Европски избори: На Германците најважен им е мирот
1 јуни 2024Тоа се најголемите демократски избори во светот, ако се исклучи Индија. Околу 450 милиони граѓани на ЕУ се поканети да изберат нов Европски парламент во јуни. Германија има 96 од вкупно 720 пратеници во парламентот на ЕУ.
Кампањата трае со недели, а политичарите се обидуваат да ја добијат поддршката од граѓаните за нивните политички теми. Меѓутоа, многумина се незаинтересирани. Четворица од десет гласачи нема да учествуваат на изборите на 9 јуни.
Ова се резултатите од истражувањето на јавното мислење „Дојчландтренд“, кое го спроведува институтот Инфратест-димап за јавниот сервис АРД. Во периодот од 27 до 29 мај биле анкетирани 1.515 граѓани на возраст над 16 години со право на глас. Во 2019 година излезноста на европските избори беше нешто повеќе од 61 процент.
СПД, Зелените и ФДП се во опасност да бидат казнети
Како што сега стојат работите, Христијанско-демократската унија ЦДУ/ЦСУ има добри шанси повторно да стане најсилната сила на европските избори во Германија.
Партиите на Унијата во моментов имаат поддршка од 29 отсто од гласачите, што е под нивото од пред пет години, но тие се јасно пред останатите. Послаби резултати од 2019 година имаат и партиите од владејачката коалиција: СПД (15 отсто), Зелените (14 насто) и ФДП (четири отсто). Зелените се далеку под рекордниот резултат од 20,5 отсто на претходните избори.
Алтернативата за Германија (АфД), чија европска изборна кампања е преполна со скандали, поради што една четвртина од нејзините поддржувачи се незадоволни, би поминала подобро од пред пет години, но со 14 насто сепак би останала под сопствените очекувања.
Новооснованата алијанса Сара Вагенкнехт (БСВ) би освоила шест отсто од гласовите. Левица и Слободните гласачи би освоиле по три отсто.
Заштитата на климата и животната средина се помалку важни
Сепак, само половина од анкетираните донеле цврста одлука, секој шести гласач не ја исклучува можноста да ги промени своите партиски преференции, покажува Дојчландтренд. На прашањето кои се најважните политички теми, најчесто се споменуваат мирот, социјалните прашања и имиграцијата.
Изборот на теми е различен од пред пет години. Со оглед на актуелната безбедносна состојба, одржувањето на мирот, со 26 отсто, доби поголемо значење за гласачите.
Речиси секој четврти гласач, исто така повеќе отколку во 2019 година, сака да се фокусира на прашањата за социјалната безбедност. И прашањето за имиграцијата стана поважно, заземајќи го третото место.
Од друга страна, климата и заштитата на животната средина, главна тема на изборите во 2019 година, значително ја изгубија својата важност. За само 14 отсто од гласачите (претходно 23 насто) оваа тема ќе влијае на одлуката за гласање.
ЕУ повеќе не предизвикува одушевеност
Во 2019 година, Германците гледаа на Европската унија многу попозитивно отколку сега. Само четвртина од граѓаните сметаат дека членството во ЕУ има пред се предности за Германија. За 19 отсто од испитаниците има повеќе недостатоци. За една третина од анкетираните, предностите и недостатоците се еднакви.
Пред пет години, 55 отсто од анкетираните беа за продлабочување на европската интеграција и предавање на националните овластувања на ЕУ, додека сега се 48 отсто. Речиси една третина се за враќање на надлежностите на земјите членки.
Како натаму со ЕУ? Многу граѓани се прилично песимистични за иднината.
Не само поддржувачите на БСВ и на АфД, кои генерално се скептични, па дури и негативни кон ЕУ, туку и секој втор поддржувач на Социјалдемократите (СПД), Зелените и на Унијата (ЦДУ/ЦСУ) изразуваат загриженост за иднината на ЕУ. Од вкупниот број, тоа се шест од десет гласачи.
Ограничена поддршка за Урсула фон дер Лајен
На прашањето како ја оценуваат иднината на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен (ЦДУ), која се стреми кон уште еден мандат во Брисел, четвртина од анкетираните германски граѓани, вклучувајќи го и мнозинството од редовите на Унијата, СПД и Зелените, одговориле дека ги поддржуваат амбициите на Фон дер Лајен.
Ист број гласачи со право на глас се против тоа Фон дер Лајен да биде реизбрана за претседателка на Комисијата.
Расистичките скандирања на Зилт не се изолиран случај
Покрај европскиот политички фокус, Инфратест-димап го разгледа и националното политичко расположение. За таа цел биле анкетирани 1.479 германски граѓани со право на глас.
Гнев низ целата земја предизвика неодамна објавеното кратко видео од островот Зилт во Северното Море. Таму младите гости скандираа расистички слогани како „Странците надвор“ и „Германија на Германците“ на добро позната мелодија.
Во меѓувреме, јасно е дека инцидентот во Зилт не е изолиран случај. Исто така, се наведува дека имало расистички скандирања на иста мелодија во градот Зулу во Тирингија, на островот Фемарн во Балтичкото Море, на народни прослави во Долна Саксонија, во Хамбург и во интернат во Шлезвиг-Холштајн.
Ова ги загрижува германските граѓани, покажува Дојчландтренд на АРД. Само меѓу поддржувачите на АфД, 75 отсто од испитаниците биле малку или воопшто незагрижени поради расистичките скандирања.