1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европејците веруваат во ЕУ, Македонците послабо

9 декември 2023

Последниот Евробарометар покажува дека Европејците се оптимисти околу ЕУ. Големо и стабилно мнозинство Европејци велат дека членството во ЕУ е добра работа и дека нивната земја има корист од тоа. Пишува Љупчо Поповски.

https://p.dw.com/p/4ZxhF
Македонското и знамето на ЕУ
Македонското и знамето на ЕУФотографија: DW/M. Maksimovic

Мамутското истражување на последниот Евробарометар објавено пред некој ден (на 217 страници) за состојбата во Европската унија, за тоа што ги мачи граѓаните, за економските проблеми, за демократијата, а и за проширувањето, во голема мерка покажува дека Европејците се на едната страна од брегот, а Македонците на другата. Има многу работи што се слични, како тоа дека во најголемиот дел од членките на ЕУ граѓаните мислат дека државата им се движи во погрешна насока (како и во Македонија), но од тоа не се прави никаква драма, затоа што ова истражување од октомври 2023 (наречено и Парламетар поради европските избори во јуни идната година) покажува три клучни работи поради кои Европејците се разликуваат од македонците: тие се оптимисти за иднината, тие веруваат во ЕУ и тие сакаат да се борат за демократијата.

Истражувањето го правеше агенцијата „Веријан“ (поранешен „Кантар“) и таа го спроведе бранот 100.1 од истражувањето на Евробарометар. Бранот 100.1 го опфаќа населението на земјите-членки на Европската унија, кои живеe во секоја од 27-те земји-членки на возраст од 15 години и повеќе.

Македонската јавност, генерално има малку претстава што сѐ се случува во Европската унија, и покрај големиот број вести што пристигнуваат и од Брисел и од земјите-членки. Таа претстава е маглива затоа што освен прашањето за преговорите, ваква или онаква финансиска помош, блокада од едни или од други, барања за владеење на правото и борба против корупцијата, другите прашања од животот на европските граѓани се генерално непознати. Освен се разбира, од раскажувањата до семејствата на иселените што живеат во ЕУ.

Евробарометарот од октомври 2023 покажува дека и покрај сложеното влијание на геополитичкиот и економскиот контекст врз животите на граѓаните, Европејците продолжуваат да го ценат членството во ЕУ и остануваат прилично оптимисти во однос на иднината на ЕУ. Големо мнозинство од испитаниците велат дека ЕУ има влијание врз нивниот секојдневен живот, а тоа е уште повеќе случај кај оние кои често или повремено ја следат политиката на ЕУ. 

Јасно мнозинство дека членството е добра работа

Јасно мнозинство од испитаниците го гледа членството во ЕУ како добра работа, важна придобивка за нивната земја. Придонесот на ЕУ за мирот и безбедноста и подобрената соработка меѓу земјите-членки се сметаат за главни придобивки од членството во ЕУ. Голем дел од Европејците велат дека активностите на ЕУ имаат влијание врз нивниот секојдневен живот. Европскиот парламент продолжува да проектира позитивна слика и повеќето Европејци ја споделуваат желбата оваа институција да има позначајна улога. Иако поддршката за забрзување на проширувањето на ЕУ е благо намалена, мнозинството и понатаму се согласува со тоа. 

Истражувањето ја покажува континуираната важност на демократските вредности во ЕУ. Демократијата и понатаму е на врвот на листата на вредности што треба да ги брани Европскиот парламент. Во проблематичен меѓународен контекст, граѓаните на ЕУ ја негуваат демократијата и продолжуваат да бараат повеќе. Исто така, јасно е дека ЕУ игра важна улога во животот на луѓето. 

Еве некои податоци во врска со оптимизмот и вербата во ЕУ, наспроти тврдењата на одделни партии овде, а и некои аналитичари дека Унијата само што не пропаднала и дека Македонија нема потреба да прави толкава „жртва“ со внесувањето на Бугарите во Уставот по барање на организација што се распаѓа. Поради војната во Украина, а со неа поврзаната економската криза (која се надоврза на пандемијата) 73 отсто од Европејците мислат дека нивниот животен стандард ќе се намали во следната година. Близу половина (47%) веќе забележале намален животен стандард, 26% немаат, но очекуваат да се намали во текот на следната година.

На ниво на ЕУ, 37% од испитаниците велат дека понекогаш наидуваат на потешкотии при плаќањето на сметките, или поголемиот дел од времето, со силни варијации на национално ниво. На пример, тоа е случај со 86% од грчките испитаници, во споредба со помалку од еден од десет во Данска (8%) и Шведска (7%).

