1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пругата кон Бугарија во слепа улица, фокус на Коридорот 10

23 јули 2024

Половина милијрада евра предвиделе за пруга која ќе заврши во слепа улица - тоа нема да го потпишам додека сум премиер, најави Мицкоски за железничката делница од Крива Паланка до Бугарија

https://p.dw.com/p/4icHM
Symbolbild Verfall von Bahngleisen
Фотографија: Fotolia/mlehmann78

Интерконекторот со Грција и модернизација на пругата на Коридорот 10 се дел од проектите за кои премиерот Мицкоски очекува да бидат одобрени средства од ЕУ со т.н. План за раст.

„Очекувам да се финансира интерконекторот со Грција. Наместо да се пролонгира или да ретендерира, очекувам да се реализира. Сега од финансиската институција велат дека требало да се ретендерира. Зошто? Послед 9 месеци констатирале пропусти во тендерската документација. Сега тој е со една цена. Што доколку после ретендерирањето најповолната понуда е за 15 до 20 милиони евра поскапа? Како ќе излезам јас пред граѓаните?“, рече Мицкоски во интервју на ТВ Телма. 

Тој обелодени кој проект во моментов нема да продолжи – тоа е третата фаза од изградбата на пругата кон Бугарија, дел од транспортниот Коридор 8.   

„Имавме проблем со некои од обврските кои знаеме дека не можеме да ги исполниме. Нашето досие е затворено и сега чекаме одобрување од Европската Комисија. На памет не ми паѓа да продолжам да ги реализирам дел од проектите кои ги преземала претходната влада. На памет не ми паѓа да потрошам 550 милиони евра за пруга која што завршува во слепа улица на половина тунел, без предвидлива иднина како ќе биде понатаму до Црно Море, на основа на црвен Фидик, што значи дека со пенали може да дојде до 750 милиони евра. Половина милијарада пари на граѓаните предвиделе да ги потрошат за пруга која ќе заврши во слепа улица. Тоа нема да го потпишам никогаш додека сум претседател на Владата. И затоа ги замолувам тие пари да ги потрошиме во модернизација на пругата на коридорот 10“, рече Мицкоски.

Најтешката и најскапа делница

Со планираната модернизација се очекува да се овозможи поголема брзина на возовите, да се зголеми буџетот на јавното претпријатие ‘Македонски железници - Инфраструктура’, да се купат 5 нови локомотиви и да има повеќе композиции.

Најавата на Мицкоски дека не е изненадувачка, со оглед дека министерот за транспорт Алекдсандар Николоски уште пред еден месец алармираше дека вредноста на третата фаза од пругата кон Бугарија е зголемена за 220 милиони евра од првично планираните планираните 340, што значи дека со 560 милиони евра за вкупно 23 километри пруга, еден километар ќе чини 24 милиони евра. Но, скапиот километар не е единствениот проблем.

Северна Македонија | Христијан Мицкоски
Мицкоски: На памет не ми паѓа да потрошам да 550 милиони евра за пруга која што завршува во слепа улица на половина тунелФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Се работи работи за железничка пруга која треба да оди од пред Крива Паланка до граница со Бугарија. Железничка пруга која поминува буквално среде Крива Паланка, треба десетици, а можеби и стотици куќи да се рушат, да се иселува население. И најбитно - завршува во тунел кој што нема крај, во услови кога Бугарија нема направено ни проект за железничко поврзување со Македонија. Бугарија има железница, но таа е на неколку километри од границата со Македонија. И воопшто е прашање дали тие тоа би го испроектирале на овој начин?, рече министерот за транспорт.

Тунел и два моста на секој километар

Првата делница на пругата е од Куманово до Бељаковце во должина од 31 километар, втората е од Бељаковце до Крива Паланка во должина од 34 километри, и третата од Крива Паланка до границата со Бугарија. Третата фаза и претходно беше презентирана како „најтешка и најскапа делница“, бидејќи во должина од 23 километри беа проектирани 24 тунели и 51 мост, што значи дека на секој километар треба да има по еден тунел и два моста, како и железнички станици кај Крива Паланка и кај село Жидилово.

Бугарските медиуми ја преносоа веста дека македонскиот премиер нема да потпише изградба на пруга која завршува во слепа улица.

„Проектот не е во програмата на новата Влада на Северна Македонија, но е во извештајот на државната ревизорска институција во кој се вели дека планирањето и подготовката на третата фаза ‘трае премногу време и постои висок ризик од губење на ИПА грантови во износ од 60,765 милиони евра и идни фискални последици поради потребата од обезбедување дополнителни средства од државниот буџет'", објави БТА.

Новинската агенција потсетува дека транснационалната транспортна оска Исток-Запад (Коридор 8) се протега од пристаништето Бари во Италија до пристаништата Варна и Бургас во Бугарија. Централниот дел на овој 315-километарски паневропски коридор минува низ Северна Македонија - Кичево, Скопје, Куманово, Бељаковце и Крива Паланка, но дека нема железничка врска од Кичево до границата со Албанија и од Куманово до границата со Бугарија.