Арсовска: Цементарница Усје го „труе“ воздухот во Скопје
12 јануари 2023Градоначалничката Данела Арсовска на прес конференција го впери прстот во Цементарницата „Титан Усје“ како една од причините за енормното загадување во Скопје. Таа најави кривична постапка против индустрискиот капацитет, затоа што не се придржувал кон прописите за заштита и унапредување на животната средина со што се предизвикува загадување на воздухот, водата и почвата во поголем обем и опасност по животот и здравјето на луѓето. Цементарницата „Усје“ ги отфрли како неосновани обвинувањата и тврди дека производниот процес во фабриката се одвива според еколошките стандарди.
Огромна концентрација на гасови и опасни честички
„При извршените мерења на амбиенталниот воздух во фабриката се забележани големи концентрации на штетни честици кои значително допринесуваат кон нарушување на квалитетот на воздухот во Скопје“, вели Арсовска. мерења биле извршени во повеќе наврати. Покажале дека и на 26 и на 27 декември минатата година и на 3 и 4 јануари годинава имало огромни пречекорувања на дозволениот испуст на гасови и честици во воздух. Во декември се измерени трипати повеќе ПМ 10 честички кои се испуштаат во амбиенталниот воздух, а слични резултати се добиени и при мерењето во јануари. Станува збор за испуштање на трипати поголеми концентрации од дозволените на метар кубен на час.
Инспектори на градот Скопје во здружена акција со државниот инспекторат при Министерството за животна средина извршија увид на работниот процес во цементарницата при што се забележани сериозни прекршувања спротивни на издадената А интегрирана еколошка лиценца, која ја издава токму Министерството за животна средина.
Меѓу другото од котларата за загревање на цементарницата утврдено е дека има надминување на граничните вредности на азотни оксиди, при што мерењата покажуваат повеќе од двојно поголеми вредности од дозволените 350 мг, односно покажуваат 711 мг на метар кубен.
Ваквите обвинувања следат откако министерот за животна средина Насер Нуредини деновиве за ДВ посочи декапричините за зголемената загаденост на воздухот во Скопје треба да се бараат во географската позиција на градот, потоа маглата- која е карактеристична за овој период од годината, но и во согорувањето на биомаса од страна на граѓаните за греење.
„Според добиените анализи од академската фела, се покажува дека најголем процент од вкупните емисии на ПМ10 честички доаѓаат од емисиите од согорувањето на биомаса (греењето на дрва во домаќинствата), а овде не може да се изостават и емисиите од сообраќајот и други сектори кои не се главен причинител за актуелната состојба со загадувањето“, изјави Нуредини.
Усје контра Арсовска
Цементарницата „Усје“ ја демантира Арсовска и посочува дека вонредната контрола потврдила дека емисиите од производниот процес се пониски од дозволените гранични вредности. Потврдуваат дека поради енергетската криза и нарушеното снабдување со природен гас, за загревање на просториите се употребува мазут, но тоа според нив е дозволено согласно А-Интегрираната еколошка дозвола.
„При оваа вонредна контрола, кај парниот котел, кој не е дел од производниот процес и е исклучиво наменет за загревање на просториите, беше регистрирано отстапување кај еден параметар од мерењата. Компанијата веднаш ќе ги имплементира препораките на Инспекторатот и ќе направи замена на енергенсот со природен гас“, велат од Цементарницата, каде
се вршат независни мерења од страна на акредитирани лаборатории.
„Резултатите од досега извршените редовни мерења покажаа дека сите емисии, вклучувајќи ги и емисиите во котларата, се под законски дозволените граници. Последното вакво редовно независно мерење е направено на 28 октомври 2022 година“, велат од Усје.
Граѓаните не смеат да биде жртви на профит
„Граѓаните на градот Скопје недозволиво е да бидат жртви на профитите на неколкумина кои со децении не трујат, обидувајќи се со „донации“ по општините, коруптивно однесување и најразличен вид на влијанија да се амнестираат од одговорноста за загадувањето на животната средина од кое илјадници граѓани страдаат од бројни заболувања“, вели Арсовска.
Со цел намалување на загадувањето во градот, таа вели дека во континуитет се чистат дивите депонии, се зголемуваат субвенциите за алтернативен превоз, се воведува ред во јавниот превоз во кој повеќе нема да можат да партиципираат возила кои немаат минимум ЕУРО 4 стандарди со цел намалување нa загадувањето од овие возила.
Минатата година, градот Скопје има изречено казни од 12 до 88 илјади евра за правни лица и соодветни казни против физички лица кои се затекнати како неправилно одлагаат отпад и го прекршуваат законот. Арсовска бара воведување и редовно ажурирање на регистарот на загадувачи.
Од 2006 година кога со Законот за животна средина е започнат процесот за интегрирано спречување и контрола на загадување, се предвидува и воведување на регистар на загадувачи и контрола на издадени А и Б интегрирани еколошки дозволи. Досега во градот Скопје регистрирани се само 30 правни лица, но анализите покажуваат дека постојат најмалку 1.000 вакви правни лица кои морале да бидат регистрирани и соодветно контролирани.
Арсовска најавува засилени контроли и зголемена ефикасност на градскиот инспекторат. „Крајно време е, по три децении, да се стави ред и да се посветиме на тоа сите во Скопје да имаат повисок степен на квалитет на живот“, вели скопската градоначалничка.