1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Црна Гора: Мандатарот се обидува да го спои неспојливото

Радомир Крачковиќ
18 август 2023

Црна Гора чека нова влада, која треба да ја формира Милојко Спајиќ. И натаму е неизвесно дали тој ќе успее да ги усогласи различните политички барања и интереси.

https://p.dw.com/p/4VJqf
Црна Гора | Милојко Спајиќ
Мандатарот Милојко Спајиќ сака влада со што поголема поддршка во парламентотФотографија: Ministry of Finance of Montenegro

Речиси два и пол месеца по вонредните парламентарни избори, Црна Гора е сѐ уште далеку од нова влада, па со земјата сѐ уште управува владата на премиерот Дритан Абазовиќ, која во парламентот„падна“ пред речиси една година. Мандатот за состав на новата влада од претседателот Јаков Милатовиќ на почетокот на месецов го доби неговиот сопартиец Милојко Спајиќ, чие Движење Европа сега (ПЕС) освои најмногу мандати на изборите. Но, поради расцепканоста на парламентот, како и желбата да се создаде постабилна влада со поголема поддршка, за нејзино формирање на Спајиќ му е потребна широка коалиција од неколку партии, од кои некои се идеолошки остро спротивставени.

Сигурно место во новата влада имаат ПЕС со 24 мандати и Демократите на Алекса Бечиќ со седум мандати. Тоа се вкупно 31. За мнозинство во парламентот, кој има 81 пратеничко место, потребна е поддршка од 41 пратеник. Десет претставници на малцинските партии и двајца од Социјалистичката народна партија (СНП) дадоа начелна поддршка за Спајиќ. Тоа се 43, значи минимално мнозинство.

Спајиќ преговара и со просрпската коалиција За иднината на Црна Гора (ЗБЦГ), поранешен Демократски фронт (ДФ), со чии 13 гласа би имал тропеттинско мнозинство во Собранието. Ова е инаку неопходно за реформи во судството, што е еден од главните услови за продолжување на евроинтеграциите.

Клучното прашање е дали во иста влада ќе бидат и малцинските партии и ЗБЦГ, кои имаат сосема различни програми. Надвор од потенцијалната влада остануваат коалицијата околу Демократската партија на социјалистите (ДПС) со 21 пратеник и Обединетата реформска акција (УРА) на Абазовиќ со четворица пратеници. Спајиќ не сака да преговара со нив.

Црна Гора | Милојко Спајиќ и Јаков Милатовиќ
Мандат и претседателот на Црна Гора: Милојко Спајиќ (л.) и Јаков МилатовиќФотографија: Press Bureau of the President of Montenegro

„Преговарачкиот процес се одвива очекувано бавно и тешко, пред сѐ поради условувањето и недоследноста на партиите и неприродната можна коалиција со ЗБЦГ“, вели за ДВ политичкиот аналитичар Марко Пејовиќ. „Речиси сите потенцијални конституенти на новата влада имаат барања за поделба на ресорите и позициите, а тоа е она што пресудно го забавува овој процес и од што зависи дали и кога ќе се постигне договор“, вели Пејовиќ.

И политичката аналитичарка Ана Ненезиќ смета дека клучниот предизвик лежи во распределбата на ресорите, каде секоја партија се бори за што поголемо влијание. „Разочарувачки е што сложеноста на преговорите не е предизвикана од конфликти на визии за тоа како Црна Гора да се извлече од долгорочна општествено политичка криза, да се приближи до Европската унија и да се зајакне социо-економската положба на граѓаните, туку како по длабочина да се обезбедат што е можно повеќе ресори и позиции, па дури и тогаш кога го немате потребниот кадар во вашите редови кој би гарантирал добри резултати“, вели Ненезиќ за ДВ.

Минимална или тропеттинска поддршка?

Иако Спајиќ технички може да формира влада со минимална поддршка од 41 претставник, Ненезиќ посочува дека поголема, идеално со 49 претставници, би обезбедила стабилност и би овозможила деблокирање на судството и забрзување на интеграцијата во ЕУ.

„Доколку се одлучи да соработува со партиите на поранешната ДФ, ќе се соочи не само со можното неодобрување на меѓународната заедница, која е резервирана кон тие партии, туку и со малцинските партии, кои веќе изразија неподготвеност да учествуваат во коалицијата. Спајиќ тогаш би имал силен предизвик и на меѓународен план и во Црна Гора“, смета Ненезиќ.

Црна Гора | парламент
Парламентот на Црна Гора брои 81 пратеничко место - за мнозинство се потребни 41 глас, а за реформи многу повеќеФотографија: Risto Bozovic/AP/dpa/picture alliance

Пејовиќ вели дека мандатарот има исклучително тешка задача, бидејќи поддршка од 41 пратеник не е пожелна поради реформските процеси и стабилноста, а, од друга страна, не му останува опција за тропеттинска поддршка од најмалку 49 пратеници, освен ако не влезе во коалиција со ЗБЦГ.

