АфД исфрлена од десничарите во Европскиот парламент
23 мај 2024Исклучувањето на германската делегација стапува во сила веднаш, како што истакнаа неколку членови на парламентарната група ИД денеска (четврток). Најновата причина беа минимизирачките изјави на главниот кандидат на АфД за европските избори, Максимилијан Крах, за ударната трупа на Хитлер, СС. Освен тоа, 47-годишниот е на удар на критиката и поради шпионската афера со негов соработник и својата блискост со Русија и Кина.
„Групата ИД повеќе не сака да биде поврзувана со инцидентите околу Максимилијан Крах, главниот кандидат на АфД за европските избори“, велат од италијанската партија Лега. Пратеникот на Лега Марко Зани е претседател на пратеничката група на ИД.
„Серијата инциденти“ околу Максимилијан Крах и германската делегација ги нарушија „кохезијата и угледот“ на групата, се вели во нацрт-резолуцијата, која ја има на увид новинската агенција АФП. Во понеделникот, француските десничарски популисти од Националното собрание (Националното движење, РН) веќе ја прекинаа соработката со АфД.
Делегацијата на АфД претходно се обиде да ја спречи одлуката и побара да биде исклучен само нивниот прв кандидат Максимилијан Крах. - Неговото однесување не го оправдува исклучувањето на сите пратеници на АфД, порача лидерот на делегацијата Кристин Андерсон во електронска порака до извршниот одбор на парламентарната група. Предлогот беше поддржан од седум од деветте европратеници на АфД.
Раководството на партијата АфД во Берлин претходно му забрани на својот главен кандидат да се појавува јавно на партиските настани. Тој потоа најави и повлекување од сојузниот извршен одбор. Крах за италијанскиот весник „Ла Република“ изминатиот викенд изјави дека не секој човек од СС бил криминалец.