1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Егејска групна слика со „точак“ и македонската приказна

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе
4 септември 2023

Да се гради македонската држава никогаш не било лесно. Тоа ќе станува уште потешко кај народ кој е партиски разделен до степен на омраза, како што е денес кај Македонците. Пишува Кица Колбе.

https://p.dw.com/p/4VuRw
Кица Колбе, авторка на колумната
Кица Колбе, авторка на колумнатаФотографија: Privat

Намерно не пишувам велосипед. Во времето за кое сакам да пишувам, сите, дури и ние, егејските деца, зборуваа само за „точак“. По скопски! Како и обично, пред да почнам да ја пишувам колумната, вчера проверив на Фејсбук што има ново во Македонија. По неколку минути  веќе знаев што ја бранува македонската јавност. Иако во тоа нема многу ново. Темата е вечна. Корупција и криминал, нефункционални институции, ЕУ. Кога сакав да се исклучам, во една група  ми се појави стара фотографија на која е и мојата фамилија. И сите мои егејски роднини по мајка! Ја постирала ќерката на мој братучед кој подоцна се пресели со фамилијата во Австралија. Уверена сум дека фотографијата е направена на еден првомајски излет во 1956-та, кога имав пет години.

Во тоа време, на 2-ри мај сите егејски роднини, кои најчесто живееја во Автокоманда, со денови однапред се договараа да одат на излет во Хиподром, во Ергеле (каде што исто живееја Егејци!) или во Сарај. Фотографијата има јасна, за мене позната сценографија. Иста е како таа на фамилијарните фотографии кои  за нас ги правеше еден пријател на татко ми од Автокоманда. Веројатно тој одеше и на сите првомајски излети на Егејците од Автокоманда. Знаеше дека тие сакаа да се сликаат. За потоа да им ги испратат фотографиите на роднините насекаде во светот. Сценографијата беше речиси филмска. Во десниот и левиот агол од групата од  некои дваесетина луѓе и деца, се позиционирани мојот тетин по мајка и мојот братучед по татко. Двајцата се качени на точак! Во поза која толку многу потсетува на филмовите на Федерико Фелини или на Виторио де Сика. Воопшто, „духот” на фотографијата  е како во филмовите од италијанскиот неореализам. Тој филмски правец ги поставува во фокусот најобичните луѓе, тие што живеат  на работ на општеството. Во мигот помислив на филмот на Де Сика, „Чудо во Милано“, од 1951-та. Најскапоценото превозно средство за најсиромашните во филмот, кои живеат во предградието на Милано, е токму точакот. Моите роднини, сите ние, егејските бегалци, за другите Македонци бевме нешто слично како најсиромашните во филмот на Де Сика. Иако  кога некој ќе ја види фотографијата, а не е самиот Егеец, нема да верува дека тие луѓе се сиромашни бегалци. Затоа што носат облека по најновата мода во Америка. Меѓутоа, тоа беше само надворешниот привид. Затоа што сите ние, егејските бегалци, пораснавме со облеката што ни ја испраќаа роднините од Америка и од Австралија. Само тој што е дел од фотографијата, ја знае вистината за нивниот живот. Ја знае атмосферата на животот во егејските гета во средината на педесеттите. 

Духот на македонското општество

Тоа време беше за нас, Егејците, само шест години по крајот на Граѓанската војна во Грција. За другите Македонци тоа беше времето кога беа поминале единаесет години од Втората светска војна. Секако, сите уште го паметеа времето на гладот и сиромаштијата, на „точките” за храна и облека.  Моите роднини на оваа  фотографија во тие години живееја  во  сиромаштија, во провизорни прифатилишта на крајот на Скопје. Сепак, од големата група роднини на фотографијата,  само неколкумина заминаа засекогаш во Австралија, затоа што еден од нивните родители  одамна  живееше таму. Најголемиот број од  егејските татковци во тоа време прифаќаа секаква физичка работа, само за да  ја издржуваат фамилијата. Сите  со години одеа на работа со точак. Така беше и со татко ми. Во тоа време никој од моите роднини немаше   нов стан, а да се поседува кола беше  незамислива утопија. Никој од моите роднини не можеше ниту да сонува да оди на летен одмор. Можеби имаше Македонци кои уште 56-тата одеа на одмор во Охрид и на Јадран, но за нас, егејските бегалци, особено оние обичните Егејци од крајот на градот, кои во Граѓанската војна во Грција не беа членови на  комунистичката партија, ниту заслужни борци,  такво нешто беше незамисливо. Затоа и не копнеевме по него. Меѓутоа, моите родители се радуваа што заедно со другите Македонци градат своја, македонска држава. Беа среќни што конечно живеат во државата во која никој повеќе не им ги менува со закон имињата и презимињата и им го забранува јазикот. Нашите родители со бегството преку границата изгубија се‘ во еден миг. Затоа толку многу за нив значеше  можноста ние, нивните деца,  да учиме и да студираме на македонски јазик. За нив беше најважната работа во животот ние да  го добиеме најдоброто образование, кое ги отвора сите врати, као што велеше татко ми.

Секако, истиот дух тогаш владееше во сето македонско општество. Истото ни го велеа и нашите учители во основно и нашите наставници во гимназијата. Во образованието во педесеттите беше јасна желбата кај многу луѓе, во македонската држава да го постигнат и тие самите тоа, што постарите  национална држави го постигнале многу порано. Во времето кое е овековечено на фотографијата, во Македонија беа поставени темелите на клучните државни институции во сите области. Тоа беше времето во кое сите беа свесни дека пишуваат историја, дека ги поставуваат темелите на македонската државност. Тое беше времето кога се пишуваше „македонската приказна”. 

Сознанието на нашите родители

Истата радост мајка ми и татко ми ја чувствуваа  и кога беше прогласена независноста на македонска држава. Кога  татко ми првпат отиде на пазар со „македонски пари” во паричникот, за него беше вистински празник.

За моите родители  тоа беше остварувањето на вековен сон – да живеат во самостојна македонска држава. Тие често раскажуваа дека иако првите години по војната беа многу тешки, сепак, во македонското општество постоело чувство на припадност и сплотеност околу нешто што  значеше „ние“. Тоа не беше само сплотеноста,  на поширок план, со сите југословенски народи. Тоа „ние“ го препознавав и кај нашата генерација, затоа што знаевме дека ние ја имаме привилегијата, но и должноста, да  ја градиме македонската држава. Така учевме во училиштата, трудејќи се да бидеме најдобри. Со таа свест читавме светска литература, со  желба еден ден и македонската литература да се вреди во светската. Така студиравме и си поставувавме се‘ повисоки  цели. Тој етос не беше само радост заради припадноста на  македонската држава, туку и одговорност за неа.  Во тој етос бевме воспитани токму од генерацијата на нашите родители кои ги поставуваа темелите на  државноста.

Денешните македонски граѓани треба почесто да се потсетуваат на сознанието на нашите родители. Тие знаеја дека да се гради македонската држава никогаш не било лесно. Тоа ќе станува уште потешко кај народ кој е партиски разделен до степен на омраза, како што е денес кај Македонците. Само затоа, по толку децении  македонска државност, денес има Македонци кои стравуваат дека некој можел да им го „одземе идентитетот”. А моите родители и роднини, кои како Егејци на своја кожа имаа искусено во Грција што значи да живееш во држава што ти го забранува идентитетот и јазикот, се радуваа што имаа историска можност да ја градат македонската држава. Ним им беше јасно дека само таа е гаранцијата за македонскиот идентитет и за македонскиот јазик.

 

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.