Вашингтон очекува Македонија да го продолжи патот кон ЕУ
24 август 2023Вашингтон очекува Северна Македонија да го продолжи патот кон полноправно членство во Европската Унија. Ваква порака е испратена од денешната средба на претседателот Стево Пендаровски и заменик помошник државен секретар на Соединетите Американски Држави,Габриел Ескобар, кој е во дводневна посета на земјата.
На средбата е потврдена поддршката на САД за европските аспирации на С.Македонија. „Претседателот Пендаровски ја истакна важноста на поддршката која што САД ја даваат за остварување на стратешките цели на нашата држава. Во таа насока, на средбата се разговараше за следните чекори коишто треба да ги преземе Северна Македонија со цел да напредува во ЕУ интегративниот процес“, соопштија од претседателскиот кабинет.
„За остварување на нашите стратешки цели, посебно ја цениме поддршката од САД“, порача претседателот Пендаровски на социјалните мрежи.
На средбата станало збор и за состојбите во поширокиот регион, во контекст на руската агресија врз Украина.
Што ќе донесат средбите со опозицијата?
Заменик-помошникот државен секретар на САД Габриел Ескобар попладнево, со средба со претседателот Стево Пендаровски, ја почна дводневната посета на државава. Според најавите, во тек на престојот во Скопје Ескобар в петок (25.08) треба да се сретне со премиерот Димитар Ковачевски, како и со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Ескобар доаѓа во Скопје во пресрет на продолжувањето на собраниската процедура за уставните измени, како услов земјава да ја одржи втората меѓувладина седница и да ги продолжи преговорите со ЕУ. Неговата посета во јавноста се толкува дека активирање на т.н. булдожер дипломатија, која треба да направи пресврт во обезбедувањето на двотретинско мнозинство за уставните измени.