1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Две сценарија и едно прашање - не дали, туку кога?

22 август 2023

„Целата приказна повеќе наликува на обид за факторизација на партиите пред избори, отколку на некаков обид да се направи пробив во врска со уставните измени“, вели политологот Ненад Марковиќ.

https://p.dw.com/p/4VQWm
Парламентот на Република Северна Македонија
Зградата на Парламентот на Република Северна Македонија Фотографија: MAKFAX

Две пораки стигнаа вчера до премиерот Димитар Ковачевски. Едната е од неговата средба со претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен во Атина - дека успешното завршување на процесот за уставни измени е важно за натамошниот тек на европско интегрирање на земјата, и од клучна важност за Северна Македонија е да не ја пропушти таа шанса.

Втората порака стигна од Извршниот комитет на опозициската ВМРО-ДПМНЕ: уставните измени под бугарски диктат се пропаднат проект на СДСМ и ДУИ, власта е делегитимирана, излезот е во предвремени избори.

Во моментов нема ниту една точка што може да ги приближи позициите на поддржувачите на уставните измени и опонентите на тој процес. На сцената се два различни пристапа, и двата со неизвесен исход: ниту е извесно дали власта би можела до редовните избори да обезбеди 2/3 поддршка за уставни измени, ниту е извесно како би го решила опозициската ВМРО-ДПМНЕ ова прашање по изборите (предвремени или редовни) доколку ја освои власта.

Игра на надмудрување

„Што се однесува до уставните измени, мене целата приказна повеќе ми наликува на игра на надмудрување и обид за факторизација на партиите пред избори, отколку на некаков реален обид да се направи пробив во врска со уставните измени“, вели политологот Ненад Марковиќ.

„Од една страна СДСМ и ДУИ цврсто стојат на интенцијата уставните измени да се случат пред изборите, по што веднаш би се согласиле на предвремени избори, а од друга страна ВМРО-ДПМНЕ нема никаква намера да прифати уставни измени пред изборите и со тоа да ризикува намалување на својот рејтинг кај ионака веќе иритираната јавност. Во овој момент евидентно е дека уставни измени нема да има, а мене ми се чини сѐ повеќе дека до нив нема да дојде скоро. Барем не пред изборите кои се за помалку од една година“, смета Марковиќ.

Но според него, тоа не значи дека воопшто нема да дојде до уставни измени.

„Напротив. Повеќе од сигурен сум дека уставните измени ќе бидат усвоени, прашање е кога. Едно сценарио е тоа да се случи во моментов, за што недостасуваат 7 или 8 пратеници. Единствен начин тие да се обезбедат е да се повтори стратегијата пред усвојувањето на Преспанскиот договор со обид за обезбедување на овие пратеници преку некаква негативна или позитивна ‘стимулација’ или комбинација од двете. Сепак, околностите се сега сосема поинакви и мислам дека ова нема да вроди со плод, и дека сепак нема да се случи. Доколку од кои било причини се случи, ова значи многу помал ризик за раздружување од Албанија и започнување на преговорите час поскоро. И секако - парламентарни избори веднаш“, вели Марковиќ.

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски
Две пораки стигнаа вчера до премиерот Димитар Ковачевски - една од Урсула фон дер Лајен и една од ВМРО ДПМНЕФотографија: Government of North Macedonia

Поверојатни - редовни избори

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ оцени дека власта е делигитимирана и побара избори во текот на оваа година. По синоќешната седница на нејзиниот Извршен комитет, партијата апелира и бара претседателот на Собранието да не го злоупотребува Деловникот и да им овозможи на пратениците да гласаат, за да се види дека предлогот за уставни измени бил пропаднат проект на СДСМ и ДУИ. Според партијата, легитимитетот на СДСМ и ДУИ е целосно нарушен не само во однос на уставните измени, туку и во економијата, образованието, стопанството, бидејќи не нудат решенија туку повеќе создаваат проблеми. Затоа опозицијата излезот го гледа во предвремени парламентарни избори кои би требало да се договорат со консензус на сите партии, а во најкус можен рок да се направат и потребните измени и дополнувања на Изборниот законик.

Дали ова сценарио е можно?

„Сепак, второто сценарио се чини поверојатно“, вели Марковиќ.

„Тоа е одржување на избори во редовниот термин, па потоа составување влада и пристапување кон уставни измени. Таа влада најверојатно би ја предводела ВМРО-ДПМНЕ која рече дека ќе бара дополнителни финансиски и идентитетски гаранции од ЕУ, по што би се сложила да започне со уставните измени. Ова е секако далеку посигурно сценарио за ВМРО-ДПМНЕ, но недостатокот на ова сценарио се секако роковите, но и самите гаранции. Никој не знае колку време би требало додека се исполнат предусловите за да може да се пристапи кон уставни измени, но и никој не знае колку време по изборите ќе биде потребно за формирање влада. Дополнително, не постојат никакви ‘гаранции за гаранциите’, односно никој не може да биде сигурен дека ЕУ и останатите засегнати страни ќе ги дадат потребните гаранции и во каква форма тие би биле. Ова второ сценарио секако нуди крајна неизвесност, и во смисла на содржина и во смисла на некакво временско планирање“, оценува Марковиќ.

Придобивки од планот за раст

Финансиската поддршка и бенефитите за земјите кои одат по интегративниот пат - очигледно не е спорна. На синоќешната средба на премиерот Димитар Ковачевски - Фон дер Лајен во Атина, двајцата се осврнале на придобивките за земјите од Западен Балкан од новиот план за раст – приближување до единствениот пазар на ЕУ и продлабочување на регионалната економска интеграција, како и важноста за земјите од Западен Балкан да ги забрзаат реформите, за што ЕУ ќе ги зголеми претпристапните средства за земјите од регионот. Претходно двајцата на покана од грчкиот премиер присуствуваа на средба со лидерите на Западен Балкан по повод 20-годишнината од „Декларацијата од Солун“ и Самитот ЕУ- Западен Балкан.

Но, она што повеќе ја интересира опозицијата - е промена на спорните услови во преговарачката рамка. Досега од Брисел стигнуваа пораки дека такво нешто не е можно.

„Со оглед дека промена на рамката за преговори со ЕУ нема да се случи, и дека билатералното прашање со западниот сосед ќе остане дел од неа, јасно е дека ВМРО-ДПМНЕ ќе има многу мал маневарски простор“, оценува политологот Марковиќ.

Но сугерира да не се игнорираат и други околности, како на пример, политичката клима во Бугарија.

„Забораваме и дека ваквите напори ЕУ да даде какви-такви гаранции, може да ги осуети надворешната политика на Република Бугарија која можеби ќе се спротивстави. Во Бугарија политичката клима е крајно нестабилна и веројатноста Бугарија да направи некаков позитивен исчекор е сведена на минимум“, оценува Марковиќ.