1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕК: Се подготвуваме за поголема Унија

21 март 2024

Пристапувањето останува врз основа на напредокот, а проширената ЕУ не треба да носи со себе нови предизвици во форма на нерешени билатерални спорови, посочува ЕК

https://p.dw.com/p/4dxcp
Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија
Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисијаФотографија: Kenzo Tribouillard/dpa/Pool AFP/AP/picture alliance

Европската Комисија вчера усвои документ за реформи и прегледи на политиките пред проширувањето, кој придонесува за тековниот процес на дискусија за  внатрешните реформи што ЕУ ќе треба да ги спроведе  за да се подготви за проширена Унија. Документот ги разгледува импликациите за  една поголема ЕУ,  во четири главни области: вредности, политики, буџет и управување.

„ЕУ мора да се продлабочува  додека се шири. Мора да почнеме да се подготвуваме денес за Унијата утре, и да го користиме проширувањето како катализатор за напредок. Цела Европа доби од проширувањето. Тоа ја направи ЕУ најголемиот интегриран пазар во светот. Тој ги отвори трговските и финансиските текови, а со тоа придонесе за економскиот раст во ЕУ и во земјите што пристапуваат, и ја зајакна тежината на ЕУ во глобалните работи“,  се вели во документот.

Реформите, кои и претходно беа неопходни, со проширувањето стануваат незаменливи.

„Се подготвуваме за поголема Унија“, се наведува на веб страницата на ЕК.

Нема временска рамка, сѐ зависи од резултатите

Пристапувањето во ЕУ е, и останува врз основа на правична и ригорозна условеност, принципот на сопствени заслуги и на конкретен напредок.

„Секоја земја кандидат  и потенцијален кандидат ќе бидат оценети според сопствениот напредок во исполнувањето, особено на Копенхашките критериуми, кои се  суштински услови што сите земји мора да ги исполнат  за да станат земја-членка. Затоа, временската рамка или редоследот на какви било идни пристапувања не можат да се прејудицираат“, се наведува во документот.

Според ЕК, проширената Европска унија не треба да носи со себе нови предизвици во форма на  нерешени билатерални спорови  и порачува дека Унијата ќе продолжи да придонесува за решавање на билатералните спорови и да врши притисок врз добрососедските односи како клучен елемент на процесот на проширување.

„Мора да се воспостават посебни аранжмани и неотповикливи обврски за да се осигури дека земјите кои пристапуваат не се во позиција да го блокираат пристапот на други кандидати“, се наведува во документот.

Зградата на ЕК во Брисел
ЕУ мора да се продлабочува додека се шири, се вели во документот на ЕКФотографија: picture-alliance/dpa/D. Kalker

Исто така, се нагласува и дека земјите во процесот на проширување мора „цврсто и недвосмислено“ да ги прифатат и промовираат вредностите на ЕУ пред пристапувањето, и дека сите земји кои се во процес на проширување треба постепено да се усогласуваат со заедничката надворешна и безбедносна политика, вклучително и рестриктивни мерки.

Стратешки интерес на ЕУ

Според ЕК, проширувањето е стратешки интерес на ЕУ, а искористување на лекциите научени од претходните проширувања и подобрувањето на политиките, води кон подобра подготвеност за поголема Унија. Придобивките од добро управуваниот процес на проширување опфаќаат различни области: геополитички, економски, еколошки, социјални и демократски.

„За да се материјализираат овие придобивки, и ЕУ и земјите аспиранти за членство мора да бидат добро подготвени, а  процесот на пристапување  мора да остане заснован на заслуги. Ова бара целосна и одржлива политичка посветеност и ангажман, пред сè од земјите од проширувањето, но и од самата ЕУ (...) Имено, постепената интеграција стана важен елемент во подготовката на земјите за проширување многу пред пристапувањето“, се наведува во документот.

Вредностите, кои ги посочува ЕК, се поддржувањето на демократијата, владеењето на правото и основните права, кои се камен-темелник на ЕУ и тие вредности треба да ја водат трансформацијата во земјите на проширување.

Подобрување на поврзаноста

Иако може да се појават предизвици, ЕК смета дека поголема Унија ги проширува многуте придобивки од Единствениот пазар. За да се материјализираат тие придобивки за граѓаните и бизнисите, процесот на проширување мора да биде добро подготвен. Во тој контекст документот се фокусира на подобрување на поврзаноста; oдржување на обврскитe за климата и животната средина; подобрување на квалитетот и безбедноста на храната; создавање услови за социјална, економска и територијална конвергенција; oбезбедување силни безбедносни обврски, миграциско и гранично управување.

Во однос на буџетот, јасно е нагласено од што ќе зависи неговто проектирање.

„Прецизното финансиско влијание на проширувањето првенствено ќе зависи од неговото време, опсег и од резултатот од преговорите за пристапување засновани на заслуги“, се посочува во документот.

Според тоа идните програми за трошење на ЕУ треба да се развијат имајќи го предвид идното проширување, но и да се види како може да се подесат претпристапните алатки за подобро да се подготват за пристапување и транзиција кон учество во фондовите на ЕУ.

Со овој документ стартува и работата на длабинските прегледи на политиките, објавени од претседателката на ЕК, Урслула Фон дер Лајен во нејзиното обраќање за состојбата на Унијата за 2023 година. Комисијата ќе ги спроведе тие прегледи на почетокот на 2025 година, наведува ЕК.