1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Доналд Трамп осуден поради сексуален напад и клевета

Улрике Кваст
10 мај 2023

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп доби милионска казна во граѓанска тужба за сексуален напад и клевета. Обвинението за силување беше отфрлено.

https://p.dw.com/p/4R7QI
Доналд Трамп
Доналд Трамп мора да ѝ плати 5 милиони долари отштета на Е. Џин КеролФотографија: Seth Wenig/AP/picture alliance

Судска порота во Њујорк пресуди дека Доналд Трамп мора да ѝ плати вкупно 5 милиони долари отштета и казна на писателката Е. Џин Керол поради сексуален напад. Поротата исто така утврди дека Трамп ја клеветел Керол. Обвинението за силување беше отфрлено. Според „Њујорк Тајмс“, судијата Луис А. Каплан ја образложил одлуката со тоа што Керол требало да докаже дека Трамп имал сексуален однос со неа без нејзина согласност. Само во таков случај би била можна пресуда за силување.

Пресуда во рекордно време

Поротата - составена од шест мажи и три жени - ја донесе својата пресуда по помалку од три часа размислување. Во граѓанските судски процеси постои понизок праг за пресуда за вина отколку во кривичните судења: во граѓанското право, таквиот праг значи дека поротниците повеќе сметаат дека дејствието е поверојатно отколку поневеројатно. Во кривичната постапка, пак, вината мора да се докаже без сомневање.

Е. Џин Керлон излегува задоволна од пресудата на судот во Њујорк
Е. Џин Керлон излегува задоволна од пресудата на судот во ЊујоркФотографија: Seth Wenig/AP/picture alliance

Американската авторка Керол го обвини Трамп дека ја силувал во соблекувалната во стоковна куќа во Њујорк во средината на 1990-тите. Таа ги објави наводите за силување во 2019 година.

Претприемачот со недвижности Трамп, кој сè уште не беше политичар во 1990-тите, секогаш ги негираше тврдењата. Кривичните обвиненија се застарени, но според граѓанското право, 79-годишната Керол можела да покрене правна постапка. Нејзината одбрана се обиде да ги потврди своите наводи со неколку сведоци. Две жени пријавиле дека авторката им се јавила набргу по инцидентот и им кажала за делото. Две други жени пред поротата изјавија дека Трамп ги ставил во слични ситуации и ги напаѓал.

Сцена од судница Е. Џин Керол Доналд Трамп
Сцена од судницата во која се водеше процесот против Доналд ТрампФотографија: JANE ROSENBERG/REUTERS

Трамп се претставува на добро познатиот начин како невино јагне

Трамп, кој не се појави во судницата за време на судењето, јавно и во изјава под заклетва оцени дека Керол ги фабрикувала наводите. Покрај тоа, вели Трамп, таа не е негов тип. Тој, исто така, ја обвини поранешната колумнистка на магазинот Elle дека со ваквите наводи само се обидела да ги продаде своите мемоари.

Во минатото различни жени го обвинуваа Трамп за сексуално вознемирување, што тој секогаш го негираше. Трамп сака повторно да стане претседател на САД во 2024 година и се кандидира за републиканска номинација - тој во голем број случаи ја опишува правната постапка против него како политички мотивирана.

На почетокот на април, Трамп стана прв поранешен претседател на САД кој беше кривично обвинет во друг судски процес. Окружниот обвинител на Менхетен, Алвин Брег, го обвини дека се обидел да ги зголеми своите шанси на претседателските избори во 2016 година, со тоа што „купувал молк“ од две жени, а со тоа ги прекршил изборните закони. Против него има и други истраги - на пример поради неговата улога во упадот во американскиот Капитол неколку недели пред неговиот демократски наследник Џо Бајден да положи заклетва како претседател.

Трамп за пресудата од вторникот на неговата онлајн платформа Truth Social напиша дека е „срам“ и „продолжување на најголемиот лов на вештерки на сите времиња“.