Загадување: Екологистите обвинуваат - индустријата се брани
16 јануари 2023Зелен хуман град (ЗХГ) обвинува дека индустријата загадува со помош на институциите,откако минатонеделниот вонреден инспекциски надзор утврди дека Цементарницата „Усје“ не се придржува целосно кон прописите за заштита и унапредување на животната средина со што се предизвикува загадување на воздухот, водата и почвата во поголем обем и опасност по животот и здравјето на луѓето. Од иницијативата посочија дека Цементарница Усје е дел од загадувачката индустрија во Македонија што согорува отпад како „алтернативно гориво“, откако неодамна медиумите беа преплавени со реакции на „лобисти од индустријата кои бараат укинување на забраната за увоз на отпад за горење, зашто тоа било единствениот начин за да станат поконкурентни на пазарот“. Тие бараат Државниот инспекторат за животна средина и Министерството за животна средина и просторно планирање да одговорат на жителите на Скопје колку години и УСЈЕ и останати индустриски капацитети се толерирани и никој не покренал кривични постапки, иако забележале огромни недостатоци во мерењата како во случајот со последниот спроведен надзор.
Но, од Цементарница УСЈЕ АД Скопје ги отфрлија овие тврдења, оценувајќи ги како неточни и паушални. „Тие не се во интерес на граѓаните и подобрувањето на квалитетот на живот, но служат за стекнување на политички интереси на поединци. Јавно искажаниот збор е одговорност и мора да биде базиран на факти, а не на паушални тврдења чија цел е создавање на лажна слика, на товар на Усје“, велат од компанијата.
Анализи
Активистичките групи кои се членки на Зелен хуман град со години наназад укажуваат дека индустријата во земјата е крајно неконтролирана и дека не постојат прецизни и објективни податоци за степенот на аерозагадување што го предизвикува.
„Со последниот „инспекциски надзор“ над УСЈЕ тоа многу пластично се покажа. Во обид да ја покажат својата „транспарентност“ и „посветеност“, Министерството за животна средина и просторно планирање и Државниот инспекторат за животна средина деновиве објавија низа документи и информации во врска со инспекцискиот надзор спроведен над Усјево периоди на високо аерозагадување. Но, тие документи и информации уште повеќе ги продлабочија сомнежите и ја разоткрија трулоста на системот кој ревносно ги штити големите загадувачи за сметка на јавното здравје“, тврдат од ЗХГ.
Зелен хуман град ги анализира јавно достапните документи од институциите и посочува на неколку факти: „Вонредниот инспекциски надзор над УСЈЕ бил најавен. Со отпочнувањето прекршочна место кривична постапка, инспекторот од Државниот инспекторат за животна средина потенцијално спречил кривичен прогон на Усје, а инспекторите мереле емисии на само три од вкупно 12 оџаци“.
Според закон и А-интегрираната дозвола, тие се обврзани да ги мерат емисиите од сите 12 оџаци. Според А-дозволата, од 12 оџаци, обврската е континуирано (секојдневно) да се мерат емисии на 10 оџаци (2 ротирачки печки, 2 ладилници за клинкер, 4 мелници за цемент и 2 мелници за цврсто гориво), а двапати годишно да се мерат емисиите на 2 оџаци (1 парен котел на мазут и 1 парен котел на гас).
„Никаде не се јавно достапни дневните извештаи од континуирано мерење на 10 оџаци во Усје, што повторно е неисполнета обврска од дозволата. Никаде не се јавно објавени резултатите од 24-часовното мерење на ПМ10 честици во кругот на фабриката што се реализирало за време на вонредниот надзор. Во објавениот извештај од мерењата спроведени од лабораторијата ЕУРОМАК-КОНТРОЛ недостасува табела со број 7.2.6. Дали таа ги содржи податоците со мерењата на ПМ10 честиците и намерно е испуштена?“, реагираат од коалицијата на еко активисти.
Големи пропусти
Во записниците и извештаите од мерењата се забележани огромни пропусти. Усје до Државниот инспекторат за животна средина доставува месечни извештаи. Според еко активистите, во тие извештаи не може да се видат аномалиите кои се видливи во дневните извештаи. За да бидат веродостојни дневните мерења, во 24 часа мора да постојат податоци од мерења за минимум 16 часа, во спротивно се невалидни. „Нејасно е кој и дали воопшто некој ги валидира мерењата на дневна основа. Нејасно е како инспекторот кој го контролирал извештајот од автоматски мониторинг не го оспорил бидејќи тој содржи податоци за само 14 часа?“, посочуваат од Зелен хуман град.
Според нив, маглата од загаденост во која нѐ држат институциите на системот ќе ја снема кога секој корумпиран службеник ќе го снема од работното место и ќе биде затворен за своите злодела.
Од Цементарницата Усје, пак, се децидни дека производниот процес се одвива во законски определените рамки и според еколошките стандарди, а производството автоматски запира доколку филтрите не работат. „На сите релевантни експерти и познавачи на оваа област, овие резултати јасно им укажуваат дека работењето на Усје е согласно пропишаните параметри и нема корелација меѓу работата на Цементарницата и квалитетот на амбиентниот воздух во градот. Согласно А-Интегрираната дозвола Усје има обврска да известување за емисиите еднаш месечно“, велат од компанијата.
Градоначалничката Данела Арсовска на прес конференција (12.01) го впери прстот во Цементарницата „Титан Усје“ како една од причините за енормното загадување во Скопје. Таа најави кривична постапка против индустрискиот капацитет. Цементарницата доби рок да ги исфрли мазутот од употреба, иако тврдеше дека производниот процес во фабриката се одвива според еколошките стандарди. Државниот инспекторат за животна средина најави и можност за одземање на нивните дозволи.