Откако разбрав дека починал мојот драг другар, архитектот и сценограф Крсте Џидров – Џиби (1950-2023), ми се чини дека со него си замина и еден значаен дел од „срцето” на Скопје. Од вистинското срце на Скопје! Тој беше роден и пораснат токму во „скопското срце”, во старото скопско јадро. Затоа ја пишувам оваа колумна небаре му раскажувам нему за моето доживување на неговото, на нашето Скопје. Тоа на нашето детство во шеесеттите и на нашата младост во седумдесеттите.
Му раскажувам дека ме восхитуваат старите, славни градови затоа што ги „читам” како писмо. Го читам во лицата на градбите писмото на многуте животи кои се одигрувале во нивните одаи. Само затоа ме восхитуваат старите зданија во европските градови. Живеачите си заминуваат во вечноста, а нивните домови остануваат како неми сведоци за нивните животни приказни. Колку би сакала да можам сега да ја видам старата граѓанска куќа во која пораснал Џиби! И тој балкон со железна ограда, на која стои на возраст од десетина години, на една семејна фотографија. Во улицата, за која ми раскажуваше дека била во една од најубавите во Скопје, близу до плоштадот. За жал, во Скопје земјотресот го збриша културното и житејското „писмо” на градот. Сепак, Џиби го паметеше „писмото” на старото Скопје, зашто тоа беше неговото семејно наследство.
Предземјотресно Скопје
Кога бев дете, срцето на Скопје за мене беше Градскиот парк и кејот крај Вардар. По тој кеј во летата секоја недела одевме со фамилијата на попладневна променада. Срцето на тоа Скопје за мене е предземјотресно. Тоа уште не е рането од природната катастрофа. Во него сум со фамилијата во доцното горешто јулско попладне, еден ден пред земјотресот. Во вечерната претстава седам во презагреаниот и преполн циркуски шатор во паркот. Во него го мирисам чудниот, таинствен мирис на Африка. Тој е оној на егзотичните животни. Тоа скопско срце во таа вечер пулсираше неверојатно живо. Со блескави светла во сите улици околу паркот и на плоштадот. Додека се враќавме по кејот кон автобуската станица, ми се чинеше дека сите жители на градот се на улица, обземени од магијата на чудесната летна ноќ. Родната куќа на Џиби била близу тој кеј. Си замислувам како поминуваме во толпата еден крај друг, јас на дванаесет, тој на тринаесет години. А нашите фамилии стојат на кејот, загледани во магијата на Вардар, кој шумоли со ритамот на вечноста. Утредента тоа срце на Скопје се претвори во купишта урнатини.
За сите кои, како и јас, студираа духовни науки, подоцна срцето на Скопје се пресели крај Гази Баба, во зградата на Шумарскиот факултет. Таму по земјотресот беше Филозофскиот факултет. Во старата зграда среде градината со прекрасни магнолии и други егзотични дрвја, во големиот хол, пулсираше студентскиот живот. Тој беше незамислив без бифето „Студент”. Тоа ниско баракиче крај патот, во кое заедно со студентите по филозофија седеа и возачите на камиони, беше вистински универзум на идеи за генерациите кои студираа од 1964-та па се‘ до 1975-та, кога беше изграден новиот универзитетски кампус. Иако работев десет години во новата зграда на Филозофскиот факултет, таа за мене никогаш не ја доби таа аура, која ја поседуваше старата зграда на Шумарскиот факултет. Во старата слушална по филозофија во зградата во Гази Баба, се‘ беше потопено во аурата на минатото време. Сепак, во Естетичката лабораторија, во која работев во новиот универзитетски комплекс, неколку години беше „срцето” на скопската култура. Таму беше присутен и Џиби, како член на Театарската работилница ФФ, со која раководеше Владимир Милчин. Таму ги правеше концептуалните дела неговиот пријател Симе Узунов. Џиби беше секогаш таму каде што беше иднината, каде што се пишуваше новата историја на уметноста.
Скопското корзо
Кога денес би тргнала во прустовска потрага по топографијата на вечерното студентско срце на Скопје од седумдесеттите, тогаш не би нашла ниту трага од него таму, каде што тогаш беше скопското корзо. Тоа срце на Скопје денес го има голтнато агресивната архитектонска сценографија на „Скопје 2014”. Под неа остана запретана како под урнатини топографијата на Скопје од нашата младост во седумдесеттите. А тоа беше еден од најтворечките периоди во Скопје! И да биде иронијата уште поголема, токму онаму, каде што беше нашето корзо во седумдесеттите, денес стои зградата на хотел со име кое треба да асоцира гламур и богатство. На местото каде што се одигруваше автентичната култура на скопските „корзаши”. Таа беше израз на посебниот младешки сензибилитет на гимназијалците и студентите во Скопје. Тие таму се среќаваа затоа што многумина од нив имаа пари во џебот само за автобуската карта и за семки. Скопското корзо во седумдесеттите означуваше слобода од сите норми и догми.
Таму се сонуваше и се мечтаеше. Се уживаше во мигот, во младоста, во безгрижноста и спонтаноста која е можна само во тој период од животот. Таму се покажуваа најновите кожни јакни и фармерки, купени во Трст или во Венеција. Скопските корза отсекогаш беа места за модна променада. Врз главите на девојките и момците, кои како по музиката на нечујно рондо, постојано се вртеа во круг во ограничениот простор на корзото, во пролет цутеа раскошно дрвјата на дивите костени. Под нив на клупите седеа осамените пензионери, кои и во времето на вечерниот обед ништо не ги влечеше дома. Тој градски агол, скопското корзо, е толку полн со спомени и траги од една посебна генерациска култура, што да беше скопското корзо во друга земја, со поинаква градска култура, ќе беше одамна заштитено како „место со особено симболично значење”. Во таа скопска посебна култура на живеење Џиби имаше за мене посебно место. Тој беше симбол за скопскиот животен и творечки сензибилитет. Голем граѓанин и софистициран уметник, вљубеник во филмот, сликарството и во литературата. Во неговото присуство чувствував дека сите припаѓаме на нешто големо - на македонската култура! Кога ќе го сретнев Џиби, ми се чинеше дека Македонија е многу голема. Затоа што неговиот дух беше голем!Заеднички ни беше восхитот за Баухаус и за Паул Кле. Немаше светски музеи што не ги имаше посетено. Немаше прочуени концерти во светот на кои тој не бил присутен. Срцето на неговото Скопје беше исто толку широко колку и неговото. Затоа што тој ги обединуваше во своето творештво, во својот живот, во своето срце сите народи во Македонија и во поранешна Југославија. Во неговиот творечки и човечки сензибилитет македонската култура не беше провинцијална, затоа што тој поставуваше високи критериуми за вредност. Знак на голема личност и на висок морален интегритет е способноста да се радуваме на туѓите дела и успеси. А Џиби умееше да се радува на туѓите успеси и дела со голем восхит. Беше меѓу првите читачи на сите мои романи. А мене ми беше особена чест што имав читач со таква сеопфатна култура. Тој беше сонувач и градител, во една личност. Градеше градби и сценографии, како симбол за визионерство. И сега го гледам млад, со долга коса, како чекори со фармерките „ѕвонарки” и долгиот мантил на скопското корзо, во вистинското невидливо срце на Скопје, и сонува за невидени чудесни светови.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.