Блинкен: „Одлучувачки момент“ во преговорите за Газа
19 август 2024Најновиот дипломатски обид на САД за постигнување договор помеѓу Израел и Хамас за ставање крај на војната е „веројатно најдобрата, можеби и последната можност“ за заложниците да се вратат дома, оцени американскиот министер за надворешни работи Ентони Блинкен кој е на Блискиот Исток. Блинкен зборува за „одлучувачки момент“ во преговорите за прекин на огнот во Појасот Газа.
Пред разговорите со израелскиот претседател Исак Херцог, Блинкен денеска (19.08) изјави дека Вашингтон работи и на тоа да не дојде до регионална ескалација на конфликтот. Првиот американски дипломат денеска ќе разговара и со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Во меѓувреме продолжуваат интензивните разговори за прекин на огнот во Газа и ослободување на заложниците. САД, Египет и Катар делуваат како посредници во низата индиректни преговори помеѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас.
Последната дводневна рунда разговори во Катар во петокот (16.08) заврши без поголем пробив, но преговорите би требало да продолжат и неделава во Каиро. Едно од нерешените прашања е судбината на границата помеѓу Газа и Египет. Израелскиот премиер Нетанјаху инсистира на тоа дека израелската армија мора да го контролира коридорот кој ја дели Газа од Египет. Хамас, пак, бара целосно повлекување на Израел од тој дел како предуслов за мир во конфликтот предизвикан од нападот од 7 октомври.