Американската војска повторно соборила проектил на Хутите
15 јануари 2024Американската војска соопшти дека уште една ракета истрелана од јеменските бунтовници Хути била пресретната на југот на Црвеното Море, пренесува Хина.
„Бунтовниците во неделата околу 16:45 часот по локално време истрелаа противбродска крстосувачка ракета врз разурнувач на американската морнарица“, објави регионалната команда на американската војска денеска во раните утрински часови на социјалната мрежа X.
Противбродска крстосувачка ракета - истрелана кон УСС Лабун во Црвеното Море - беше соборена во близина на јеменскиот крајбрежен град Ал Худајда од американски борбен авион. Нема извештаи за жртви или материјална штета.
Од избувнувањето на војната во Газа меѓу Израел и Хамас, Хутите поддржани од Иран неколкупати нападнаа бродови во Црвеното Море.
Хутите нападнаа најмалку 26 бродови откако во ноември го зазедоа бродот Галакси Лидер поврзан со Израел.
Нападите принудија некои од најголемите светски бродски компании да ги пренасочат своите бродови околу Р'тот Добра Надеж на јужниот врв на Африка, сериозно нарушувајќи ја глобалната трговија.
Сообраќајот низ Црвеното Море, кој обично го олеснува движењето на товар во вредност од три до девет милијарди долари секој ден, е намален за повеќе од 40 отсто од почетокот на нападот.
САД и Велика Британија неодамна ги нападнаа позициите на Хутите во Јемен, со поддршка на Холандија, Канада, Австралија и на Бахреин.
Во саботата, (13 јануари, 2024) беше извршен уште еден американски напад врз радарска станица во Јемен, соопшти американската војска.
Околу 12 отсто од светската трговија минува низ Црвеното Море, но од средината на ноември, поради нападите на Хутите, бројни бродски компании ја избегнуваат таа зона, па бродовите пловат околу Африка, што доведува до зголемување на цените на транспортот и подолго време на испорака. .