Дали армиските „сухои“ ќе летаат во Украина?
4 август 2022По донацијата на тенкови за Украина, се отвара можноста дека наскоро во Киев би можеле да летаат и четирите воени авиони „сухои“, кои Северна Македонија ги набави од Украина за време на конфликтот во 2001 година. Ваквата информација не е потврдена официјално од Министерството за одбрана, од каде деновиве информираа дека се донесени три одлуки, чија содржина се уште е тајна.
„Точните детали за сите три одлуки, нивната содржина и објаснување ќе бидат декласифицирани и транспарентно објавени. Со досега донесените одлуки не се нарушува борбената готовност на нашата армија“, наведуваат од Министерството за одбрана.
Дел од медиумите објавија дека четирите воени авиони „СУ-25“ што Северна Македонија ги набави од Украина за време на конфликтот во 2001 година, деновиве му се донирани на Киев. Станува збор за авиони што се призејмени од 2004 година и коишто С. Македонија во меѓувреме планираше да ги продаде.
Претходно, Северна Македонија и донираше тенкови Т -72 на Украина. На тоа реагираше официјална Москва. Портпаролката на руското МНР, Марија Захарова вчера (3.08) изјави дека донацијата е голема грешка на властите во Скопје „со што придонесува за продолжување на криминална активност на режимот во Киев против цивилното население во Донбас“.
Од македонското МНР и од Министерството за одбрана возвратија дека Република Северна Македонија е суверена држава која одлуките ги носи самостојно водејќи се од принципите на почитување на меѓународното право и дека ќе и помага на Украина во одбрана на својот територијален интегритет кој е загрозен од воената интервенција.
Планови
Со одлука на Владата, Северна Македонија во неколку наврати донираше воена опрема за Украина во согласност со нивните барања и потреби, а во координација со сојузниците.
Најавите се дека Северна Македонија во наредниот период ќе го расформира тенковскиот баталјон и ќе се пристапи кон воспоставување на модерни и современи противоклопни способности и капацитети во Армијата. Во тек е проектот за набавка на лесни оклопни возила на тркала, согласно договорот со американската Влада, кој е започнат во 2019 година со склучување договори меѓу македонската влада и САД.