„Не можеме да очекуваме кохезивно делување, јасна политичка волја и одлучност за конкретни резултати на европскиот пат, доколку коалицијата ЗБЦГ биде дел од новата влада“, смета Пејовиќ.

Иако не експлицитно, против влез на коалицијата За иднината на Црна Гора се водечки членки на Европската Унија и Соединетите Американски Држави. Тие бараат новата влада да биде составена од партии кои јасно ја осудуваат руската агресија врз Украина, поддржуваат санкции против Русија и соработуваат со независната држава Косово. Инаку, ЗБЦГ иницираше процес на „отпризнавање“ на независноста на Косово во некои општини каде што е на власт. Други информации говорат дека Западот наводно би можел да „замижи“ пред влезот на ЗБЦГ, доколку не ги покреваат овие прашања, што тие во повеќе наврати и го најавуваа.

И Ненезиќ вели дека ставовите на ЗБЦГ за клучните глобални и регионални прашања предизвикуваат загриженост кога станува збор за меѓународната позиција на Црна Гора. „И покрај јасниот став на меѓународната заедница, се чини дека поранешните партии на ДФ не направија ништо за да ја смират претходната реторика, да воспостават соработка со меѓународните партнери и со тоа да станат конструктивни. Јасно е дека вклучувањето на таа коалиција носи одредени ризици, за кои Спајиќ е свесен. Доколку се реши на тој чекор, ќе мора да ја преземе целосната одговорност за сите последици“, вели Ненезиќ.

Црна Гора, Влада | Андрија Мандиќ  и Јаков Милатовиќ
Еден од лидерите на ЗБЦГ, Андрија Мандиќ (л.) со претседателот на Црна Гора Јаков МилатовиќФотографија: Press Bureau of the President of Montenegro

Три варијанти на идната влада

Нашите соговорници ги прашавме и што за процесот на евроинтеграции и приоритетите што ја чекаат новата извршна власт би значеле следните варијанти на Владата: 1) ПЕС-Демократи и малцински партии; 2) ПЕС-Демократи и ЗБЦГ; и конечно влада во која би биле вклучени сите тие партии?

„За процесот на евроинтеграции и реформи неопходна е само хомогена коалиција која би имала поддршка од најмалку 49 пратеници, односно чии партии дејствуваат во иста насока - јасна геостратешка определба на Црна Гора како членка на НАТО и идна членка на ЕУ. Влада составена од ПЕС, Демократите и малцински партии би била само замена за техничката влада. Речиси иста би била ситуацијата и со коалицијата на ПЕС, Демократите и ЗБЦГ, со тоа што коалицијата со ЗБЦГ нема да има поддршка од западните партнери. На крајот, коалицијата на ПЕС, Демократите, малцинските партии и ЗБЦГ би ја имала потребната двотретинска поддршка за да го доведе процесот на европска интеграција до својата цел, со неизбежен услов да постои политичка волја и хетерогеноста на таквата коалиција да не влијае на носењето на важни одлуки на европскиот пат“, вели Пејовиќ.

Ненезиќ смета дека треба да се формира влада во која ќе бидат вклучени оние актери кои имаат западна ориентација и не се подготвени на компромиси во тој поглед. „Владата на ПЕС, Демократите и малцинските партии би гарантирала токму таков пристап, но го нема потребното мнозинство за непречено спроведување на реформите. Јасно е дека тука би било најбезбедно да се вклучи повеќе УРА, како граѓанска партија, и помали партии собрани околу ДПС-коалицијата. Но, и тоа сценарио носи одредени предизвици поради дејствувањето на тие партии во претходните влади, постигнатите резултати, одредени контроверзии и нерасчистени работи“, додава Ненезиќ.

Поради сите овие непознаници, се поставува прашањето дали идната влада, кој и да ја формира на крајот, ќе биде стабилна на долг рок.

„Многу е тешко, речиси невозможно, да се очекува стабилност на влада која не се заснова на заеднички програмски принципи, туку на обиди на различни начини да се дојде до посакуваниот број пратеници“, оценува Пејовиќ.

„Ако владата може да изгради широк консензус околу клучните политички прашања и да одговори на потребите на граѓаните, шансите за нејзина долгорочна стабилност ќе бидат поголеми. Друг важен фактор ќе бидат добрите односи со клучните партнери и успехот во продолжувањето на интеграцијата во ЕУ“, смета Ненезиќ.

Мандатарот Милојко Спајиќ има уште два и пол месеца да формира Влада. Ако тоа не успее, следуваат нови избори.