1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нов почеток за Црна Гора

Кено Верзек
4 април 2023

По три децении, во Црна Гора завршува ерата на долгогодишниот автократски владетел Мило Ѓукановиќ. Новиот претседател Јаков Милатовиќ е млад, добро образован, проевропски настроен, но и политички неискусен.

https://p.dw.com/p/4PfWr
Наздравување за државната функција: новоизбраниот претседател на Црна Гора Јаков Милатовиќ на 2 април 2023 година во Подгорица
Наздравување за државната функција: новоизбраниот претседател на Црна Гора Јаков Милатовиќ на 2 април 2023 година во ПодгорицаФотографија: Marko Djurica/REUTERS

Славенички демонстрации и огномет на улиците во Црна Гора, говори на политичари со големи зборови како: крај на диктатурата, промена на епохи, почеток на нова ера. Во сенката на светската криза, која Русија ја покрена со војната против Украина, малата Црна Гора, која има приближно исто толку жители колку еден просечен голем европски град - околу 620.000 - го доживеа еден од најважните денови во својата историја во неделата, на 4 април 2023 година: Претседателот Мило Ѓукановиќ, кој е на власт во различни функции повеќе од три децении, убедливо загуби на претседателските избори од младиот економист Јаков Милатовиќ. Ова значи фундаментална промена, која многу Црногорци одамна ја посакуваат.

Мило Ѓукановиќ, кој настапи со избориот слоган „Кој друг?, доби само околу 40 отсто од гласовите на вториот круг на претседателските избори, кој беше неопходен по првиот круг гласање пред две недели. Неговиот противкандидат Јаков Милатовиќ освои околу 60 проценти - резултат кој беше далеку појасен отколку што предвидуваа многу анкети.

За 61-годишниот Мило Ѓукановиќ тоа е пораз од историски размери - за Црна Гора симболичен почеток на нова ера. „Мило“ владееше со малата земја во различни функции повеќе од 30 години и беше еден од автократите со најдолг стаж во Европа. Тој воспостави корумпиран, клиентелистички систем во Црна Гора, од кој тој самиот, членовите на неговото семејство и блискиот круг на пријатели и членови на неговата Демократска партија на социјалистите (ДПС) имаа најголема корист, а во кој инаку можеше само да се учествува со членска книшка на ДПС .

"Мило. Кој друг?" Изборен плакат за долгогодишниот владетел Мило Ѓукановиќ во црногорскиот главен град Подгорица
"Мило. Кој друг?" Изборен плакат за долгогодишниот владетел Мило Ѓукановиќ во црногорскиот главен град ПодгорицаФотографија: Radomir Krackovic/DW

Западот ја игнорираше корупцијата во Црна Гора

Некогаш сојузник на Слободан Милошевиќ, во подоцнежните години вешто се претставуваше како проевропски, водејќи ја Црна Гора кон независност, подоцна во НАТО и на патот кон интеграција во ЕУ. На Запад, од друга страна, беше игнорирана неговата вмешаност во перење пари, организиран криминал и корупција.

Колку историски и психолошки е важен пресвртот, кој се случува со неизборот на Ѓукановиќ за Црна Гора и за нејзиниот народ, како и за целиот регион  - впрочем, две генерации пораснаа со него на власт - толку е неизвесна и иднината за „Земјата на црните планини“. Иако, шефот на државата во Црна Гора нема далекусежни извршни овластувања, сепак , бидејќи Ѓукановиќ во минатото владееше првенствено неформално како претседател, функцијата има голема симболична моќ.

Откажување од кариерата како економист

Сега на таа функција ќе стапи млад политичар, кого дури и на многу набљудувачи во земјата им беше тешко да го проценат. 36-годишниот Јаков Милатовиќ, оженет и татко на три деца, е економист, студирал во Оксфорд и добил стипендии за истражување во Австрија, Италија и во САД. Досега главно работел во меѓународниот банкарски и финансиски сектор, вклучително и во Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) во Букурешт и добро ги познава макроекономските проблеми на Југоисточна Европа. Тој има помалку искуство во навигирањето низ тешките и опасни политички води на Црна Гора и регионот на Западен Балкан.

Новиот и претседателот во заминување: Јаков Милатовиќ и Мило Ѓукановиќ
Новиот и претседателот во заминување: Јаков Милатовиќ и Мило ЃукановиќФотографија: Filip Filipovic/Getty Images; Petr David Josek/picture alliance/AP

Кога ДПС на Ѓукановиќ ги загуби парламентарните избори во август 2020 година, Милатовиќ се откажа од својата кариера во меѓународниот банкарски сектор и влезе во црногорската политика, прво како министер за економски развој, сѐ додека владата на премиерот Здравко Кривокапиќ, на која и припаѓаше, не падна пред една година. Набргу потоа, заедно со неговиот поранешен колега од владиниот кабинет Милојко Спајиќ, тој ја основа либералната партија „Европа сега!“.

Контроверзното „српско прашање“

Пред само неколку недели, во февруари 2023 година, Милатовиќ ја поднесе својата кандидатура за претседателските избори. Неговиот партиски колега Спајиќ претходно беше исклучен од претседателската трка бидејќи има и српско државјанство. Во Црна Гора, двојното државјанство е причина за исклучување од кандидатура за функцијата на шеф на државата. Во меѓувреме, Спајиќ поднесе барање за откажување на српско државјанство.

„Српското прашање“ е, исто така, главна контроверза во агендата на новиот претседател. Иако Милатовиќ нема многу кон симпатии српскиот десничарски националистички претседател, Александар Вучиќ, се вели дека има одредена блискост со Српската православна црква (СПЦ). СПЦ има големо општествено влијание во Црна Гора. Околу една третина од жителите се гледаат себеси како црногорски Срби. Но, голем дел од оние кои се дефинираат како Црногорци (околу 48 проценти), исто така, се вбројуваат меѓу верниците на СПЦ. Формално, СПЦ не ја доведува во прашање независноста на Црна Гора. Таа се залага за блиски врски меѓу Црна Гора и Србија.

Јоаникије (во средина), митрополит на Српската православна црква во Црна Гора
Јоаникије (во средина), митрополит на Српската православна црква во Црна ГораФотографија: Risto Bozovic/AP/picture alliance

За „европска Црна Гора“

Односот со Србија е и најголемата спорна точка во црногорската политика. Сепак, десничарските националистички и десничарските екстремистички просрпски партии го губат влијанието во Црна Гора. Дури и многу црногорски Срби се противат на големосрпските амбиции на Александар Вучиќ. Во земјата веќе нема значаен тек против независноста на Црна Гора. Милатовиќ, исто така, нагласува дека ја поддржува независноста на неговата земја и гласал за неа на референдумот во 2006 година. Иако со него нема да има „враќање во Србија“, тој барем пред извесно време се занимаваше со „српското прашање“ на начин што изненадува: како министер за економија, на пример, тој ентузијастички на Твитер напиша за средбата со митрополитот на Српската православна црква во Црна Гора, Јоаникије, на која двајцата разговарале за планот за зголемување на наталитетот.

Во меѓувреме тој е порезервиран: во интервјуата вели дека се стреми кон подобри односи со Србија, но нагласува дека неговата прва посета во странство нема да биде во Белград, туку во Брисел. Според Милатовиќ, негова примарна цел и барањето на неговите гласачи е „подобра и европска Црна Гора“ - и дека Црна Гора ќе стане членка на ЕУ за пет години.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема