Јовановиќ: Поважно од стагфлацијата е што ќе стори државата
5 октомври 2022Македонската економија може да влезе во стагфлација, предупреди Светска банка во есенскиот извештај. Со оглед на ризикот од стагфлација (забавен или низок економски раст, проследен со високи стапки на инфлација), земјата ќе мора да почне со реализација на реформите кои можат повторно да го зајакнат растот на среден рок.
„Точно е дека Светска банка во најновиот извештај спомнува ризик од стагфлација за Македонија, но всушност нивните прогнози се прилично оптимистични“, вели за Дојче веле Бранимир Јовановиќ одВиенскиот институт за меѓународни економски студии. Тој наведува дека за оваа година Светската банка прогнозира раст од 2.1%, а за наредната од 2.7%, што воопшто не е лошо.
„Нашиот институт, на пример, уште во јули за оваа година прогнозираше раст од само 1%, а за наредната, проекциите се уште пониски. Во јули веќе се забележува голем пад и кај индустриското производство и кај трговијата на мало – од околу 5%, што значи дека е реална можноста Македонија да забележи пад на БДП веќе во третиот квартал на годината“, укажува Јовановиќ.
Војната во Украина и енергетската криза ги замаглуваат изгледите за раст, инфлацијата се движи кон највисоко ниво на сите времиња, несразмерно намалувајќи ги реалните приходи на сиромашните. Со ограничен фискален простор, зголемен јавен долг и зголемени трошоци на финансирање, фискалната поддршка треба да се насочи кон најранливите, смета Светската банка.
Како да се ублажат негативните ефекти
Економскиот истражувач за Виенскиот институт се согласува дека оваа година и наредната ќе има забавен економски раст, можеби и стагнација. Несомнено е и дека инфлацијата ќе биде висока. За да се класифицира тоа како стагфлација, ќе биде потребно таа состојба да продолжи уште некое време.
„Никој не може да каже каква ќе биде 2024 година, тоа ќе зависи пред сѐ од војната во Украина, а во моментов никој не може кога и како војната ќе заврши“, дециден е тој.
Но, многу поважно од тоа дали ќе има стагфлација или не е – што треба државата да направи за да ги ублажи негативните ефекти.
„Првото што треба да го направи е да преземат мерки за контрола на инфлацијата, конкретно, преку замрзнување на цените на основните прехранбени производи и енергенсите. Земјите во соседството кои го направија тоа – Албанија и Србија – имаат најниска инфлација во регионот“, вели Јовановиќ.
Раст на платите
Второто што е потребно е да се поттикне е растот на платите, зашто без тоа, ќе се намалува куповната моќ на луѓето, па тие помалку ќе трошат, што дополнително ќе ја забави и економската активност. „Како трето, потребно е да се зголемат социјалните трансфери, особено за најранливите и најсиромашните, затоа што тие се оние кои се погодени најмногу од оваа криза“, посочува за ДВ Бранимир Јовановиќ.
Народната банка регистрираше просечна инфлација во периодот јануари – август годинава од 11,6 проценти на годишно ниво. Трошоците на живот во август годинава во однос на истиот месец лани се зголемени за 16,8 проценти, а цените на мало за 14,2 проценти. Со одлука на Владата, од јуни маржата за бел леб, шеќер и сончогледово масло е пет отсто во трговијата на големо и на мало, а за јајца, брашно, макарони и шпагети од тврда пченица, бел ориз и млеко 10 отсто. Одлуката со важење до крајот на септември е продолжена до крај на годината.
И покрај ограничувањето на маржите, цените во изминатиот период се вивнаа до небо. Како што растат цените, така се таложат и зголемениот број поплаки и незадоволството и кај граѓаните и кај бизнисите, кои се потешко се справуваат со негативните ефекти од кризата. Стопанската комора алармираше дека високите цени на струјата ќе доведат до затворање на многу други индустриски капацитети и отпуштање на вработените. Премиерот Димитар Ковачевски најави антикризни мерки насочени кон најранливите категории на граѓани.