1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поскапуваат доматите, краставиците, пиперот и кромидот

ДТЗ
11 април 2023

Килограм домати и краставици ќе чинат максимум 95 денари, гравот ќе се продава за 95 денари, а кромидот поскапува за десет денари. Владата ги коригираше дел од замрзнатите цени на овошјето и зеленчукот.

https://p.dw.com/p/4PuOA
пазар
Владата ги корегираше дел од замрзнатите цени на овошјето и зеленчукот во пресрет на празницитеФотографија: DW

Владата ги коригираше цените на дел од замрзнатите цени на овошјето и зеленчукот. Во пресрет на празниците, килограм домати и краставици ќе чини максимум 95 денари, килограм пипер ќе достигне цена до 100 денари, а гравот ќе може да се купи за 95 денари. Кромидот поскапува за десет денари и ќе се продава за 70 денари, а леќата ќе рипне на 110 денари.

Според владината Одлука, килограм банани ќе чини до 75 денари, килограм портокали до 60, килограм мандарини до 65 и килограм лимони до 60 денари. Одлуката ќе биде на сила до крајот на април. Во меѓувреме инспекциите се на терен и вршат контроли дали се почитуваат владините мерки.

„Контролите ќе продолжат, ситуацијата секојдневно ќе се следи и ако е потребно, повторно ќе се интервенира доколку забележиме намалени увозни цени. Граѓаните да бидат спокојни“, порача денеска министерот за економија, Крешник Бектеши. 

Корекцијата на претходно замрзнатите цени се носи поради повисоките увозни цени коишто ги пријавиле увозниците. Последната недела, според Бектеши, се забележани зголемени увозни цени за над 30 отсто на одредени производи како што се доматите, краставиците, кромидот и гравот. 

Димитар Ковачевски Крешник Бектеши
Премиерот Димитар Ковачевски и министерот Крешник Бештеши неодамна во маркетите проверуваа дали се почитуваат владините меркиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Крај за лажните фактури

Владата донесе одлука за замрзнување на 11 видови зеленчук и овошје, по што многу рафтови во маркетите останаа празни, а граѓаните се почесто се жалат дека тешко се наоѓа свежо овошје и зеленчук.

Бектеши вели дека ги задолжиле увозниците и трговците да набавуваат 70 отсто од прометот во јануари и февруари и ако не го сторат тоа, ќе бидат казнети според Законот за трговија.

„Контролите се во тек и нема да запрат. На лажните фактури мора да им се стави еднаш засекогаш крај. Царината веќе ги достави фактурите до нивните колеги во Турција и Грција од каде доаѓа најголемиот увоз и ако ги добиеме скоро, ќе излеземе со споредбени податоци“, вели Бектеши. Тој е дециден дека никој не смее да крие производи во магацините.

Владата на 5 април ги замрзна цените на 11 видови овошје и зеленчук. Претходно беа замрзнати и цените на тестенините и млечните производи, јајцата и оризот, како и цената на лебот.