МНР и МО со порака до Москва околу тенковите за Украина
3 август 2022Одлуката македонски тенкови како донација да заминат во Украина, наиде на остри реакции од страна на Москва, по што со заедничко соооштение возвратија македонското Миниситерство за надворешни работи и Министерството за одбрана, кои порачаа дека земјата носи одлуки самостојно, водејќи се од принципите на почитување на меѓународното право, Повелбата на ООН, принципите и заложбите на ОБСЕ за заштита на европската безбедносна архитектура и глобалната стабилност.
„Северна Македонија уште од самиот почеток ја осуди воената интервенција во Украина и застана во поддршка на територијалниот интегритет, суверенитет и независност на Украина, а пред сѐ во поддршка на мирот, човековите права и меѓународниот поредок заснован на правила. Имено, досега, Владата на Република Северна Македонија донесе неколку Одлуки за воено-техничка помош со коиѝ помагаме на Украина во одбрана на својот територијален интегритет кој е загрозен од воената интервенција“, се вели во соопштението.
Во него се додава дека Република Северна Македонија, како членка на најмоќниот воено – политички сојуз – НАТО, одлучно стои зад позицијата и решителноста на Алијансата да биде гарант на мирот и безбедноста на своите земји-членки и да ги штити вредностите, слободата и безбедноста на сегашните и идните генерации.
Ваквата реакција доаѓа откако портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова, изјави дека Москва смета дека е голема грешка одлуката на властите на Северна Македонија да ѝ донираат на Украина тенкови Т-72.
Иако станува збор за застарена опрема, со донацијата, според портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, се дава поддршка за „продолжување на криминалните активностите на режимот во Киев“.
„И покрај тоа што, според северномакедонските власти, тоа е 'безопасна' донација на застарена опрема, останува фактот дека лојалното кон НАТО Скопје е вклучено во испорака на оружје за Украина, со што придонесува за продолжување на криминална активност на режимот во Киев против цивилното население во Донбас. Луѓето кои се за демократија, слобода и човекови права треба да го знаат тоа. Сето ова води кон дополнително влошување на ситуацијата. Сметаме дека ова е голема грешка на раководството на Северна Македонија“, вели Захарова во изјавата објавена на веб-страницата на руското МНР.
Од Украина за Украина
На 29 јули, македонското Министерство за одбрана потврди дека земјата ѝ подарила тенкови на Украина. Се работи за тенкови од третата генерација.
Овие тенкови земјата ги купи од Украина во времето на конфликтот во 2001 година. ВМРО-Народна партија на Љубчо Георгиевски тврдеше дека тенковите биле купени по неверојатно ниски цени и бараше од Министерството за одбрана да ги објави тие податоци.
Со одлука на Владата, Северна Македонија во неколку наврати донираше воена опрема за Украина во согласност со нивните барања и потреби, а во координација со сојузниците.
Најавите се дека Северна Македонија во наредниот период ќе го расформира тенковскиот баталјон и ќе се пристапи кон воспоставување на модерни и современи противоклопни способности и капацитети во Армијата. Во тек е проектот за набавка на лесни оклопни возила на тркала, согласно договорот со американската Влада, кој е започнат во 2019 година со склучување договори меѓу македонската влада и САД.