Благодарност и награда за војниците кои помагаа во Турција
20 февруари 2023„Нѐ направивте горди со помошта која ја дадовте во Турција“, им порача претседателот Стево Пендаровски на припадниците на АРМ кои денеска се вратија по 13 дена учество во спасувачката мисија по земјотресите во Турција. Министерството за одбрана организираше пречек на припадниците од специјалните сили на Армијата. Станува збор за армиски тим за заштита и спасување од Баталјонот за специјални сили, водачи и кучиња обучени за трагање, кои беа ангажирани во Кахраманмараш.
„Нашата Армија беше во првите пет кои стигнаа на лице место, 24 часа по земјотресот. Вашето пристигнувања на лице место беше, вашето залагање заедно со службените кучиња беше нешто што само може да се посака секогаш кога вежбате, тренирате за лошо и арно. Не постои никаква замерка, ниту од локалното население, ниту од другите“, рече врховниот командант на вооружените сили. Според Пендаровски, како членка на НАТО мора да се фокусираме на следната фаза, а тоа е помош на оние кои преживеаја.
„Македонскиот народ, сите македонски граѓани и помогнаа на Турција и ќе и помагаат и во иднина во каква било ситуација не затоа што сме членка на НАТО и сме формални сојузници, туку затоа што нашето пријателство, пријателството меѓу нашите народи трае со векови наназад и ќе трае со векови нанапред, така што сакам да ги уверам сите турски граѓани преку нивниот амбасадор тука и преку јавноста дека сме помагале и ќе помагаме“, рече Пендаровски.
Награда
Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, најави дека војниците коишто се вратија од спасувачката мисија, ќе добијат по една дополнителна плата во знак на благодарност. „Одлучивме дека треба да ги испратиме најобучените за справување со ваква тешка задача, извлекување на она што можеше да се спаси. Ви благодариме што го спасивте малиот Сулејман и му дадовте шанса. Одлучивме дополнително и покрај се што правиме, да ве наградиме и со дополнителна исплата на една просечна плата. Знам дека тоа не ви е достигнување и она што го имате во срцата не се купува. И затоа во секоја наредна мисија нѐ правите се поголеми“, кажа Петровска.
Турскиот амбасадор во Македонија, Хасан Мехмет Секизќок, се заблагодари на помошта и порача дека пожртвуваноста на македонските спасувачи е врежана во меморијата на турскиот народ.
Македонските војници учествуваа во извлекувањето на петгодишниот Сулејман од под урнатините во турскиот град Кахраманмараш. Ова е една од многуте спасувачки акции која што имаше среќен епилог по големата катастрофа која што ги зафати Турција и Сирија.