И покрај сето ова, големо мнозинство (60%) од граѓаните на ЕУ велат дека се оптимисти за иднината на ЕУ, а тоа е особено случај кај помладите Европејци (66%-67% од оние на возраст од 15-39 години во споредба со 55% од оние на возраст од 55 или повеќе години). Дури и ако оптимизмот е намален за четири процентни поени на ниво на ЕУ во споредба со пред шест месеци, тоа е мнозинскиот одговор во сите земји освен Франција, каде 46% од испитаниците велат дека се оптимисти, а 49% се песимисти.

Големо и стабилно мнозинство Европејци (61%) велат дека членството во ЕУ е добра работа и дека нивната земја има корист од тоа што е членка на ЕУ (72%). Интересно е што резултатите на прашањето за користа од членството во ЕУ постојано се зголемуваат со текот на времето - од 50% во есента 2010 година, на 67% во пролетта 2019 година и достигнаа 72% од есента 2020 година и сега. Во некои држави оценката на граѓаните за придобивките од членството во ЕУ е неверојатно голема: во Литванија 94%, Ирска 93%, Луксембург 93% и Малта (92%). На спротивниот дел од скалата се Италија со 57%, Бугарија со 57% и Австрија со 55%. Па, сепак, и таму мнозинството ги чувствува придобивките од членството во ЕУ.

Мнозинството е за проширување на ЕУ

На прашањето за главните причини поради кои мислат дека нивната земја има корист од тоа што е членка на ЕУ, Европејците првенствено го споменуваат придонесот на ЕУ за одржување на мирот и зајакнувањето на безбедноста (34%), како и подобрената соработка меѓу земјите на ЕУ (34%).

Демократијата е најспоменуваната вредност во 12 земји. Во две земји, Германија и Шведска,  повеќе од половина од испитаниците велат дека борбата за неа треба да биде приоритет (56 и 54%). Најмалку неа ја споменуваат оние земји кои имаат проживеано едопартиски режими. Така, за Бугарија (25%), Словачка (23%) и Хрватска (20%) борбата за демократијата и не е меѓу поважните цели. Овие податоци соодветствуваат на истражувањата во Македонија каде голем дел од испитаниците мислат дека демократијата не е единствен систем на управување кон кое треба да се стремиме.

Понатаму, заштитата на човековите права, слободата на говорот и мислата, солидарноста меѓу земјите-членки, владеењето на правото, слободата на движење и родовата еднаквост се вредностите кои најмногу се споменуваат во земјите.

Еден резултат од анкетите во Македонија – дали земјата се движи во правилна насока – вообичаено предизвикува дебати, без оглед дали тоа било сега или пред 10 години. Таквите резултати во земјите на ЕУ генерално се земаат како индикатор, но не и за некаков политички доказ. Според овој Евробарометар, мнозинството граѓани само во три земји-членки мислат дека работите одат во вистинска насока во нивната држава: Луксембург (60%), Ирска (54%) и Данска (41%). Во преостанатите 24 земји-членки, мнозинството вели дека работите одат во погрешна насока. На врвот, чудно, се наоѓаат Шведска (78%) и Франција (74%), потоа Кипар (68%) и Грција (66%). Во Хрватска, на пример, 59 отсто мислат дека работите се движат во погерешна насока, а анкетите покажуваат дека владејачката ХДЗ е голем фаворит на парламентарните избори што ќе се одржат следната година.

Ова истражување вклучува и прашање за проширувањето на ЕУ, кое првпат беше поставено во пролетта 2022 година, неколку недели по руската инвазија на Украина. Тогаш, 58% беа за ЕУ да ги забрза напорите да дозволи нови земји да се приклучат. Резултатот сега падна на 53%.

Поддршката за забрзување на напорите да се дозволи влез на нови земји во ЕУ значително варира помеѓу земјите-членки. Повеќе од две третини во Литванија (72%) и во Полска, Ирска, Шпанија и Хрватска (сите 68%) се согласуваат дека овој процес треба да се забрза, додека на другиот крај на скалата се 37% во Чешка, 40% во Словачка, а 41% во Австрија и во Кипар размислуваат на ист начин. Меѓу оние каде што преовладува мислењето дека ЕУ не треба да оди со побрзо проширување се и три клучни држави на ЕУ: Франција, Германија и Холандија. Тука е и Бугарија. Севкупно, има 19 земји каде мнозинството се согласува, а осум каде мнозинството не се согласува.

Има уште стотици показатели во овој есенски Евробарометар. Некои од нив се поврзани со изборите за следниот Европски парламент, некои за работи кои се интересни, но не се значајни за македонските граѓани, но клучната оценка е дека Европејците се оптимисти, тие веруваат во ЕУ и сакаат да се борат за демократијата и нејзините вредности. А не да помислуваат на цврста рака под демократско руво. Како што тое се случува во инцидентни случаи во Унијата, кои добро ги знеме.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар