1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарија ќе изгради 2,5 км. до РСМ најдоцна до 2030 година

22 октомври 2024

Очигледно и на бугарската политика не и недостасува демагогија, коментира поранешниот премиер Љубчо Георгиевски за „брзината“ со која Софија ќе го гради нејзиниот дел од „приоритетниот“ Коридор 8.

https://p.dw.com/p/4m4xP
Железничка пруга во Бугарија
Железничка пруга во БугаријаФотографија: BGNES

Потврда за дилемите на македонскиот вицепремиер и министер за транспорт, Александар Николоски, околу сегашната (не)подготвеност на Бугарија за железничко поврзување на Коридорот 8, стигна директно од неговата бугарска колешка, барем во однос на временската рамка планирана за изградба на тунелот од бугарска страна.

„Најдоцна до 2030 година целосно ќе биде завршен тунелот од бугарска страна по Коридорот 8, најави бугарската министерка за транспорт, Красимира Стојанова, во емисијата „Брисел 1“ на „Бугарија ON AIR".

Таа потенцира дека тоа повеќе пати им било кажано на властите во Скопје, вклучително и на состанокот на 16-ти октомври во Брисел, на кој присуствуваа експерти на ЕК и претставници на Софија и Скопје на заменик- министерско ниво, како и претставници од финансиските институции ЕИБ и ЕБОР.

„Во однос на поврзувањето на двете граници, Бугарија во моментов ја има изградено целата железничка инфраструктура, при што останува неизградена една делница од околу 2,5 километри. Нашата земја има обезбедено финансирање за тоа. До крајот на 2024 година ќе биде готов техничкиот проект, а нашата земја ќе биде подготвена најдоцна до 2030 година да ја изгради делницата од Гуешево до границата со РСМ. За жал, не гледаме гаранции и јасни рокови кога колегите од РСМ ќе го изградат својот дел во делот од Крива Паланка до границата со Бугарија“ изјави Стојанова.

Железничка станица во Бугарија
Железничка станица во БугаријаФотографија: BGNES

Неспоредливи обврски

За разлика од бугарските 2,5 километри, за кои се уште не е готов техничкиот проект, трасата од македонска страна до границата со Бугарија има 89 километри. Првата делница на пругата е од Куманово до Бељаковце во должина од 31 километар, втората е од Бељаковце до Крива Паланка во должина од 34 километри и тие се градат согласно со предвидената динамика. Третата делница - од Крива Паланка до границата е најтешка и најскапа, бидејќи во должина од 23 километри се проектирани 24 тунели и 51 мост. Тоа значи дека на секој километар треба да има по еден тунел и два моста, како и железнички станици кај Крива Паланка и кај село Жидилово. Тендерот за таа делница пропадна, а беше најавено дека нема повторно да се распише во истата форма, бидејќи тоа што е понудено е неизводливо за реализација. 

По минатонеделната средба во Брисел, каде двете земји генерално ја потврдија посветеноста на Коридорот 8, македонското Министерство за транспорт соопшти дека Македонија не се откажува од поврзувањето со пруга кон Бугарија, но не може да се прифати реализација на проект кој што завршува во тунел за кој во Бугарија нема проект, ниту пак има извесност од бугарската страна дека се преземаат активности за железничко пооврзување.

„Единствен услов прифатлив за Македонија за реализација на овој проект е доколку Бугарија започне со проектирање на тунелската цевка и двете земји и Македонија и Бугарија заеднички да извршат пробивање на тунелот со што овој проект би имал смисла и би се остварила целта на регионална интеграција како дел од европската транспортна мрежа“, наведе македонското Министерство за транспорт.

Македонскиот министер за транспорт, Александар Николоск
Македонскиот министер за транспорт, Александар НиколоскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Оттаму посочуваат дека „мора да има нов повик кој би бил заеднички проект спроведен од Македонија и Бугарија со цел во исто време да се гради пругата, во духот на добрососедството.

„Исто така мора да се ревидира и цената, бидејќи сметаме дека е превисока“, соопштија Министерството.

Бавен приоритет"

Бугарската министерка посочува дека кај нив бил изграден дел од прекуграничниот тунел „Деве Баир“ уште во 1948 година.

„Така што, нивните обвинувања (од РСМ -н.з.) дека Бугарија ништо не изградила, дека Бугарија не е подготвена и дека затоа нема да дадат парите на даночните обврзници да одат непромислено, категорично не одговараат на вистината“, вели Стојанова.

Таа изрази и изненадување зошто во РСМ се зборувало за корупциски проекти.

„Дали некој мисли дека финансиските институции со таков авторитет (ЕИБ и ЕБОР) би инвестирале во коруптивни проекти?“, рече Стојанова, додавајќи дека нема објаснување за тоа.

„Она што јас не го разбирам, е зошто колегите од РСМ ги лишуваат нивните бизниси и нивните сограѓани да имаат пристап до повеќе пазари, до поголема конкуренција, до побрзо движење“, праша Красимира Стојанова, наведувајќи дека Коридорот 8 е приоритет за Бугарија, а се надева дека ќе биде приоритет и за Северна Македонија.

Поранешниот македонски премиер Љубчо Георгиевски
Поранешниот македонски премиер Љубчо ГеоргиевскиФотографија: DW/P. Stojanovski

Брзината со која Бугарија планира да го реализира „приоритетот" ја коментираше и поранешниот премиер Љубчо Георгиевски.

„Ја слушам министерката за транспорт на Бугарија. Нивните 2.7 километри од пругата за Коридорот 8, ќе ги доправеле ‘најдоцна до 2030'!?! Инаку сега сме 2024. Очигледно и на бугарската политика не им недостасува демагогија“, коментира тој во статус на Фејсбук.

Премиерот Мицкоски во неколку наврати предупеди дека „на памет не му паѓа да потроши 550 милиони евра на даночните обврзници за пруга која што завршува во слепа улица на половина тунел, без предвидлива иднина, а која на основа на црвен Фидик, со пенали може да дојде до 750 милиони евра“.