1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаУнгарија

ЕУ нема да го научи Орбан да се плаши

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт
19 септември 2022

Да се затвори европската финансиска славина за Унгарија која се движи кон автократија - оваа закана на ЕК одамна требаше да се спроведе во дело, оценува Бернд Ригерт и тврди - Орбан сѐ уште има „излез“.

https://p.dw.com/p/4H3hk
Виктор Орбан Унгарија Европска Унија Европа Комисија
Виктор Орбан владее и натаму, потсмевајќи ѝ се на ЕУ, додека на пријателите им дели пари од фондовите на УнијатаФотографија: Bernadett Szabo/REUTERS

Дунавскиот автократ Виктор Орбан со Унгарија владее повеќе од дванаесет години без прекин. Ако се земе предвид и неговиот прв мандат од 1998 до 2002 година, тогаш тоа се дури шеснаесет години искуство во владата. За тоа долго време, Орбан не само што ја трансформираше државата од демократија во автократија, како што стои во Резолуцијата на Европскиот парламент од пред неколку дена, туку овој национал-конзервативен популист навистина научи како да се справува и со Европската комисија. Таа жестоко го критикува поради кршењето на владеењето на правото, непотизам и корупција, контрола на медиумите и односот кон опозицијата, истовремено продолжувајќи да си издвојува пари за државата на Орбан.

Премиерот кој го поддржува мнозинството во унгарскиот парламент, може дури и да ја навредува Европската унија како неморален собир, а притоа да ѝ пружа рака. Парите од Брисел „не смрдат“, па дури ни во касата на Орбан, особено ако може да си ги подели со семејството и пријателите, за што повеќепати имаше забелешки од Европската агенција за борба против измами, ОЛАФ.

Бернд Ригерт
Бернд Ригерт

Неуверливи закани, па сепак

Сега конечно, по повеќегодишна постапка, Европската комисија покажува на дело инструменти за вршење финансиски притисок. Брисел неделава се закани дека нема да исплати 7,5 милијарди евра, бидејќи дефицитите во владеењето на правото и корупцијата во земјата ги загрозија средствата од буџетот на ЕУ. Но, таа сума се однесува на периодот до 2027 година и е една третина од планираните средства од Фондот за структурни вложувања.

Зошто толку малку и зошто толку доцна? Европската комисија се повикува на Европскиот суд на правдата кој бара соодветни и сразмерни мерки. Но, постојат и правни оценки од Парламентот и барања за итно запирање на сите исплати. Сепак, Унгарија ќе добие 44 милијарди евра од буџетот на ЕУ за периодот од 2021 до 2027 година.

Се нема веќе доверба во Унгарија

Виктор Орбан го прави она што го прави секогаш кога ќе ескалира спорот со Европската Унија. Се преправа дека сака да попушти, нуди нови закони и секакви компромиси. Нивната ефикасност е под знак прашање, но тие ја стишуваат Комисијата. Дури и еврокомесарот за буџетски прашања Јоханес Хан признава дека всушност все нема веќе доверба во Унгарија и таа ќе треба повторно да се обнови. Истовремено, Хан сака да се договори со Орбан за да го осигура единството, на пример, во однос на санкциите за Русија.

Во исто време Европската комисија ѝ се закани на Будимпешта и бара таа до ноември да ја подобри ситуацијата во однос на владеење на правото. Дури тогаш државите членки на ЕУ би требало со квалификувано мнозинство да одлучат дали на Орбан навистина ќе му биде скратено финансирањето. Веќе сега е јасно дека до ноември е невозможно да се надокнадат дефицитите во демократијата и владеењето на правото. Притоа не смее да стане збор само за тесно поимање на корупцијата, бидејќи ова е можеби последната шанса да се спречи лизгање на Унгарија кон целосен „орбанизам“. Во Унгарија демократијата е во опасност, а со неа и членството на земјата во Европската Унија. Бидејќи во клубот може да се толерираат само демократии.

Каде се храбрите земји членки?

Орбан игра ризична игра, но добро знае како да се справи со колебливите ЕУ-институции. Во други политички области ги блокира едногласните одлуки. Ту блефира, ту изигрува. Но на крајот, не смее да биде победник. Поради тоа, сега треба да се запрат исплатите и да се пуштат повторно кога ќе биде на повидок враќање кон правната држава.

ЕУ-членките досега немарно му дозволуваа на Орбан да си тера по свое. Сѐ уште се одолговлекува една друга постапка со која на крајот би можело на земјата да ѝ се одземе и правото на глас. И во Европскиот совет е потребен поголем притисок, но во екот на галопирачката криза недостасува волја да се фатат во костец и со Орбан. Само доколку Полска престане да ја штити Унгарија поради огромните разлики во политиката кон Русија, дури тогаш Орбан би се нашол во навистина непријатна позиција. Но, доколку во Италија по изборите следната недела дојде десничарска влада, Орбан одеднаш би можел да има нови пријатели во Европскиот совет.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија