1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новинарите како глинени гулаби - законски измени или бојкот

ДТЗ
2 ноември 2022

ЗНМ и ССНМ апелираат пратениците да престанат со „политички игри“ и итно да ги усвојат законските измени со кои ќе се зголеми безбедноста на медиумските работници, а кои веќе 17 месеци се заглавени во Собранието.

https://p.dw.com/p/4Ix53
новинари
За три години се пријавени 25 напади врз новинари, од кои само два добиле судска завршницаФотографија: Fotolia/picsfive

И по пет години од покренувањето на иницијативата за измени на Кривичниот законик со кои ќе се зголеми безбедноста на новинарите и упорното барање на правдата, медиумските работници не само што не ја добија законската заштита, туку сѐ почесто се мета на напади и закани по нивниот живот.За три години се пријавени 25 напади врз новинари, од кои само два добиле судска завршница. 

На Меѓународниот ден за прекинување на неказнивоста на злосторствата против новинарите, Здружението на новинари (ЗНМ) и Синдикатот (ССНМ) од пред Законодавниот дом, каде веќе 17 месеци се заглавени законските измени на Кривичниот законик, апелираа до пратениците да „престанат со политичките игри“ и итно да ги усвојат амандманите со што ќе се овозможи поголема безбедност за новинарите и медиумските работници. Во спротивно, првиот човек на ССНМ, Павле Беловски, по Нова Година најави бојкот на фелата сѐ додека не ја добијат законската заштита.

Бескрајни политички игри

„Сега повеќе од кога било е потребно нападот врз медиумските работници да се третира како напад врз службено лице и да се направи поголем исчекор во оваа насока. Во услови кога новинарите, снимателите и фоторепортерите се изложени на напади и закани по нивниот живот, потребно е Собранието да демонстрира разбирање дека безбедноста на новинарите е предуслов за нивната работа да се врши на најпрофесионален начин, што не само што ќе обезбеди нивна безбедност при работата, туку ќе ја постигне и целта на постоењето на оваа важна професија, а тоа е непречено и навремено информирање на граѓаните“, вели претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски.

Пренесувајќи го гласот на медиумските работници кои секојдневно се борат за нивната безбедност, тој вели дека веќе 17 месеци се чека пратениците во Собранието да се одважат да се соберат за да ги изгласаат измените во Кривичниот законик. „Ако сме сигурни дека за ова има општествен консензус, несфатливо е што пратениците го одложуваат донесувањето на овие измени“, вели Чадиковски. Тоа, според него, укажува дека слободата на медиумските работници не е приоритет на ова Собрание.

протест новинари Скопје
Првиот човек на ССНМ, Павле Беловски, по Нова Година најави бојкот на фелата сѐ додека не ја добијат законската заштита (архивска фотографија)Фотографија: DW/K. Blazevska

Кршлива безбедност

Усвојувањето на овие измени е од јавен интерес затоа што безбедноста на новинарите во Северна Македонија е сѐ уште кршлива. Во 2020 година имало 14 напади врз новинари, од кои 8 врз новинарки. Само за два напади имаше судска пресуда. Во 2021 година имаше пет напади - три беа врз новинарки, а од почетокот на годината досега пријавени се 6 напади врз новинари и медиумски работници. Но, голем број од медиумските работници не ги пријавуваат нападите, што носи ризик од цензура и автоцензура.

Годинава има засилен тренд на напади врз новинари, особено онлајн напади. Според податоците од Јавното обвинителство, од 2014 година до денес се евидентирани 24 посериозни физички напади врз новинари, а само 4 се решени со правосилна пресуда во корист на новинарите.

Тренд во последните три години се онлајн заканите, но има и физички напади. Повеќето закани по живот се случуваат кон жени новинарки. Кога станува збор за физички пресметки или оштетување на опрема, тоа најчесто се случува на јавни протести, на поголеми собири, каде што одредени лица на тие протести таргетираат новинари, сниматели и фоторепортери. Во тие ситуации, или имаат физички контакт со некој од екипата, или ја уништуваат нивната опрема. На списокот на нерешени случаи на ЗНМ се наоѓаат 79 сериозни инциденти за повреда на права на новинарите.

Од пред собраниските врати, новинарите денеска побараа исправање и на неправдата нанесена на 27 април 2017 година,за време на инцидентите во парламентот, за кои уште нема пресуди за медиумските работници. „Новинарите се обесправени и во оваа постапка, за разлика од политичарите кои брзо ја добија својата правда“, велат од ЗНМ и ССНМ.

 „Се изнаслушавме декларативни заложби за слободата на медиумите, се обидовме на најразлични начини за да се надмине оваа ситуација. Резултат нема, нападите ги броиме, пријавуваме, но без резултат, што нѐ загрижува. Неказнивоста продолжува“, вели првиот човек на ССНМ, Павле Беловски.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема