Ердоган во Атина: почеток на нова ера во односите?
7 декември 2023Првиот обид не успеа. Реџеп Таип Ердоган навистина беше првиот претседател на Турција кој во 2017 година по повеќе од 60 години, дојде во официјална посета на Грција, но секој кој тогаш се надеваше на историско зближување остана разочаран. Веднаш на почетокот на разговорите со грчкиот претседател Прокопис Павлопулос дојде до спор околу прашањето за поморските граници на Егејското море. Покрај тоа, како што и се очекуваше, Грците го одбија барањето на Ердоган за екстрадиција на турските офицери кои избегаа во соседната земја по неуспешниот пуч летото 2016 година. Следуваа шест години на ледени политички односи меѓу Атина и Анкара.
Сега има нов обид. Турскиот претседател денеска, 7.12.2023, доаѓа во Турција и како што самиот вели тоа е вовед во „нова ера“ на билатералните односи. Грчко-турскиот совет за соработка со кој претседаваат Ердоган и грчкиот премиер Мицотакис исто така че се состане прв пат по седум години. Според пишувањето на медиумите, Ердоган нема да остане во Атина подолго од шест часа. Па колкиу е тогаш веројатен позитивен исход од разговорите?
Кој покажува подготвеност на компромис?
„Зависи од тоа како дефинирате ’позитивен’“, вели за ДВ Константинос Филис од Институтот за меѓународни односи во Атина. Најважно е, како што оценува Филис, да се придвижи позитивната агенда, да се намали недовербата и да се воспостави добра работна релација меѓу Ердоган и Мицотакис. Ќе се разговара за поблиска соработка во економијата, енергетиката и туризмот, но и за бегалската политика. Грчката државна телевизија ЕРТ најави дека во Атина ќе бидат најавени, па дури и потпишани вкупно 20 билатерални договори.
Сепак, Филис укажува на тоа дека не може да се очекува оти по посетата на Ердоган двете земји ќе ги надминат важните точки во спорот меѓу двете земји затоа што „Турција продолжува да поставува еднострани барања и да има територијални претензии кои не се правно втемелени и за кои не може сериозно да се расправа“, вели политикологот од Атина.
Фуад Аксу, политиколог од Техничкиот универзитет Јилдиз од Истанбул, има поинакво мислење и смета дека проблемот лежи во Атина. „Грција очекува Турција секогаш да излегува во пресрет на нивните барања и да прави отстапки. Ако така остане и во текот на претстојната посета, ќе дојде многу тешко до помирување“, укажува турскиот аналитичар.
За да ги опише односите меѓу двете земји Аксу го користи терминот „студен мир“ кога зборува за ситуацијата во Егејското море. „Во Турција и натаму се гледа со недоверба на Грција“, вели тој.
Визна либерализација како модел за ЕУ
Веројатно е значи погрешно да се имаат големи очекувања. Повеќе може да се смета на политика во мали чекори, како на пример кога станува збор за миграцијата.
Според податоците на Агенцијата на ОН за бегалци, од почетокот на годината до август во Грција од Турција се дојдени околу 25.500 мигранти, два пати повеќе отколку минатата година. Според информации на атинскиот весник „Катимерини“ двете НАТО држави се блиску до договор за построги контроли во Егејското море.
Освен тоа, Грција и Турција како што се наведува веќе се договориле турските државјани да добиваат визи за островите во источниот Егеј под олеснети услови и тоа за прв пат на рок од дури една година. Значи нема да има укинување на визите, но барем ќе има олеснување. Ердоган тоа упорно, но залудно го бара и од Европската унија. Дали сега Грците се можеби подготвени да му помогнат во тоа?
Политикологот Филис смета дека тоа е сосем можно и вели дека „договорот за визните олеснувања е важен за двете земји, а не само за турзимот во Грција. Ердоган веројатно дома ќе може да го продаде договорот како прв чекор кон преговори со Европската унија за долго очекуваната либерализација на визниот режим“.
Помирување без изборен стрес
Во интервју за ДВ, Фатих Чејлан, пензиониран амбасадор, а денес шеф на „Политичкиот центар Анкара“, нагласува дека ова е погоден момент затоа што и Грција и Турција зад себе имаат важни избори и од таму е сега полесно да се помират. поранешниот дипломат смета дека тоа би било позитивно, но и укажува дека „проблемите кои постојат долго време се нерешени“.
На крајот на краиштата, приближувањето на поранешните крвни непријатели би можело да ја зацврсти стабилноста во проблематичниот регион. Чејлан укажува на тоа дека западот е зафатен со војните во Украина и на Блискиот Исток, и дека затоа не можесебе да си дозволи нов судир меѓу Турција и Грција. „Затоа се обидуваат барем до некаде да ги подобрат односите меѓу Атина и Анкара“, смета тој. Политикологот Филис пак става под прашање во колкава мера западот воопшто уште може да влијае на тоа. „Турција под Ердоган се повеќе се оддалечува од западот. Таа денес себеси се доживува како регионална сила која дејствува независно“, заклучува аналитичарот од Атина.