1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прашки самит, европска зима и македонски очекувања

5 октомври 2022

Иако идејата за Европска политичка заедница отвори многу прашања, нема дилеми дека РСМ утре треба да биде на иста маса со нејзините пријатели.

https://p.dw.com/p/4Hl6A
Членството во Европската политичка заедница не е замена за членството на С.Македонија во ЕУ, во повеќе наврати беше нагласено во Брисел
Членството во Европската политичка заедница не е замена за членството на С.Македонија во ЕУ, во повеќе наврати беше нагласено во БриселФотографија: DW/M. Maksimovic

Не е организација, не е формална заедница, а не е ни замислена да биде замена за полноправно членство во ЕУ. Тогаш - што е Европската политичка заедница, чиј прв самит ќе се одржи утре во Прага? Форум - засега е неутралниот збор со кој се ословува реализацијата на неодамнешната идеја на францускиот претседател Емануел Макрон, кој прв го лансираше терминот „Европска политичка заедница". Како што тогаш беше најавено, целта е дa се создаде формат во кој би комуницирале сите земји од континентот кои сакаат да делат заеднички вредности и интереси: не само оние кои се членки на ЕУ, туку и оние кои сакаат да бидат, па и оние кои ја напуштиле, како Велика Британија. Токму затоа, на утрешниот самит во Чешка - земјата актуелен претседавач со Советот на ЕУ, покрај 27-те земји членки на ЕУ, поканети се уште 17 други држави, меѓу кои Велика Британија, Швајцарија, Норвешка, Исланд, Лихтенштајн, Турција, Украина, Молдавија, Грузија, Ерменија, Азербејџан и шесте земји од Западен Балкан. Делегацијата на Северна Македонија ќе ја предводи премиерот Димитар Ковачевски.

Бидејќи во деновите пред самитот повеќе се зборуваше „што нема да биде Европската политичка заедница“, отколку „што ќе биде“, помеѓу остана прашањето - има ли овој форум јасна цел? Имајќи го предвид времето во кое се случува - војната во Украина, растечката енергетска и економска криза чии последици ги чувствуваат сите земји, се оценува дека конструктивните разговори во една нестабилна ситуација ќе бидат и повеќе од позитивна порака.

Францускиот претседател Емануел Макрон предложи основање на Европска политичка заедница на 9 мај 2022 година
Францускиот претседател Емануел Макрон предложи основање на Европска политичка заедница на 9 мај 2022 годинаФотографија: Ludovic Marin/Pool/AP/picture alliance

На иста маса со пријателите

Во услови кога проширувањето на ЕУ не се движи со посакуваната динамика, некои земји во изминатиот период изразуваа стравувања дека овој формат може да прерасне во заден двор каде ќе имаат земјите кандидати за членство во ЕУ и дека Брисел на овој начин само си обезбедува помошна платформа преку која ќе го одржува влијанието врз нив. Но, од ЕУ во повеќе наврати стигнуваат јасни пораки дека Европската политичка заедница не е, и не може да биде замена за членство во Унијата. Клучната предност од оваа иницијатива е што земјите кои сѐ уште не се членки на Унијата ќе имаат канал за постојано присуство, увид и дискусија на највисоко ниво со челниците на ЕУ, за сите прашања од заеднички интерес. Од тој аспект, за домашни аналитичари нема дилема дека Северна Македонија треба да биде на масата на овој самит.

„Првиот Самит на Европската политичка заедница е можеби една од најзначајните политички одредници за иднината, од почетокот на оваа деценија на европскиот континент“, оценува амбасадорот Тихомир Илиевски, кој се осврнува и на моментот во кој се одржува самитот.

„Се одржува во климаксот на затегнатите политичко-безбедносни и економски односи на континентот, незапамтена состојба на тлото на Европа по Втората Светска војна. Решение за војната во Украина ни треба што поскоро, а и драматичната енергетско-економска криза на континентот нѐ притиска сите на прагот на зимата. Иницијативата отвора можност да се разговара за модалитетите што ке ги зајакнат дијалогот и соработката на ЕУ и земјите кои не се членки на ЕУ кон повисоки цели и идни решенија од интерес на сите жители на Европа. И повеќе од тоа, ова е политички обид да се засили безбедноста, стабилноста и да се отворат просперитетни перспективи за сите земји и народи, зашто никој не може да оспори дека делиме иста судбина на тлото на стариот континент“, вели Илиевски. 

Чешкиот главен град Прага ќе биде домаќин на основачкиот самит на Европската политичка заедница
Чешкиот главен град Прага ќе биде домаќин на основачкиот самит на Европската политичка заедницаФотографија: Stephan Schulz/dpa-Zentralbild/picture alliance

Тој оценува дека Македонија има добра можност да ја искористи таа шанса за да ги понуди своите видувања и вредности на патот кон овие цели.

„Затоа е исклучително важно да бидеме таму со нашите пријатели. Да не заборавиме, заедно со нас во Прага ќе биде и една Велика Британија, која, колку што сум информиран, веќе се залага да биде домаќин на вториот собир во ваков формат. Самитот во Прага е можност да ги подигнеме на највисоко ниво и нашите аргументи пред актуелното Чешко претседателство со Советот на Европската Унија, но и пред наредното, на Шведска, затоа што во текот на овие две претседавања ќе се случуваат многу значајни настани на патот на прогресот на нашата држава кон полноправното членство во ЕУ“, оценува Илиевски, и верува дека може да очекуваме интересни и добри вести за нас од тој врвен политички собир.

Смоквин лист?

Мирот, европската безбедност, геополитичките предизвици, енергeтската криза, цените на гасот, оштетувањата на гасоводите во Балтичко Море, солидарноста и синџирите за снабдување со енергенси, ќе бидат главните теми на самитот во Прага. Тоа е можност и македонските претставници да ја презентираат потребата од внесување на РСМ во европските политики на субвенционирање поради негативните ефекти од енергетската криза, тема на која претседателот Стево Пендаровски минатиот викенд веќе разговараше со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и со бугарскиот претседател Румен Радев во Софија.

„Новата платформа има потенцијал да го олесни дијалогот и да создаде можности за поефективна координација на напорите за постигнување на стабилност, безбедност и просперитет, како во рамките на ЕУ, така и со државите во соседство“, оцени Радев во разговор со претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, во рамки на подготовката на самитот во Прага.

Претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел ги предводи подготовките за самитот на Европската политичка заедница во Прага
Претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел ги предводи подготовките за самитот на Европската политичка заедница во ПрагаФотографија: imago images/Eastnews

На замислата на Макрон за стабилизирање на соседството преку форматот на Европската политичка заедница, се осврнува Пјотр Бурас, шеф на варшавската канцеларија на Европскиот совет за надворешна политика, во колумна за бугарски „Дневник“.

„За да одговори на таа фундаментална потреба и да го ‘стабилизира соседството’, како што рече Макрон, ЕУ ќе мора да направи многу повеќе отколку да создаде нова конференција на шефови на држави. Таа мора да предложи долгорочна визија за интеграција со Европа, вклучително и целосен пристап до четирите слободи на ЕУ веднаш штом ќе ги исполнат критериумите (...) Живееме во бурни времиња и лидерите на ЕУ мора да направат сѐ што е можно за да испратат позитивен сигнал од самитот во Прага. Но, без повеќе напори за обезбедување кредибилитет и енергија во процесот на проширување, Европската политичка заедница нема да биде нешто повеќе од смоквин лист, кој ќе ги покрива геополитичките тешкотии на ЕУ", оценува Бурас.