1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Анкета: ЕУ најдобра алтернатива, Бугарија најголема закана

ДТЗ
24 октомври 2023

Евроскептицизмот е се уште присутен - 30% од испитаниците мислат дека земјата никогаш нема да влезе во ЕУ, наспроти 12% кои сметаат дека тоа ќе се случи за 5-9 години, покажува анкета на Евростат.

https://p.dw.com/p/4XxEO
Северна Македонија, ЕУ
ЕУ е најдобра алтернатива за Северна МакедонијаФотографија: Government of North Macedonia

Влезот во Европската Унија е најдобра алтернатива за Северна Македонија, но односот на Унијата кон земјата е нефер, надмен и уценувачки. Ова го сметаат мнозинството анкетирани граѓани во најновото истражување Еврометар на Евротинк – Центар за европски стратегии. Евроскептицизмот е се уште присутен - 30% од испитаниците мислат дека земјата никогаш нема да влезе во ЕУ, наспроти 12 проценти кои сметаат дека тоа ќе се случи за 5-9 години. Ако ЕУ е најдобра алтернатива за повеќето граѓани, тие како најголема закана ја гледаат Бугарија. 

Зголемен скептицизам 

Димитар Николовски, од Евротинк – Центар за европски стратегии вели дека и покрај зголемениот скептицизам во врска со влезот на земјава во ЕУ, 53 проценти од испитаниците се согласуваат дека влезот во ЕУ е добра работа за земјава, споредено со 49 отсто во 2022 година, додека 30 проценти не мислат така.

На прашањето „каков е односот на ЕУ кон Северна Македонија", 55,8 проценти сметаат дека односот на ЕУ е нефер (65 отсто во 2022), надмен и уценувачки, наспроти 27,5 отсто кои рекле дека односот на ЕУ е фер, пријателски и коректен (17 отсто во 2022). За 60,8 проценти од испитаниците ЕУ е најдобра алтернатива за земјата, што е раст од 2 проценти во однос на 2022 година кога вака одговориле 58 проценти, наспроти 35,6 отсто, кои сметаат дека земјата треба да бара сопствен модел за развој надвор од ЕУ. 

Скопје
Евроскептицизмот е се уште присутен - 30% од испитаниците мислат дека земјата никогаш нема да влезе во ЕУФотографија: Petr Stojanovski/DW

Причини „за“ и „против“ ЕУ 

Како главни причини за поддршката на влезот во ЕУ, граѓаните ги наведуваат подобриот животен стандард, намалувањето на невработеноста и повеќе инвестиции, како и поголемата демократија во однос на судството и медиумите. Граѓаните исто така очекуваат и полесен пристап до работа во странство и поголема сигурност за државата.

Како главна причина за одбивање на влез во ЕУ, анкетираните го наведуваат губењето на националниот идентитет. „Нема да се подобри ништо, а само ќе ни наметнуваат дополнители услови, влошување на животниот стандард (качување на цени), зголемено иселување на младите, не припаѓаме во таа Унија“, се дел од аргументите коишто ги навеле анкетираните зошто сметаат дека не треба да се биде дел од ЕУ. 

Во погрешна насока 

Анкетата покажува дека се намалува општото незадоволство на граѓаните во однос на лани, кога 72 отсто рекле дека земјата се движи во погрешна насока. Сега, над половина од анкетираните сметаат дека генерално, работите во државата се движат во погрешна насока, наспроти една петтина, кои велат дека се движи во многу добра насока. 

Над 56 проценти од граѓаните сметаат дека во земјата нема демократија, што е подобрување за 5 проценти во однос на минатата година, кога 61 процент од граѓаните одговориле негативно на прашањето „дали Северна Македонија е демократска земја". 

протести Скопје идентитет француски предлог
Како главни причини за одбивање на влез во ЕУ, анкетираните го наведуваат губењето на националниот идентитет.

Закани 

На прашањето „дали веруваат дека постои држава или меѓународна организација која претставува закана за земјата", 48 проценти одговориле со „да“, наспроти 46 отсто со „не“. Најголем процент од испитаниците сметаат дека Бугарија е најголема закана - 79 проценти. 

Овој одговор е најчест помеѓу етничките Македонци (44%) и поддржувачите на ВМРО – ДПМНЕ (89,7%), а кај СДСМ (80,4%). Како второ спомената „закана” е Русија (6,3%), по случувањата во Украина, и овој одговор е повеќе присутен кај помладите испитаници и испитаниците од албанска националност. Потоа следи Албанија - 2,7 отсто и Србија - 2,4 проценти.

На прашањето „која држава или меѓународна организација е најголем пријател на земјата", најголем дел, 39,6 отсто рекле Србија, по што следат САД - 13,7%, Турција - 10 %, ЕУ - 8,4% и Германија - 5.1 % од испитаниците.

Истражувањето е спроведено од страна на агенцијата БРИМА, преку компјутерски асистирана телефонска анкета во периодот од 4 до 21 септември 2023 година на репрезентативен примерок од 1003 испитаници. Маргината на грешка изнесува +/-3,1% при ниво на сигурност од 95%.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема