ЕКОВАС го зголемува притисокот врз воената хунта во Нигер
11 август 2023Две недели по воениот удар во Нигер, западноафриканската заедница на држави ЕКОВАС ги засили своите закани кон воената хунта во таа земја. Вчеравечер (10.08) заедницата донесе заклучок за „итно“ формирање на интервентни сили за можно распоредување во Нигер, стои во завршната декларација на самитот на шефовите на државите од Западна Африка одржан во главниот град на Нигерија, Абуџа. Сепак, како што се нагласува, приоритет е враќање на уставниот поредок со мирни средства.
Двосмислената најава на ЕКОВАС покрена многу прашања. Иако ЕКОВАС зборува за ангажман на сили за интервенција, не дава детали за составот на силите или можниот временски план за распоредување. Објавата се чини е насочена кон тоа да се задржи притисокот врз новите воени владетели во Нигер - без веднаш да се создадат воени факти. Во својот завршен говор на самитот, нигерискиот претседател Бола Тинубу повторно повика на мирно решение на конфликтот со воената хунта, но не го исклучи насилството „како последно средство“.
ЕКОВАС вчера уште еднаш го осуди илегалното апсење на претседателот на Нигер, Мохамед Базум, и одлучи да ги продолжи санкциите воведени на крајот на јули. Со санкциите се суспендирани трговските и финансиските трансакции, затворени се границите на соседните земји со Нигер и на централните банки им е наредено да ги замрзнат средствата на нигериските државни и полудржавни компании и припадници на армијата кои се вклучени во пучот. Нигерија исто така престана да го снабдува Нигер со електрична енергија.