во источна Европа и Советскиот Сојуз. Идејата на Митеран не беше реализирана, зашто во форумот сакаше да ја вклучи и Русија, што источните Европејци го одбија.