1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали работата во Германија е привлечна за странците?

Петер Хиле
24 декември 2022

На Германија итно и требаат работници од странство. Околу 400.000 годишно. Прашање е, сепак, колку земјата е привлечна за добро образованите странци. За некои, на пример, германскиот јазик е голема пречка...

https://p.dw.com/p/4LIBE
работници
Голема побарувачка за работа во германски компании: странски квалификувани работнициФотографија: Daniel Bockwoldt/dpa/picture alliance

Џесика Џејмс има 31 година, има диплома за бизнис администрација и има деветгодишно професионално искуство во различни банки. Живее во Исламабад, главниот град на Пакистан и сака да ја напушти својата татковина. „Јас сум христијанка, а Пакистан е муслиманска земја. Тоа е главната причина зошто сакам да одам во Европа“, вели таа во телефонски разговор за ДВ.

Можеби би можела да дојде во Франкфурт, еден од најважните финансиски центри во светот?

„Не“, одговара таа, „Германија не доаѓа предвид. За да најдеш работа таму, треба да научиш германски, што е тешко. Исто така, Германија е доста строга кога станува збор за издавање визи, а слушнав дека Германците се прилично груби кон луѓето со потемна боја на кожа и кон имигрантите воопшто“. 

Еве зошто младата банкарка сака да емигрира во Холандија.  

ОЕЦД гледа голем потенцијал 

Луѓето се груби, јазикот е тежок, тешко се добива виза... Звучи како Германија да не е земја која привлекува квалификувани работници од странство.

„Тоа не е вистина“, вели Томас Либиг. „Германија е привлечна за работната сила“.Овој експерт за миграција во Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) гледа „голем потенцијал кај висококвалификуваните луѓе во странство кои се заинтересирани за Германија“.

Либиг и неговите колеги анкетирале речиси 30.000 луѓе кои го посетиле онлајн порталот на германската влада за квалификувани работници од странство. Според тоа, станува збор за луѓе кои веќе се заинтересирани за работа во Германија. Повеќето од нив можат да замислат да дојдат во Германија, бидејќи за нив има добри можности за работа и кариера. Двајца од тројца испитаници го навеле високиот стандард и квалитет на живот во Германија како причина за нивниот интерес. 

Еден од нив е Адријан Оку. „Барам работа во вашата земја бидејќи би сакал да живеам во Германија“, вели тој за ДВ. „Ми се допаѓа Германија. Германија е мојот сон“.

Оку е од градот Каваја во Албанија, на околу 20 километри западно од Тирана. Таму работел како монтер 24 години и по завршувањето на училиштето. 

Центар за добредојде Франкфурт
Адријан Оку штотуку пристигна во Германија и има добри шанси наскоро да најде работаФотографија: Peter Hille/DW

Во меѓувреме пристигнал во т.н „Центар за добредојде“ во Франкфурт на Мајна. Тоа е место каде што се обезбедуваат информации за професионалната работна сила од странство. Оку чека на клупата во тексас јакна и не ја симнува волнената капа, бидејќи деновиве во германските канцеларии нема многу греење. Дури и без тоа, неонски осветлениот Центар, со своите сиви теписи и жолто обоени ѕидови, изгледа студено - како и повеќето германски институции. 

Сепак, Алберто Коронадо знае како да го разбие тој впечаток. Тој е еден од тројцата советници, се шета насмеан од канцеларија до канцеларија. Сака да направи се што е можно за да им овозможи на странските квалификувани работници да влезат на германскиот пазар на труд. „Во странска земја, сè е секогаш ново на почетокот“, вели тој. Дури и на најпаметните луѓе на почетокот не им е лесно“. Тука сме да им олесниме и да им помогнеме да го најдат својот пат“. 

Германски јазик - „тешко, но интересно“ 

Коронадо ја прегледува работната биографија на Оку. „Треба и овде да напишеш дека си работел како електричар во оваа фирма“, му објаснува на младиот човек. И веднаш на ум доаѓаат две компании во провинцијата Хесен кои би можеле да се заинтересираат за младиот Албанец. На крајот на краиштата, побарувачката за монтери е голема. „Треба прво да ја испратиме вашата биографија“, вели Коронадо. „Не грижете се, имате добри шанси“. 

Центар за добредојде Франкфурт
Коронадо ја прегледува работната биографија на ОкуФотографија: Peter Hille/DW

Најголема пречка за младиот монтер од Албанија е веројатно германскиот јазик. Зборува полека, внимателно размислувајќи што сака да каже. „Германскиот е навистина многу тежок“, вели на крајот. „Но и многу убав“.

Во студијата спроведена од ОЕЦД, четири од десет испитаници го наведуваат германскиот јазик како пречка за да се вработат во Германија. Во работилниците и конференциските сали во Германија луѓето најмногу зборуваат - германски. Повеќето Германци тоа го земаат здраво за готово. Дали е тоа фактор што ја ослабува Германија кога е во прашање меѓународната конкуренција во побарувачката на работници од странство?

Ако го прашате Крис Пјак, одговорот е сосема јасен: „Да“. Пјак го прави во Дизелдорф она што Коронадо го прави за покраината Хесен - ги советува странците кои бараат работа во Германија, Пјак води странска консултантска фирма за работна сила во државата Северна Рајна-Вестфалија, во која тој е единствениот вработен. Тој вели дека 25.000 експерти од целиот свет се претплатуваат на неговиот онлајн билтен, изјави тој за ДВ. „Главната пречка за квалификуваните работници од странство да дојдат во Германија не се правилата за имиграција или признавањето на квалификациите, туку јазикот. Факт е дека само четири проценти од сите работни места во Германија се огласуваат на англиски јазик“. 

„Мора да се обидеме“ 

Повеќето од работните места кои се најбарани можат да се вршат на англиски јазик, вели Крис Пјак, наведувајќи ги програмерите како пример. „Во илјадници компании ширум светот, тоа е сосема природно“.

На Германија и треба нова култура на третман на имигрантите, додава тој. „Ако сакаме да дојде најдоброто кај нас, тогаш треба да се потрудиме да ги привлечеме. Во спротивно, ќе дојдат само оние кои немаат друг избор“.

„Деталната промена“ на Законот за имиграција не е толку важна, вели тој. Треба само да им овозможи на кандидатите да започнат со работа во Германија без признаена квалификација, која подоцна ќе ја добијат“, објаснува Пјак.

Хамди Зергуин
Инженерот Хамди Зергуин од Алжир наскоро ќе почне да работи во фабриката Тесла во близина на БерлинФотографија: Peter Hille/DW

За Хамди Зергуин од Алжир, јазикот и културата во Германија биле пресудни кога решил да емигрира. Сепак, тоа не го одврат - туку го донесе во Германија. „Ми се допаѓа германскиот јазик и менталитетот овде“, вели тој за ДВ.

Дали и фактот што Германците се сметаат за малку ладни и премногу вредни? „Ми се допаѓа тоа“, вели Зергуин: „Кога ќе слушнете дека нешто е произведено во Германија, тоа е синоним за квалитет“.

38-годишникот е дипломиран инженер со фокус на електроника и автоматизација. Има десетгодишно работно искуство. „Јас сум многу амбициозен“, вели тој. „Сакам да направам кариера во Германија“.

Зергиун наскоро ќе има можност да го стори тоа. Откако испратил неколку апликации, ја добил работата. Доколку се биде во ред, тој во јануари ќе почне да работи во новата фабрика на Тесла во близина на Берлин.