Енергетската и економска криза и безбедноста на државата
22 септември 2022Кризата ќе се мултиплицира, оценуваат за ДВ домашни аналитичари, откако стана извесно дека војната во Украинавлегува во нова фаза. Министрите за надворешни работи на ЕУ присутни на сесијата на Генералното собрание на ОН вчера (21.09) одржаа вонреден состанок во Њујорк, откако рускиот претседател нареди делумна мобилизација и најави дека ако постои закана за територијалниот интегритет на Русија ќе бидат искористени - сите средства. Се прават анализи што ќе значи тоа за глобалната безбедност, а државите ги решаваат и равенките за „домашен мир“ во време кога важна „ставка“ во безбедноста се енерегенсите, нивната достапност и цените.
„Светот денес навистина живее во една динамична и непредвидлива синусоида“, вели поранешниот амбасадор во НАТО, Нано Ружин.
Тој потсетува на негативниот след на настаните - само што почна да се надминува кризата со пандемијата, се случи руската инвазија во Украина. Пред војната, предвидувањата беа дека економиите исцрпени од пандемијата ќе ги надминат тешкотиите до 2023 година. Но војната го загрози прогресот - влијаеше врз порастот на цените, ги зајакна инфлаторските тензии и афектираше милиони луѓе.
„Во услови кога цените на енергенсите постојано растат, растат социјалните тензии и апелите на загрозените кон јавните власти. Гладниот никогаш не им верува на политичарите, независно кој е главниот виновник за немаштијата. “За да се управува успешно со денешниве енергетски и геополитички кризи е исто како да возите Ферари со летни гуми врз заледен пат’, смета Берлускони. Стариот социјалдемократски слоган гласи: ‘Изборите се добиваат со социјалната политика кон незадоволството на сиромашните и незадоволните, а не со надворешна политика’. За речиси 90% граѓани на Северна Македонија, трошоците зa сметките за енергенсите претставуваат најзначајни трошоци за семејствата и затоа е огромен бројот на оние кои стравуваат од претстојната зима“, вели Ружин.
Влијание врз политичката рамнотежа
Во која мера таквата состојба може да ја дестабилизира државата?
„Сите што се занимаваат со анализа на состојбите во општеството, ќе се сложат дека таквиот социјален удар може да има влијание врз политичката рамнотежа во државата. Раководната политичка елита на Северна Македонија оваа зима ќе се најде пред најмалку три политички предизвици“, оценува Ружин.
Според него, прво ќе мора да одговори на зачестените барања на разните општествени и социјални сегменти - синдикални, пензионерски и социјално загрозени групи, до образовни, инфраструктурни и услужни субјекти. Вториот сегмент е висината на платите на вработените во јавните служби и администрацијата, а третиот - расположението на јавното мислење околу геополитичките предизвици на Северна Македонија.
„Сите споменати домени се испреплетени и поврзани со безбедноста и стабилноста на државата. Набљудувано од геополитички аспект, населението во Северна Македонија е поделено околу војната во Украина. Сепак таквата поделеност не може да доведе до загрозување на безбедноста и стабилноста, бидејќи државава е членка на НАТО и е под одбранбениот чадор на Алијансата. И најголемите противници на Преспанскиот договор пред себе ќе треба да признаат дека токму овој историски чин ја зголеми надворешната безбедност на државата. Тоа, пак, не значи дека НАТО ќе бдее и над внатрешните односи во државата. Прашањето на меѓуетничките односи, на социјалните релации и тензии е прашање со кое се зафаќа самата држава. Затоа се очекува од Владата, таа во синергија со ЕУ, НАТО и соседите да направи максимални ангажмани околу надминувањето на тесните грла на домашната социјална сликовница“, смета поранешниот амбасадор во НАТО.
Нетранспарентно трошење
„Војната во Украина, геостратешките раздвижувања, сферите на влијание, светската енергетска и економска криза, во голема мерка влијаат врз состојбите на Балканот, но и во Македонија. Балканот и натаму е буре барут“, вели поранешниот министер за внатрешни работи, Павле Трајанов, потсетувајќи на односите Белград-Приштина, во БиХ, меѓу Турција и Грција...
„Кризата ќе се мултиплицира. Треба да се активираат сите економски и кадровски потенцијали со кои располага Македонија за да го избегнеме разорното дејство на кризата, која му се заканува на целиот свет. Енергетската и економската криза, доколку стратешки и навремено не се менанџира, може да предизвика социјални немири, кои директно ќе влијаат врз безбедноста и стабилноста на државата“, предупредува Трајанов.
Посочува дека енергетската криза забрзано ги троши државните резерви, ја зголемува инфлацијата и во колапс се многу компании и помали фирми.
„Можно е да го парализира образовниот и здравствениот систем и дополнително да ја зголеми сиромаштијата, доведувајќи ја во прашање егзистенцијата на голем број пензионери, на вработените со минимална плата и тие што живеат од социјална помош. Загрижува молскавичниот раст на цените на основните прехранбени производи и предупредува дека состојбите се движат во опасна насока. Непходна е сеопфатна анализа, за навремено обезбедување на резерви од стратешките производи“, сугерира Трајанов.
- повеќе: Инфлацијата го изеде стандардот, кризата се продлабочува
На денешната 86. собраниска седница треба да се расправа за Предлог-одлуката за продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на целата територија на РСМ, поради недостиг на електрична енергија и состојбите на пазарите на електрична енергија. Според вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, прогласувањето на кризна состојба ќе овозможи механизми за справување со енергетската криза. Трајанов, пак, посочува дека и транспарентноста е од исклучителна важност.
„Прогласување на кризна состојба во енергетскиот сектор и снабдување на Скопје со топлинска енергија, дополнително ја зголемуваат недовербата на граѓаните дека тоа се вистинскирешенија, наспроти нетранспарентно трошење на десетици милиони евра, без некои ефекти. Граѓаните и Парламентот треба детално да бидат информирани за секој потрошен денар, за да не ни се случува фирми кои увезуваа канцерогено масло како енергенс, да добиваат милионски тендери“, порачува тој.
Денешната состојба ја оценува како резултат на отсуството на инвестиции во енергетиката и несанкциониран криминал.
„Над триесет години не се вложува во енергетскиот сектор, пред сѐ, поради лукративни интереси на партиските водства, кои преку електричната енергија ги полнат париските каси и функционерски џебови. Нема директор или друг фунционер во државниот енергетскиот сектор што не станал милионер и не продолжил со истиот бизнис и по завршување на функцијата“, вели Трајанов.